Мајка на еден од загинатите во Нови Сад почнува штрајк со глад

Дијана Хрка, чиј син Стефан (1997) е меѓу загинатите во трагедијата во Нови Сад, на денешниот комеморативен собир најави дека почнува штрајк со глад пред зградата на Собранието во Белград. Пред илјадниците присутни на собирот кај Железничката станица на Нови Сад, таа порача дека ова е борба која мора да ја истера докрај.

„Ова е мојата борба која мора да ја истерам докрај. Ја почнувам оваа борба сама. Се оградувам од студентите и почнувам штрајк со глад. Морам да го направам ова бидејќи е моја обврска. Морам да знам кој го уби моето дете, кој уби 16 луѓе. Мора некој да одговара за ова. Ќе штрајкувам со глад пред Собранието во Белград“, изјави Дијана Хрка.

Таа го повика српскиот претседател Александар Вучиќ да распише избори, а на студентите им заблагодари што, како што рече, ја одржуваат во живот.

„Денес е најтажен ден за сите нас, денес Нови Сад плаче, но јас се борам за веќе никогаш ниедна мајка да не заплаче, да не заплаче ниедна сестра, никој од нас никогаш да не заплаче“, изјави таа.

Денеска во Нови Сад се одржува комеморативен собир во знак на почит за лицата кои ги загубија животите по падот на натстрешницата на новосадската железничка станица што се случи на денешен ден пред една година. Животот го загубија 16 лица, а една од повредените сè уште е на болничко лекување.

Во Србија денеска е прогласен Ден на жалост.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close