Мајка на жртва од „Пулс“: Зошто за пожарот не се гонат и актуелниот министер за економија и директорот на ДПИ?

Марија Петрушова, мајка на една од жртвите од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред Анкетната комисија во Собранието, токму за пожарот што се случи на 16-ти март. Таа истакна дека борбата за вистинска правда е борба за иднината на сите деца и генерации во државата.

Петрушова пред пратениците и функционерите потенцираше дека животите во „Пулс“ трагично згаснале поради неспособност, неодговорност и корупција која, како што рече, го опфаќа целокупниот систем на власт.

„Секој граѓанин мора да се запраша – што се случува со нашите животи ако вакво нешто може да се повтори? Каде е безбедноста што државата треба да ја гарантира? Ние сме овде за да бараме правда. Не можеме да останеме безгрижни. Нашето барање е овој случај да се третира како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот. Она што го доживеавме претставува системска опасност за сите граѓани.

Надлежност за случајот имаат МВР, БЈБ, СВР Штип, ОВР Кочани, инспекторката за економски криминал при ОВР Кочани, градоначалникот и општинските инспектори, ДПИ, Министерството за економија, УЈП, ДЗСИ, Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и низа други институции. Наместо да ги заштитат, системот ги остави нашите деца на немилост во објект кој работел незаконски и без соодветни безбедносни стандарди. Оваа трагедија е резултат на системски пропусти и негрижа“, рече мајката на една од жртвите.

Back to top button
Close