Македонец починал од ковид-19 во Ливерпул: Сопругата го молела да се вакцинира, а тој одбивал
Петгодишната ќерка на Глигор Кедиоски (45) остана без татко, а пријателите и семејството сега собираат пари за неговото тело да биде пренесено во родниот Прилеп
И покрај молбите на сопругата, Глигор Кедиоски, не сакал да се вакцинира. Откако се заразил со ковид-19, тој поминал околу три недели во болница, а починал на 2 јануари на 45-годишна возраст од последиците на инфекцијата.
Кедиоски бил роден во Прилеп, а живеел во Ливерпул, со сопругата Билјана и нивната петгодишна ќерка.
Тој беше познат во заедницата како дарежлив човек и добар пријател кој го живееше животот во потполност. Бил вработен во фабрика, а за време на пандемијата работел и како доставувач. Пријателите велеа дека е полн со живот и секогаш ја планирал следната животна авантура, пишува „Liverpool Echo“, како што пренесува „Index.hr“.
Неговите пријатели и семејството сега собираат пари за телото на Глигор по негова желба да биде пренесено во Македонија.
„Беше одличен пријател – еден од оние кои се секогаш тука за тебе ако ти треба помош. Беше познат по тоа. Го запознав во Ливерпул, но двајцата сме од исто место. Тој беше малку постар од мене. Станавме навистина многу добри пријатели. Кога беше примен во болница, само на Билјана ѝ беше дозволено да го посети. Таму минуваше часови или цели денови, особено последната недела. Последните два дена спиеше во болница. Кога го ставија во индуцирана кома, таа сакаше да биде покрај него за да може да разговара со него и да му пушта музика. Додека беше свесен, таа му ја донесе македонската храна што ја сакаше. Таа беше тука за него цело време“ ,
вели Роберт Каралиоски, пријател на Глигор Кедиоски.
Бидејќи освен Билјана никој не смеел да го посети Глигор, семејството од Македонија постојано му се јавувало на телефон и му праќале многу пораки.
„Неговиот татко е се уште жив. Желбата на Глигор и неговото семејство била неговото тело да се врати во Македонија. Семејството секој ден и се јавува на Билјана и прашува кога ќе пристигне телото. Сите се обидуваат да помогнат. Ова е навистина тежок период, особено за неговата ќерка. Таа постојано прашува кога татко ѝ се враќа од болница, што е најтешко да се одговори“,вели Роберт.
Тој раскажува дека Глигор не сакал да се вакцинира, иако неговата сопруга била целосно вакцинирана.
„Се плашеше од вакцината, не беше сигурен како ќе функционира. Се плашеше дека ќе добие некои несакани ефекти. Билјана постојано го убедувала да се вакцинира, но безуспешно. Затоа сега сакаме да укажеме на важноста на вакцинацијата со оваа приказна“,изјави Роберт.