Мајката на Фросина побара максимална казна за Васил Јованов
Јас не сум мајка која го изгубила своето чедо, туку човек со откорната душа. Јас сум гласот на Фросина оти таа не може да зборува. Таа не беше прегазена, туку убиена на начин кој не може да се замисли, рече Камелија Кулакова, мајка на Фросина Кулакова која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин во Скопје.

Емотивното обраќање на мајката предизвика солзи кај блиските на младата девојка кои беа присутни во судницата на првото рочиште од судскиот процес против Васил Јованов, обвинет за прегазувањето на Фросина. Мајката ова го кажа откако се изјасни дека како законски застапник на Фросина се придружува на кривичниот прогон и ќе бара оштетно побарување, во граѓанска постапка.
„Возејќи пијан, без возачка дозвола, одминувајќи возила, ја удрил мојата Фросина со толкава брзина со што таа со главата ја скршила шофершајбната, се качила на покривот на возилата, а од силината била отфрлена и од ударот го скршила столбот од семафорот“,
рече мајката.
Таа сведочеше за повредите кои ги имала Фросина од ударот, а кои биле бројни и тешки.
„Кој член од законот може да го измери ова. Ова не е судење за сообраќајка туку за грабеж на живот, за убиство. Барам највисока казна, не одмазда, туку за правда и ниту едно дете да не го доживее ова. Покажете дека правдата има душа и дека законите имаат лице. Правдата нема да ми ја врати Фросинче, но ќе ми ја врати вербата дека нејзиниот живот не згаснал залудно и затоа барам максимална казна”,
рече мајката.