Мајка на загинат 25-годишен во Чаир: „Ако нема правда, јас ќе ја земам во свои раце“
Слаѓа Хаџибулиќ, мајка на 25-годишниот Ален Чириковиќ, кој починал откако 12 дена бил во кома, јавно апелира за правда преку порака испратена до редакцијата на 4NEWS.mk. Таа тврди дека институциите молчат и дека никој не реагира на смртта на нејзиниот единствен син.
„Кажете кој е тој што го усмрти мојот син единец, Ален Чириковиќ. Никој не пишува, ниту се обраќа. Јас сум мајка. Ако нема правда, јас ќе пресудам,“ напиша таа во својата порака.
Хаџибулиќ објаснува дека трагедијата се случила на 9 мај, кога нејзиниот син паднал во кома. По 12 дена, на 21 мај, семејството го погребало, но, според неа, случајот не добил никакво внимание.
„За сите дигнавте фама, а што сум јас? Сè ќе дадам за мојот син единец, тој што шета слободен. За Фросина и Југослав дигнавте сè на нозе, јас цело Скопје ќе го дигнам,“ додава таа.
Во пораката, мајката потенцира дека верува во медиумите, но дека ова е „последен пат“ кога се обраќа. „Јас правда ќе превземам, пошто сите ќутат. Немам што да изгубам, го изгубив најмилото,“ завршува нејзиниот апел.