Македонец – предизвик

Почитувани читатели, сакам да ви ја обзнанам мојата лична анализа за нас Македонците, нашите историски премрежија, како низ далечната, така и за  поблиската историја до ден денешен.
Денес се соочуваме со фактот дека да се биде со национално чувство  Македонец на Балканот, несомнено е најтежок предизвик пред кој сме исправени токму ние Македонците. Ние Македонците сме древен народ кој националните белези како посебни ги добивме најдоцна, во споредба со сите наши соседи. Тука ги имам во предвид Србите, Бугарите, Грците и Албанците. Тешко стекнатата самостојна Македонија, која се изроди после Втората светска војна, денеска е третирана од страна на нашите соседи како непосакувано новороденче од семејството на држави и нации кои битисуваат на Балканот.
Во 1945 година ја добивме Република Македонија, каде ние Македонците бевме конститутивен народ. Цели 45 години бившата Социјалистичка Република Македонија беше идентификувана како држава која ни припаѓа на нас, Македонците со останатите етнички заедници. Ја цитирам изјавата на Маргарет Тачер, британската  премиерка,  која веднаш по распадот на Советскиот Сојуз и паѓањето на Берлинскиот sид, даде оценка дека во Европа секоја промена на границите ќе значи повод за нови конфликти.
Македонија по распадот на бившата СФРЈ се осамостои како посебна држава и со првиот устав на Република Македонија, ние Македонците бевме конститутивниот народ на државата. Таквата држава, со многу кревка економија, беше ставена како цел од страна на нашите соседи, читајте Грција и Бугарија,  за нејзино уништување.  Во првите години по распадот на СФРЈ, Македонија се соочи со ембарго од страна на Грција, поради името Македонија и нашата македонска национална посебност. Со цел да се додворуваме на Грците и светската заедница,  направивме прво отворање на Уставот на Р. Македонија и  промена на знамето. Со овој гест никој не беше задоволен, ниту Грците, ниту ние Македонците и објективно од денешен аспект заклучувам дека немаше потреба да се менува, нашето со устав изгласано,  знаме од Вергина. Следеше бегалската криза од Косово, како производ на НАТО бомбардирањето на Србија и после неполни 6 месеци Косово стана протекторат и во подоцнежниот период стана независна држава.
Војната од Косово се прелеа во Македонија каде етничките Албанци настојуваа да ги добијат своите права во склоп на нашата држава. Војната во 2001 година се заврши со потпишување на Охридскиот договор кој денес е имплементиран во Уставот на Р. Македонија во целост. Оваа војна доведе до повторно отворање на Уставот на Р. Македонија каде местото и улогата на Македонците се промени и наместо конститутивен народ на Македонија, станавме една од етничките заедници кои живеат на просторот на Македонија. Со еден збор ние Македонците ја изгубивме нашата матична држава, и што е најпарадоксално го вметнавме во Уставот и Бадентер, каде мнозинството не може да носи одлуки во интерес на државата без согласност на малцинствата.
Бадентер никаде не е присутен во ниту еден Устав во развиениот свет , ама кај нас е реалност и се отсликува во нашето секојдневие. Во втората половина од втората декада на 21 век се потпиша Преспанскиот договор со кој ние Македонците добивме уште еден посилен удар, овој пат од Грција, додавајќи ја претставката Северна Македонија и Северни Македонци. Ова е уште еден чекор во нашето разнебитување. Не само што ја изгубивме државотворноста, туку го изгубивме името на нашиот идентитет. Со ударите кои ги добивме од нашите Албанци и нашиот сосед Грција, станавме непрепознатливи за самите себе и за целата светска јавност. Денес сме сведоци на Бугарското вето кон нашиот пат за идно членство во ЕУ, со кое до крај се негира нашиот национален, културолошки и историски идентитет, што во превод би значело наше бришење на националности во светот. За официјална Софија инсистирањето за отворање на нашиот Устав е легитимно, бидејќи ние Македонците потклекнавме под притисоците  на нашите Албанци и  соседна Грција. Уставот на Р. Македонија го направивме ренде, да не може веќе да се препознае каков беше.
Денеска со многу голема леснотија и меѓу моите Македонци се говори за повторно отворање на Уставот со што ние Македонците повторно треба да се откажеме од нешто што е наше и автентично. Отворено ги прашувам  Македонците, има ли лимит во нашите отстапки кон барањата на нашите соседи, бидејќи со секој ден ние сами се обезличуваме. Чувствувам дека Гордевиот јазол на Балканот, посебно во овој регион сме токму ние Македонците. Не можам да разберам што толку им пречи на моите соседи Бугари и Грци, да ме прифатат како Македонец. Зборувам во свое име, но убеден сум дека нѐ има многу Македонци кои не сакаме да посегнеме по туѓо и мора да научиме да си го браниме своето. Со мојов став кој се однесува за моите етнички Македонци не сакам да создадам лоши чувства кај останатите етнички заедници  со кои живееме во Р.Македонија, меѓутоа очекувам солидарност да нѐ поддржат кога ни е најтешко. На крај заклучувам дека многу тешко стекнатата македонска држава за нас Македонците,  градена  речиси 50 години, денеска ја крчмиме како да сме во бакалница. Мораме првенствено да се свртиме кон себеси и заеднички да им покажеме на нашите соседи дека нѐ  имало и ќе нѐ има, а светската заедница да покаже разбирање за нашите национални чувства. Тежок пат минуваме, но само со мудрост и одважност ќе можеме да си го одбраниме нашиот идентитет.
Tрифун Костовски

Back to top button
Close