Македонците во пресрет на перфектната бура

Патот напред не е само во санкции на авторитарното, туку во збивање на редови внатре во демократска Европа, и ефикасно средување особено на малите џебови од локални недоразбирања на Балканот. Пишува Тони Поповски

За да се создаде перфектна бура неопходен е топол воздух од систем со низок притисок кој доаѓа од една насока, проток на ладен и сув воздух генериран од висок притисок од друга насока и тропска влага обезбедена од тропска бура (или ураган).

За да се создаде перфектна геополитичка бура неопходна е криза на западните демократии, внатрешна поларизација на остро спротивставени „политички“ народи во нив, продлабочени нееднаквости поради кои тивкото осиромашено мнозинство „заостанува“ и гласа за екстремното десно (или лево), и неподготвеност на демократските елити да изнајдат стратешки компас за консолидација и решителна одбрана на „слободното“, од една страна, и од друга страна, одлично воено подготвени, агресивни и националистички определени автократии, со централизирани економии, каде сите одработуваат за дузина субординирани олигарси на врховниот лидер, со активни неоимперијални проекти за создавање домиони во непосредното соседство.

Повлекување пред „големите“ автократии е недостаток на карактер 

Путиновата армија навлезе во Украина бидејќи Западот е во криза. Автократија нападна демократија на европска почва, наоѓајќи оправдување, меѓу останатото и во случаите кога демократиите нападнаа автократии, во Европа (бомбардирањето на режимот на Милошевиќ во Србија, од страна на НАТО), но и пошироко (Ирак, Авганистан и Сирија).

Менување на украинските граници со употреба на брутална сила е пораз на Западот, не само на слободна и демократска Украина. Западот не успеа да го одбрани начелото за неменување на границите, поради разногласието меѓу членките на ЕУ и немање стратешки компас поради кусогледост и опседнатост со себе. Свој придонес даде и САД, со изолационизмот на претходниот претседател превенирајќи консолидација на западните демократии, екс претседател кој и во моментов не го крие восхитот за авторитарниот, а сега и воен гениј на Путин, дополнително поларизирајќи ги Американците. Конкретна илустрација за геополитичката импотентност на Унијата е патетичното неспроведување на заедничката политика за проширување на Западниот Балкан, а особено дегутантно е залажувањето на соседството, вклучувајќи ја и Украина со идејата за европско обединување. Доволно е да се присетиме дека на Мајдан во Киев, во 2014 година, покрај секое украинско знаме се вееше и знамето на Унијата.

Тони Поповски Северна МакедонијаТони Поповски е архитект и поранешен министер за животна средина

Кога се нападнати слободарските вредности, време е за вистинско реобединување околу нив, наспроти толерирање авторитарни каприци во држави членки на ЕУ, и во Западниот Балкан. Патот напред не е само во санкции на авторитарното на европските граници, туку во збивање на редови внатре во демократска Европа, и ефикасно средување особено на малите џебови од локални недоразбирања на Балканот, мотивирани од конфликтни проекти за „големи” национални светови на „малите“, потпомогнати од големите автократии, кои националниот свет на малите го конзумираат за појадок, а апетит не им недостасува.

Возење на идеолошката магистрала, од Скопје преку Белград и Будимпешта до Москва 

На многу Македонци, Путин им е симпатичен, и подготвени се да го игнорираат ризикот по сувереноста и територијалниот интегритет на Републиката, доколку Путиновото менување на граници со сила стане ново практично начело во мултиполарниот поредок.

Челникот на пантеонот на нашата интелигенција (МАНУ), ги оценува Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, како нелегални и недостоинствени акти и закана за македонскиот опстој и иднината на државата, укажувајќи дека истите не само што се штетни за „македонизмот“, туку претставуваат извор на нестабилност во регионот. Притоа, според Коцарев: „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“. Како алтернатива, предлага негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили. Овие ставови коинцидираат со ставот на Ивица Дачиќ (претседател на српското собрание): „Дали ние (Србија) сме енергетска сила, па сè да зависи од тоа како ние ќе се изјасниме, мораме да ги гледаме своите интереси. Доста гиневме за други. Да ги зачуваме односите и со ЕУ и со Русија и со Кина, бидејќи никој нема да нè брани ако тие (Русија и Кина) престанат да нè бранат“.

Тоа што Коцарев го нуди е тековниот српски проект за „неврзаност“ преку еквилибристика и акробатика на истовремено седење на четири и повеќе столици. Во физиката, како научна дисциплина во која академикот е нашиот најдобар експерт на сите времиња, ова не би било можно па дури и да се работи за нелинеарната физика како негова потесна специјалност. Но можно е во нелинеарната (мултиполарна) геополитика. Вучиќ и Орбан, идолите на новото и старото раководство на нашата Револуционерна организација, токму тоа успешно го прават, подолго време.

Враќање на Титовиот проект 

Сепак, ова враќање на Титовиот проект на „неврзаните“ како платформа за нашата иднина е ризично. Големо прашање е дали наместо лојалност кон западните демократии, вртење кон Србија, а преку неа кон Русија, и/или Кина, или седење на четири-пет столови, нема да придонесе за нарушување на територијалниот интегритет на Републиката. Нелинеарен физички експеримент во контролирани услови ќе доведе до нови и полезни научни сознанија. Нелинеарен геополитички експеримент, во неконтролирани услови (типични во геополитиката) со вртење на геостратешкиот правец, може да ја разнебити Републиката. Подготвен ли е академикот, со неговите истомисленици од пантеонот, но и опозицијата да понесат одговорност, ако геополитичкиот експеримент во најава тргне на лошо?

Во пресрет на перфектната бура, не е за отфрлање внимателно да ги прочитаме и следниве зборови на Ивал Ноа Харари (историчар), искажани во неговата последна колумна за Економист:

„Но, можеби е можна промена? Можеби законот на џунглата е избор наместо неизбежност? Ако е така, секој водач што ќе избере да го освои соседот ќе добие посебно место во меморијата на човештвото, многу полошо од Вашиот Тамерлан. Тој ќе влезе во историјата како човекот кој го уништи нашето најголемо достигнување. Токму кога помисливме дека сме излезени од џунглата, тој нѐ повлече назад.”

Back to top button
Close