Маѓар повтори дека Унгарија од следната година воведува данок на богатство
Унгарија од следната година ќе воведе данок на богатство, изјави денеска унгарскиот премиер Петер Маѓар, исполнувајќи го така предизборното ветување дека богатите ќе поднесат поголем товар од јавните обврски.
„Данокот од 1 процент ќе се применува на имотот што преминува вредност од една милијарда форинти (3,1 милиони долари), додека данокот се зголемува на 1,5 проценти за имотот над 100 милијарди форинти“, објави Маѓар на Фејсбук.
Маѓар убедливо победи на изборите во април откако остро ја напаѓаше корупцијата за време на шеснаесетгодишното владеење на Виктор Орбан, за време на кое се појави нова класа политички поврзани ултрабогаташи, вклучувајќи го и семејството на Орбан, пишуваат локалните медиуми.
– Имаше многу новопечени милијардери кои се обидоа да лобираат против данокот на богатство. Им предлагам чесно да си го платат данокот – рече Маѓар.
Предлозите за оданочување на богатството добиваат на сила од двете страни на Атлантикот, додека политичарите настојуваат да го зголемат финансирањето и да ја намалат нееднаквоста.
На најновата листа на богаташи на локалното издание на магазинот Форбс се наоѓаат 28 Унгарци со проценето богатство кое надминува 100 милијарди форинти. Лоринц Месарош, пријател на Орбан од детството кој работи во секторите банкарство, енергетика, туризам, градежништво и земјоделство, се најде на врвот на листата со имот проценет на 5,5 милијарди долари.
Данокот што го најави Маѓар би се плаќал еднаш годишно врз основа на даночна пријава што поединците сами ја поднесуваат, при што само оние со имот поголем од една милијарда форинти би морале да поднесат документација до 31 август следната година, врз основа на проценката на вредноста на имотот од крајот на 2026 година.
Маѓар не прецизираше колкав приход владата проектира да оствари од данокот на богатство, но тој ќе биде дел од исчекуваниот нацрт-буџет за следната година, чие објавување се очекува до 15 октомври, а кој се смета за тест за посветеноста на владата кон буџетска консолидација.
Маѓар вети дека ќе го намали буџетскиот дефицит на 3 проценти од бруто домашниот производ до 2030 година со цел да ги исполни критериумите за еврото, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на долгот и дефицитот.






