Мајката на Вања се огласи за прв пат по убиството на 14 годишното дете
Мајката на 14-годишната Вања Ѓорчевска, која пред речиси една година беше киднапирана и брутално убиена, преку својот адвокат до Судот достави емотивно писмо во кое ја споделува својата неизмерна болка и го нагласува единствениот непобитен факт во ова судење – дека Вања не е меѓу живите.
Во писмото, мајката појаснува дека јавноста со месеци внимателно ја следи истрагата, додека обвинетите негираат каква било вина и прибегнуваат кон разни теории на заговор и политички мотивирани одбрани. „Но, за жал еден факт останува непобитен: Вања ја нема. Ја киднапирале и ја убиле безмилосно“, стои во нејзината исповед
Таа се враќа на среќните денови кога го испраќала своето деветтоодделенче на училиште, полна со надеж и планови за полуматурата, зимување со другарчиња и проучување на стари филмови и светски знамиња. „Ја испратив до вратата и ѝ реков: ’Се слушаме, мама, подоцна’. Тоа беше последен пат да ја видам“, пишува мајката.
Со ова писмо, таа упатува апел – никој родител не смее да го доживее она што таа го преживеа: да чека враќање од училиште и да го најде детето во мртовечки сандак. „Вања не е број – таа беше живот со очи, глас и планови“, заклучува мајката, повикувајќи на правична и непристрасна пресуда.
Писмото во целост:
Се обраќам до судот, не како мајка туку и како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка. Скоро цела година целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар.
Во текот на процесот беа презентирани низа материјални докази и сведоштва, секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори. Но, за жал еден факт останува непобитен, Вања јa нема. Ја киднапирале и ја однеле, ја убиле безмилосно на најбрутален начин, детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан во светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи кај нас во Македонија не се случуваат, далечни ми беа. Но се случи и тоа токму мене на моето најмило и не смее да се повтори. Ниту еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав.
Да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак. Вања не е само број на жртва, Вања беше живот, со очи, со глас, со планови. Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветто одделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура. Правеше планови за зимнување и летување со другарчињата од одделението и подготвувајќи се за новите предизвици со кои требаше да се соочи.
Вања сакаше да гледа стари филмови од 70-тите и 80-тите ги знаеше знамињата и главните градови буквално на сите држави во светот. Кога ќе ја заинтересираше некоја тема ја проучуваше детално, наоѓајќи одговор за секое прашање. Ја сакаше историјата. Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште и тоа утро последното утро стана си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи се подготви за училиште. Ја испратив до врата и ѝ реков „Се слушаме мама подоцна“.
Тоа беше последен пат да ја видам. Вања не ја дочека полуматурата, не ги дочека ниту патувањата со соучениците не дочека ниту да ги искуси предизвиците
Цела генерација на деца, соученици на Вања, доживеаа силна траума од нејзината насилна смрт. Долгоочекуваната полуматура ја дочекаа во солзи, без волја да се забавуваат без својата другарка.
Вања остави зад себе шокирани и скршени родители, роднини, братучеди, а пред сѐ – сестра која не знае како да го продолжи својот живот беа неа. Двете растеа со верба дека што и да се случи, ќе се имаат една со друга.
Детето кое го одгледував со љубов, со грижа, со соништа. И тие соништа – сите до еден – се одземени. Со ладнокрвност. Со злоба. Со нечовечност. Мината е година и пол. Но, јас ја живеам таа кобна недела секој ден. Како може некој да покаже сила врз живот што допрва започнувал?
Овој судски процес не ми дава мир. Тоа е мојот секојдневен пекол. Ја буди траумата, тагата и ја врти лентата на болката одново и одново, како секој ден да ја погребувам Вања. Но, јас морам да бидам дел од процесот, не од избор, туку од нужност. Морам да сум дел од процесот заради Вања, но и заради сите мајки. Дали злото ќе добие казна што ја заслужува или ќе испратиме порака дека животот на дете не тежи ништо? Почитуван суде, вечерта кога ме однесоа за последен пат да си го видам своето мртво дете, низ плач му реков на инспекторот: „немојте да дозволите ова да се случи на друго дете“.
Сега, го упатувам истиот апел до вам – во оваа судница, не се суди само за убиството на Вања – туку се суди за правото на секое дете во оваа држава да живее. Да расте. Да сонува. Да не дозволите ова да се случи повторно. Вакво злосторство не смее да се толерира. Не смее веќе родители да плачат и да молат за правда. А јас сега молам за правда. Правда за Вања. Ви благодарм.