Магацините на „Славија“ во Кисела Вода можат да прераснат во простори за културната сцена, вели Марковски
Магацините на „Славија“ во општината Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и за сите граѓани. Ова денеска го рече независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Горан Марковски, на прес-конференција одржана со Јана Белчева-Андреевска, носителка на листата за советници во Град Скопје на „Независни заедно“.
Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Горан Марковски, и Јана Белчева-Андреевска, носителка на листата за советници во Град Скопје на „Независни заедно“ / Фото: МИА
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство, што може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти што дополнително го задушуваат овој град“,рече Марковски.
Според него, факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организација на различни настани.
Јана Белчева Андреевска, носителката на листата на советници во Град Скопје на „Независни заедно“, рече дека наместо да се руши и одново да се гради, добро е да се следат принципите на циркуларна економија и примерите на европските метрополи, во насока да се реставрираат објекти од ваков тип и да добијат нова вредност во новото време што го живееме.