Маљас:  За ситуацијата во Северна Македонија одговорност имаат и некои држави од ЕУ

Постои одговорност и кај конкретни држави од Европската Унија, вели поранешниот амбасадор на Грција во Скопје Александрос Маљас за грчката телевизија „Скај“, анализирајќи ги случувањата кај нас и објасни дека актуелната ситуација се должи и на неуспехот на некои земји од ЕУ да дадат зелено светло за пристапни преговри, јави дописничката на МИА од Атина.

-Се наоѓаме во фаза, која би рекол дека беше предвидлива, по неуспехот на некои земји членки на Европската унија да „дадат зелено светло“ за пристапните преговори, кои беа еден од многу силните мотиви за потпишување на Договорот од Преспа и секако за ратификацијата од Собранието во Скопје.  Дозволете ми да кажам дека постои одговорност на конкретни држави од Европската Унија, рече Маљас.

За гласањето недоверба на Владата во четврток, искусниот амбасадор објасни дека не е во позиција да го предвиди исходот и „како ќе гласаат пратениците од албанските партии“.

-Но, она што можам да го кажам со голема доза на сигурност, бидејќи бев амбасадор во Скопје, е дека сите албански партии како услов за соработка со ВМРО и со ДУИ на Ахмети, ќе го постават нераскинувањето на Договорот од Преспа. Спроведувањето ќе биде проблематично, истакна Маљас за „Скај“.

Во однос на Договорот од Преспа, објасни дека има две особености, едната е дека важи засекогаш, односно на неодредено време и втората е дека никој не може да го раскине.

Одговарајќи на прашањето што ќе се случи доколку новата Влада е од ВМРО-ДПМНЕ и штом не може да го раскине договорот, едноставно да не го почитува, Маљас објасни дека „терапијата за прекршувањето на договорот е многу нецелосна“ и постојат три нивоа што би следеле.

-Што вели Договорот од Преспа? Прво Атина ја информира другата страна дека според нашето мислење,  го прекршува договорот и ќе треба другата страна да одоговори. Второто ниво е Генералниот секретар на ОН, кој претпоставувам, со многу голема тешкотија би сакал лично да започне да се вмешс во прашање кое смета дека е завршено. И третото е тужба до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, или заедничка или ако Северна Македонија не сака да се согласи, можеме по шест месеци сами да се обратиме. Ова го предвидува договорот. За правдата за Грција во Хаг, ќе бидат потребни многу години, објасни Маљас.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close