Македонец повреден во напад на ОН објект во Газа, Бугарин загина

Eден македонски државјанин е меѓу повредените во нападот врз објект na ОН во Појасот Газа, пренесе Канал 5.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик, го обвини израелскиот тенк за нападот, во кој покрај македонскиот државјанин, се повредени уште шест други лица, а едно бугарско лице го загуби животот. Како резултат на овој инцидент, ОН планира да повлече околу една третина од својот меѓународен персонал од Појасот Газа.

 

-Нападите кои погодија објект на Обединетите Нации во Деир-ал Бала на 19 март беа извршени со гранати од израелски тенк. Овие напади му го одзедоа животот на колега од Обединетите Нации од Бугарија и оставија шестмина други од Франција, Молдавија, С. Македонија, Палестина и Обединетото Кралство, со сериозни повреди. – Стефан Дужарик – Портпарол на генералниот секретар на ООН

Информацијата за Канал 5 ја потврдија и од македонското МНР од каде велат дека повредениот македонски државјанин е надвор од животна опасност. Од таму ја нагласуваат важноста на припадниците на меѓународните хуманитарни организации и додаваат дека нивната безбедност мора да биде гарантирана во секое време.

-Како резултат на инцидентот од 19 март врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа, меѓу повредените има и еден македонски државјанин, кој е пренесен на лекување во Израел. Здравствената состојба на повредениот македонски државјанин е стабилна и тој е надвор од животна опасност. Министерството, преку Амбасадата на Македонија во Тел Авив, е во постојана комуникација и останува на целосно располагање на нашиот државјанин. – велат од македонското МНР.

Back to top button
Close