Македонец

Не смееме да го заборавиме Македонецот од Пирин, Македонецот од Белото море и Македонецот од Голобрдо. Откажувајќи се од него, се откажуваме од самите себе.

Изминаа 77 години од нашата самостојност, кога во далечната 1945 година можевме и официјално да се напишеме како националност Македонци. Бевме убедени дека македонското прашање кое ги засега нашата самобитност и националната посебност, е апсолвирано и прифатено од нашите соседи и останатите Балкански држави. Роден сум, школуван во бившата ФНРЈ, СФРЈ и бев сведок дека кај ниту еден сосед, освен кај Грците немаше негаторски однос кон нашата македонска самобитност. Југославија беше мошне силна држава не само во Европа туку и во светот, а ние како држава во склоп на оваа федерација ја имавме таа привилегија да се чувствуваме безбедно и релаксирано. Дојде распадот на СФРЈ, а Македонија остана единствената држава која до своето осамостојување дојде без војни и пролеана крв, што не беше случај со останатите бивши ЈУ- републики. Голготата наша, мислам на граѓаните кои се чувствуваат Македонци, меѓу кои сум и јас,почна  токму од 90-те години на минатиот век, кога Македонија стана самостојна држава. Непризнавањето на името од страна на Грција, која молчеше цели 45 години додека Република Македонија беше дел од Југославија се појави токму по распадот на Југославија. Нивното барање за промена на нашето Уставно име  е голема небулоза за модерната демократија.

Денес се соочуваме со нашиот сосед Бугарија во непризнавањето на нашата посебност, јазик, култура. Тоа е истата Бугарија од времето на Ѓорги Димитров која во далечната 1947 година при официјалниот попис на Република Бугарија имаше графа Македонци во која се појави бројка на повеќе од 100,000 Македонци.  Сметав дека времињата кога се вршеа присилни асимилации над населението на овој дел од светот се минато, меѓутоа денеска разбирам дека сеништата останале од минатото за наше асимилирање, само се промениле алатките  и методите кои треба нас да нѐ присилат да се откажаме самите од себе. Имав прекрасни родители кои по својот род беа мешани меѓу северниот и јужниот дел на Македонија. Мојот татко скопјанец, а мојата мајка од Гевгелија. Од мојата покојна баба Неда и од мојот покоен дедо Димитар, научив една работа – дека ние Македонците цело време во последните години од Отоманската Империја и посебно по оформувањето на самостојните Балкански држави со распадот на Отоманската Империја, бевме подложени на целосна асимилација. Македонците од северниот дел да се побугарчат или посрбат, а македонците од јужниот дел да се погрчат или побугарчат. Чувството на нашата македонска самобитност кај поедини дејци датира уште од 19 век, меѓутоа многу силно воскресна по осамостојувањето на Република Македонија, во 1945 година. Денеска нашата Македонска самобитност е реалност на Балканот и тоа прашање мораме ние самите да го обликуваме во форма во која што ќе ја препознаат и нашите соседи и целата светска заедница.

Во раните 90-ти години кога отпочнаа блокадите од соседна Грција, непризнавајќи го нашето Уставно име,  како човек кој што си го сака својот народ, организирав низа настани за нас Македонците во Македонија и посебни средби со Македонците од Пиринскиот дел, Егејскиот дел и од регионот Пустец – Голобрдо. Со години го подржував издавањето на неделникот Народна волја во Пиринскиот дел, што излегуваше на македонски и бугарски јазик. Разговаравме и остваривме силна соработка со тогашната македонска организација Виножито во Егејскиот дел. Неколку пати сум бил на централните настани во провувањето на Илинден во селото Овчаране, недалеку од Воден. Се дружев со моите Македонци од Егејскиот дел, говорејќи го токму дијалектот кој што е заеднички именител на Македонците од Егејска Македонија и Македонците од Гевгелиско-Дојранскиот регион. Бев длабоко навлезен во изборот на Градоначалникот Едмонд Темелко на Општина Пустец и активно учествував како тогашен Градоначалник на Град Скопје во соработката меѓу Град Скопје и Општина Пустец во Албанија за зајакнување и поддршка на нашите браќа во Албанија. Помошта беше симболична, меѓутоа беше од срце дадена. Дарувавме на нашите Македонци кои едвај врзуваа крај со крај, книги тетратки, ранчиња за школо, само со цел да го подигнеме знаењето на нашата македонска популација во тој регион. Во неколку наврати учествував и поддржував македонци кои се кандидираа за пратеници во Албанскиот Парламент.  Имав  и сѐ уште имам само една цел пред себе, каде и да сме, ние Македонците мора да се поддржуваме.

Следејќи ја политиката од 1991 година преку која официјалната Македонска држава се откажува од своите малцинства во нашите соседства е за мене поразително. Откажувањето од нашите малцинства во соседството е рак рана  која и ден денеска ја плаќаме со висока  цена. Не смееме да го заборавиме Македонецот од Пирин, Македонецот од Белото море и Македонецот од Голобрдо. Откажувајќи се од него, се откажуваме од самите себе.

Неоткажувањето од мојот Македонец не значи дека ќе повикувам на војни и промени на границите, бидејќи самата војна никогаш не донела бенефит за народот, туку напротив тага, крв и беда. Од друга страна Македонија и ние македонците мора да го промениме нашиот однос со нашите соседи, Бугарија и Грција. Однесувањето на денешна Бугарија го толкувам како еден безобразен начин на дрско мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Инсистирањето по секоја цена да ги внесеме Бугарите како малцинство во Уставот на Република Македонија, при тоа негирајќи го постоењето на мојот Македонец во Пиринска Македонија е само израз на насилие.

Сакам да им порачам на моите соседи – не гледајте во нас Македонците непријатели, ние не сме непријатели на Бугарија, а уште помалку непријатели на Бугарскиот народ. Сакаме да живееме на овие простори онака како самите се чувствуваме. Тоа што го бараме ние Македонците е апсолутно ништо. Бараме почит  кон нашата посебност, самобитност и взаемен пријателски однос.

Back to top button
Close