Мајо Даниловиќ – претставник на Србија на годинашните „Струшки вечери на поезијата“

Поетот од Белград, Мајо Даниловиќ, е учесник, претставник на Србија на овогодинешните „Струшки вечери напоезијата“.
Даниловиќ е еден од ретките странски гости присутни во Струга.
– Ова е љубов која трае повеќе од 50 години. Почнав да пишувам многу доцна, во моите 50-ти години. Пред тоа, СВП, за мене, беа поим за поезија. Сега е светски познат фестивал, исто така признат од УНЕСКО, со трагите и концептите што ги остави зад себе, градејќи мостови помеѓу луѓето и без предрасуди. Сакав барем да бидам во публиката на еден ваков угледен настан. Мојот сон се оствари – можете да замислите колку ми е драго што двапати ги прочитав своите стихови, на свеченото отворање, како и денес – недела, последниот ден, вели Даниловиќ.
Даниловиќ нагласува дека е особено инспириран од фактот што поети од Србија, двапати го освоија највисокото светско признание – „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата: Миодраг Павловиќ (1970) и Десанка Максимовиќ (1988).
Даниловиќ е исто така координатор на Одделот за словенски земји при Светската поетска академија на поезијата, со седиште во Верона, под покровителство на УНЕСКО, а во Струга донесе порака од Светската академија, чиј генерален секретар е д-р Лора Троиси.
Обраќајќи се во име на таа институција, како и во име на почесниот претседател Мохамед Надир Азиз, д-р Троиси честиташе и го поздрави одржувањето на 59-от Меѓународен поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
– Со овој, пред сè, корисен чин, вие продолжувате со континуитетот на еден од најважните собири на поети во светот, признат од УНЕСКО и другите институции за заштита на светското и европското културно наследство, порача д-р Троиси.
Веле Митаноски






