Маџија

Оној што на овие избори ќе гласа за вмро, (намерно ги пишувам со мала буквa) или било која од нивните инкарнации од типот на левица или приврзочињата кои треба да одвлечат внимание, тој никогаш не бил ниту за правда ниту за мир.

Многумина се разочарани, можеби со право, а можеби само имаа преголеми очекувања од протестите што самобендисано ги нарекоа револуција,  очекувајќи дека после неа сѐ магично ќе се среди и дека, пред сѐ,  криминалците ќе бидат зад решетки и долго че си лежат.

Но, ете, за беља, не се средија работите и криминалците кој побегуља, кој само малку се пружи, колку да одмори, на затворските кревети. Повторно се сите на слобода и си продолжуваат со своите слободно-бизнис активности.

И сега разочарани од “овие ес-де-ес шо се на влас” ќе гласаат за овие криминалците повторно да се вратат и тие да си владеат по старо, „пошо порано, у нивно време, беше боље“.

Се прашувам зошто, токму поради тоа што, ете, судството не си ја изврши добро работата и не ги казни криминалците, зошто самите тие,  разочараните граѓани, не ги казнат со тоа што нема да гласаат за нив и да не им ја даваат моќта која тие бескруполозно ја злоупотребуваат? Зошто не ги испратат на буништето на историјата и со тоа самите тие, разочараните во правдата граѓани, ја направат најдобрата можна пресуда?

Не знам кој би можел, после онакви единаесет години владеење и после сите гадости што ги чувме во „бомбите“, да може да помисли вмро повторно да дојде на власт. Се чудам на моралниот компас на тие луѓе. Се чудам како немаат ни малку достоинство да се спротивстават на нивната отровна пропаганда која ги држи како маѓепсани. А можеби навистина маџИја е во прашање?!

Впрочем, како поинаку да се објасни таквото силно влијание врз “народот”,  кој се лепи на нивните лаги како мува на леплива трака од која повеќе не може да се ослободи, освен како дејствие на некаква маџИја на која тие “нагазнале”. Како успева партија која нема никаква визија, никакво конкретно решение за проблемите за кои нон стоп “предупредуваат”, никаква алернатива за ЕУ, која ете “не не сака” и постојано ни смислува нови услови, а сѐ само за да ни го уништи идентитетот, како успева да привлече воопшто некој со малку здрав разум да даде глас на неа? Па уште бараат 61 пратеник! Мора да е маџИја во прашање. Нема друго објаснување.

Хаарп и кемтрејлс сигурно не се, друго они прават. Добро, мене ми е јасно дека “народот” не може така лесно да се справи со вмровската маџИја, бидејќи таа е од висок квалитет и големо количество МАНА (читај кеш), е употребено за неа и прави на луѓето да им е убаво додека се под нејзино дејствие, а и волшебниците кои ја (рас)фрлаат се од висок ранг, но не ми се јасни оние мудросерковци, од кои не очекував да бидат подложни на маџИи, кога ќе почнат да ја вртат истата плоча, “не бе овие од ес-де-ес хаос направија, све упропастија” или ” за што ги гласавме?

Не донесоа ни правда ни ништо, судството со никогаш помала доверба.”

Мудросерковците како да не сфаќаат дека и судството е исто така под дејствие на вмровската маџИја и дека од неа на Правдата и се фатени рацете, клапнати, без сила да ги подигне кантарот и мечот, а оставена со превезот на очите, не може да види ништо наоколу. А “народот” вообичаено,  нема баш јасна слика као Правдата функционира. Тој сака таа само да удира со мечот, да го држи со двете раце, да казни колку да казни, што побрутално. “Народот” не сфаќа дека таквата “правда” не само што не е правда туку дека може и него да го сосече со истиот неконтролиран меч.

Без помош од европските шамани, специјализирани за тргање маџИи, тешко ќе може да ја тргнеме маџијата од судството. Неа не може да ја симнат нашите локални бајачки. На овие избори нема многу опции, всушност ги има само две: за или против европскиот пат.

Ако вмровската маџИја навистина биде толку силна и ги стави под свое поголемиот дел од гласачите, дури тогаш “народот” нема да види никаква правда, а и мирот може да биде дискутабилен.

Матеј Богдановски

Back to top button
Close