Македонци и Срби должат над 2,5 милиони евра на Ќустендил – откриена шема со камиони

Над 5 милиони лева (околу 2,5 милиони евра) изнесуваат долговите кон општинската каса во Ќустендил, направени од граѓани на Македонија и Србија. Ова го обелодени градоначалникот Огњан Атанасов на седница на Општинскиот совет, предупредувајќи за разработена шема која ја чини државата милиони.

 

За време на расправата за буџетот за 2025 година, Атанасов појасни дека станува збор за натрупани обврски од граѓани од „трети земји“ надвор од ЕУ, главно од пограничните региони.

 

 

Како функционира „камионџиската шема“?

Градоначалникот детално го опиша механизмот преку кој се прават долговите, а потоа должниците исчезнуваат:

 

Фирма за 2 лева: Странските државјани регистрираат фирми во Бугарија со минимален капитал од само 2 лева.

Финансиска компетентност: Ја обезбедуваат потребната документација и вработуваат лица само колку да добијат лиценци.

Лизинг на камиони: Купуваат камиони на лизинг.

Бегство: Откако ќе ја завршат процедурата, ги отпуштаат вработените, а камионите заминуваат на работа во Западна Европа и „никогаш повеќе не ја преминуваат границата на Бугарија“.

Институциите немоќни: „Нема што да им се земе“

Општината Ќустендил алармирала до сите можни инстанци – Гранична полиција, МВР, Министерството за транспорт, па дури имале средба и со заменик-министерот за финансии.

„Објаснивме дека ова е сериозен проблем не само за општината, туку и за државата. Водени се разговори и со Даночната управа (НАП), а предметите се дадени и на извршители, но без резултат. Направивме сè што е можно, но во пракса нема што да им се земе“, констатираше градоначалникот Атанасов.

 

Овие „фантомски“ должници оставаат зад себе неплатени даноци и такси кои сега паѓаат на товар на општината, која не може да ги наплати бидејќи имотот (камионите) е надвор од државата, а фирмите се празни.

Back to top button
Close