М-НАВ со реакција на изјавата на Тасевски дека може да ни се случи „Кочани 2“: Безбедноста на воздушниот сообраќај во ниту еден момент не е доведена во прашање

Македонски навигации реагира на тврдењата изнесени од Александар Тасевски, претседател на еден од синдикатите во рамки на компанијата, кој во своето гостување на 24 Телевизија минатата недела рече дека контролорите за летање работат со опрема од 1999-та и доколку во блиска иднина не се коригираат многубројните проблеми во склоп на компанијата може да се случи „Кочани 2“.

„Во врска со информациите изнесени од страна на Александар Тасевски, претседателот на ССКЛ еден од синдикатите кои делуваат во М-НАВ АД Скопје за време на неговото гостување на Телевизија 24 на 23.07.2025 година , сакаме јасно и одговорно да ја известиме јавноста дека безбедноста на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија ниту во еден момент не е доведена во прашање. Тасевски изнесува неточни, тенденциозни информации, ги извртува и вади од контекст. Неговиот настап на ТВ 24 нема допирни точки со синдикалното делување и заштита на работничките права во Друштвото. Напротив, истиот преку синдикатот се обидува да се меша во менаџирањето на компанијата, и истото го прави само кога политички му одговара, додека реалноста е дека во воздухопловството нема место за политиканство. Изнесените инфoрмации и лични ставови на Тасевски, за кои се сомневаме дека се ставови и на членовите на синдикатот за потенцијална опасност претставуваат не само неосновано ширење паника прво кај колегите контролори на летање дека системот со кој работат може во секој момент да откаже, а тие да бидат инволвирани во некакво си негово замислено сценарио на „Кочани 2“.

Шири страв и паника кај јавноста во Македонија и во странство. Неговите лични ставови го нарушуваат и угледот на Друштвото кое секојдневно вложува максимален напор за безбеден авио сообраќај и опслужува голем број на летови. Навигациската и другата техничка опрема и системи кои ги користиме редовно се одржуваат и надгледуваат согласно пропишани процедури. Тоа овозможува безбедно управување со воздушниот сообраќај. Како дел на европската мрежа на вооздушниот сообраќај задолжени сме со меѓународна регулатива и процедури секој безбедносен настан да го пријавиме до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство како независна регулаторна воздухопловна власт во РСМ“, реагираат од управниот одбор на М-НАВ.

Оттаму велат дека контролори за летање има доволно.

„Неточно е дека МНАВ става регулации заради недостаток на контролори. Контролори има доволно за да работат на постоечките работни позиции, исто така неточно е дека ќе можеме да отвориме нови работни позиции за опслужување на сообраќајот со имплементација на новиот систем, бидејќи менаџерите од претходната власт ја откажале градбата на нова зграда иако била дел од договорот за набавка на нов систем. Во неа биле планирани нови (повеќе на број работни позиции). Новиот систем кога ќе биде пуштен во употреба, ќе биде на старите работни позиции. Тие се 4 на број (3+1 резервна) и не може да се вработат уште десетици контролори на летање, бидејќи нема каде да работат. Реално никогаш до сега немало побарување Република Северна Македонија да ја прелетуваат 140 авиони на час. Споредбите на македонскиот воздушен простор и воздушниот простор на Албанија и Бугарија, се бесмислени. Тие се територијално поголеми пред се и имаат поголем воздушен простор над копно и над море. Во македонскиот воздушен простор ни со новата опрема таква каква што ја набавила претходната менаџерска структура од претходната власт, не може да се примат прелети во бројки кои ги споменува Тасевски, а да не зборуваме дека за тоа нема ниту толкави побарувања од компаниите, а нивните барање доаѓаат до М-НАВ преку Еurocontrol. Сегашниот менаџмент ги стави во смени скоро сите контролори на летање и ја зголеми можноста на М-НАВ да опслужува повеќе авиони во рамки на техничките лимити на системот кој се користи. Во првите 6 месеци од 2025 год. со добро планирање на контролорите на летање во смени, постигнато е зголемување на бројот на прелети за 12 % (за споредба во Европа таа вројка е 2-5 %). Македонија има и околу 20% зголемени приходи од прелетите споредено со 2024 год. Сегашниот менаџмент е поставен од новата власт пред 8 месеци и не може да прифати обвинувања за проблеми предизвикани од претходната власт. Треба време за решавање на реалните постоечки проблеми. Сегашниот менаџмент не лаже никого ниту во Македонија, ниту во Европа ниту во Европската организација за безбедност на воздушниот сообраќај Еurocontrol во која сме членка“, се вели во реакцијата на М-НАВ.

Back to top button
Close