Мадуро е уапсен за да му се суди во САД – му рекол Рубио на американски сенатор

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро е уапсен за да му се суди во Соединетите Американски Држави (САД), изјави републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, повикувајќи се на информација што му била соопштена при телефонски разговор со државниот секретар Марко Рубио, пренесува Си-ен-ен.

„Рубио ме информира дека Николас Мадуро е уапсен од американски служби за да се соочи со кривични обвиненија во Соединетите Американски Држави, како и дека акцијата е за заштита и одбрана на оние што ја извршуваат наредбата за апсење“,

напиша сенаторот од Јута, Мајк Ли, на социјалната мрежа Икс.

Според него, оваа акција веројатно спаѓа во рамките на овластувањата на претседателот според член 2 од Уставот за заштита на американските служби од вистински или непосреден напад.

 

Претходно Ли изрази загриженост за воздушните напади врз Каракас, при што посочи оти очекува да дознае што она што може уставно да ја оправда оваа акција во отсуство на објава на војна или овластување за употреба на воена сила.

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл потврди дека Соединетите Американски Држави (САД) извршиле голем воздушен напад врз Венецуела, како и дека го заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга.

Како што напиша Трамп, „венецуелскиот лидер Мадуро е заробен и изнесен од земјата“.

„Оваа операција беше спроведена во соработка со американските сили за спроведување на законот. Деталите ќе следуваат на денешната прес-конференција во 11 часот во Мар-а-Лаго. Ви благодарам за вашето внимание за ова прашање“,

напиша тој на Трут соушл.

Трамп не даде дополнителни детали за тоа како Мадуро е заробен или каде е однесен.

Главниот град на Венецуела, Каракас, утрово е погоден од силни експлозии, а забележани се и борбени авиони што летаат ниско. На видеата што кружат на интернет се гледа како густ чад се издигнува над градот, додека јужниот дел на Каракас остана без струја.

Потоа, венецуелската влада ги обвини САД за воена агресија врз земјата.

Инаку, САД ја засилија својата воена кампања во последните месеци против наводниот шверц со дрога поврзан со Венецуела, а беше таргетирано и пристаниште.

Мадуро пред само неколку дена во новогодишно интервју изјави дека е отворен за преговори со САД, истовремено предупредувајќи дека Вашингтон сака насилно да ја преземе контролата врз венецуелската нафта.

Претседателот на Венецуела во САД е обвинет за наркотероризам.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close