Маас: Мјанмар може да се соочи со граѓанска војна

– Мјанмар може да се соочи со граѓанска војна како резултат на воениот удар во оваа југоисточна азиска земја, предупреди германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, пренесе ДПА.

-Армијата во рок од неколку недели го доведе Мјанмар на работ на катастрофа. Повеќе од 500 луѓе се убиени, а илјадници се во бегство, рече Маас во изјава за весниците на медиумската групација „Функе“ објавена денеска.

Маас побара сите меѓународни актери да го зголемат притисокот врз режимот за тој конечно да ги прифати понудите за разговори со своите партнери во АСЕАН.

-Никој во регионот не може да биде заинтересиран Мјанмар да тоне во граѓанска војна – дури ниту оние кои не се заинтересирани за спас на демократијата, тврди Маас.

Од пучот, што беше изведен на 1 февруари, војската насилно ги задушува протестите и досега се убиени најмалку 550 лица, од кои 46 се деца, наведува непрофитното Здружение за помош на политичките затвореници (ААПП), пренесе ДПА.

Во моментов, како приведени се водат 2.751 лице, а распишани се и 126 потерници.

Back to top button
Close