Мадуро ги повика САД да избегнат „воен конфликт од големи размери“
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ги повика САД да го намалат тензиите меѓу двете земји, предупредувајќи на опасност од „воен конфликт од широки размери“ во Јужна Америка, пренесе ДПА.
„Ниту едно од нашите несогласувања не смее да доведе до војна или насилство во Јужна Америка“, изјави Мадуро во видео објавено на апликацијата „Телеграм“.
Тој ги обвини САД за „план за насилна промена на режимот“ во Венецуела и други латиноамерикански земји и повикува на почитување на суверенитетот на неговата држава.
Мадуро соопшти дека се мобилизирани 5.300 единици на општинските безбедносни сили за заштита од можни обиди за „државен удар“ поддржан од Вашингтон.
Тензиите меѓу Венецуела и САД се заострија неодамна, откако САД распоредија воени бродови во Карипското Море поради, како што тврдат, борба против нарко-канали. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД извршиле напад врз брод со дрога, при што убиле 11 членови на венецуелската група „Трен де Арагуа“, означена како терористичка организација од САД.