Maџар: Унгарија за три недели го постигна она што Орбан не можеше за десет години

Од заробена држава до дипломатски триумф

Кога една држава со години тоне во автократија, се чини дека промените се невозможни. Но, најновите политички случувања во Унгарија покажуваат дека кога граѓаните ќе се кренат за себе и за својата иднина, ослободувајќи се од стегите на еден режим, прогресот може да дојде со неверојатна брзина.

Дека демократското будење носи брзи и конкретни резултати, најдобро сведочи најновата изјава на новиот унгарски лидер Петер Маџар, кој објави историски договор со соседна Украина – прашање кое претходната власт со години го користеше исклучиво за популизам и блокади.

„За само три недели го постигнавме она што Виктор Орбан и неговата влада не успеаја да го постигнат за десет години“, потенцира Маџар во својата објава, нагласувајќи ја драстичната разлика во ефикасноста на новото раководство.

Тој открива дека е направен клучен, историски чекор за правата на нивните сонародници надвор од границите. „Постигнавме сеопфатен договор со Украина за проширување на јазичните, образовните, културните и политичките права на повеќе од 100.000 припадници на унгарското малцинство во Закарпатија.“ Овој успех не е резултат на уцени, туку на, како што се наведува во текстот, „неколкунеделни интензивни преговори на техничко ниво меѓу Унгарија и Украина“, во кои биле вклучени и политичките и верските организации на унгарското малцинство.

Резултатот е брз и конкретен: „Украинската влада се обврза во блиска иднина да ги вгради договорените мерки во својот правен систем. Како резултат на тоа, унгарското малцинство ќе ужива значително пошироки образовни, културни, јазични и политички права од претходно.“

За разлика од деструктивната политика на постојани вета на Орбан, новиот пристап кон надворешната политика и Европската Унија е прагматичен, но принципиелен. Договорените обврски ќе станат дел од акцискиот план на Украина кон ЕУ.

Маџар е јасен: „Доколку тоа се случи, унгарската влада ќе го поддржи отворањето на првиот пристапен кластер на Украина.“

Сепак, новата власт не отстапува од владеењето на правото и строгите критериуми кога е во прашање проширувањето на Унијата.

„Унгарија продолжува да се спротивставува на забрзаното пристапување во ЕУ. Доколку Украина успее да ги затвори сите 33 пристапни поглавја во следните 10 до 15 години, Унгарија ќе го поддржи пристапувањето на Украина, под услов да се одржи правно обврзувачки референдум.“ Овој дипломатски пробив е многу повеќе од обичен меѓудржавен договор.

Со години, Унгарија под власта на Виктор Орбан функционираше како пример за заробена држава. Институциите беа под целосна контрола на власта, додека крупниот капитал завршуваше исклучиво во рацете на новосоздадената олигархија и моќниците блиски до премиерот.

Слободите и правата на граѓаните беа систематски ограничувани, а медиумскиот мрак стана секојдневие. Тој е лекција за цела Европа – доказ дека дури и државите кои длабоко загазиле во корупција, олигархија и меѓународна изолација, можат брзо да се вратат на вистинскиот пат. Потребно е само граѓаните да ја препознаат својата моќ, да ги срушат автократските окови и да изберат иднина наместо страв. Тогаш, прогресот кој изгледал недостижен со децении, станува реалност за само три недели.

Back to top button
Close