Мајка со порака до Мицкоски – Дојдете лично во Кочани, лице в лице со болката

Време е да покажете одговорност и човечност. Дојдете лично во Кочани. Запалете свеќа на гробовите на нашите убиени ангели. Не беа болни – беа убиени. Немате изговор да не бидете тука, со народот, со семејствата, лице в лице со болката. Ова е дел од пораката која до премиерот Христијан Мицкоски која ја објави Габриела Наунова, мајка на загинато девојче во пожарот во Кочани, а се шири на социјалните мрежи.

– Знаеме дека се видовте со дел од родителите, но другите не беа ни во психичка состојба да дојдат. Тоа не е оправдување за вашето физичко отсуство. Доста беше манипулации со нас. Ако имавте барем малку грам жал и човечност, како што го охрабрувате сопствениот син да продолжи напред – знаете дека патот ќе му биде тежок на Машински факултет – така и мојата ќерка имаше сон. Таа следната година требаше да матурира и да се запише на Економски факултет во Словенија. Наместо денес да ја бодрам и подготвувам за животот, со мајчинско, скршено, но борбено срце ветувам: Правдата за нејзиното убиство ќе биде тешка, но мора да излезе на виделина. Од таа кобна ноќ добивме само молк, игри и празни зборови. Народот не е глуп, бараме вистина, правда и одговорност – напиша Наунова на Фејсбук.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со најголем дел од родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани се има видено и како што рече ќе продолжи да се гледа, разговара и ќе им се помогне на семејствата на повредните.

– Апсолутно имаме организиран пристап и со родителите се видов, најголемиот дел од родителите и ќе продолжам да се гледам, да разговараме, да помагаме и за оние коишто се повредени и за оние коишто за жал ги загубија своите најмили- изјави Мицкоски.

Back to top button
Close