Македонија ја снема и од главниот и од споредниот пат кон ЕУ
Пристапувањето на Албанија во Европската унија до 2030 година може да биде реална цел доколку се спроведат неопходните реформи, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас на прес-конференција во Тирана.
Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со Калас рече дека во фокусот на нивните разговори е влезот на Албанија во ЕУ. Тој ја изрази амбицијата на Албанија да ги заврши пристапните преговори до 2027 година. „Нема да мируваме додека не влеземе низ вратата на Европската унија и не седнеме околу истата маса како што прави Европската унија“, рече тој.
Албанија официјално ги започна преговорите за членство во ЕУ на 15 октомври 2024 година. Земјата ги отвори преговарачките поглавја по долго чекање, откако аплицираше за членство во 2009 година и доби статус на земја-кандидат за влез во блокот во 2014 година.
А каде е Македонија? Нашата држава ја снема и од главниот и од споредниот пат до ЕУ. Споредниот пат требаше да биде битката на владата да ги убеди европските земји за одложена примена на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Но и таа битка стивна, или подобро речено не ни почна.
Зависни од европска помош
По запирањето на програмите на УСАИД, Македонија станува целосно зависна од европска помош. Меѓутоа и таа помош може со тек на времето да се намали со оглед дека ЕУ ги зголемува воените буџети на својата територија и сѐ повеќе се занимава со тоа како да ја одржи унитарноста и економијата пред налетот на политиките на Трамп. Парите од Планот за раст во износ од 750 милиони евра, од кои 52,4 милиони веќе пристигнаа, иако се сметаше дека ќе бидат катализатор за економски раст на земјава, може да бидат стопени од даночното торнадо од САД.
Опозицискиот лидер Венко Филипче првиот ден по изборната конференција во неговата партија отиде во Брисел, каде што побара помош од европските социјалдемократи да се заложат за проширувањето на ЕУ. „Застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји“, рекол тој.
Ако може да му се верува на Арбен Таравари, кој последниве денови важи за политички одметник од владата, премиерот Христијан Мицкоски бил, како што тврди, подготвен за уставни измени само чека гаранции од Брисел и Вашингтон дека тие ќе бидат последниот услов за влез во ЕУ. Ќе беше убаво да слушнеме таква изјава и од самиот Мицкоски. Или каква било изјава на тема влез на Македонија во ЕУ.
Неговата последна изјава во врска со тоа прашање е од крајот на февруари, кога на конференција во Вашингтон рече дека не сакаме преговорите со ЕУ да се претворат во бескрајна приказна. „Прво завршени преговори, па уставни измени“, порача тој. На 14 март, пак, премиерот рече и дека очекува добри вести за македонските граѓани во текот на април и мај. Тој појасни дека станува збор за меѓувладин договор со „многу моќна европска земја“ што „ќе се мери во милијарди” за проекти во инфраструктурата и во здравството.
Изборите и евроинтеграцијата
Во меѓувреме, додека ги чекаме добрите вести што ги најави премиерот, за време на посетата на Калас на Тирана беше потпишан договор вреден 90 милиони евра за финансирање на стратешкиот проект за железничката линија Драч – Рогожина, која е дел од Коридорот 8, што ја поврзува Јужна Италија со Црното Море во Бугарија преку Албанија и Северна Македонија. Оваа делница е клучна артерија што ќе ја „поврзе Албанија со европската транспортна мрежа и дополнително ќе ја зајакне нејзината улога“ како поврзувачки јазол во регионот. Проектот за железница меѓу албанскиот приморски град Драч и градот Рогожина во централна Албанија е дел од реконструкцијата на железничката инфраструктура во земјата.
Македонија, пак, на почетокот на март потпиша договор со Србија за инвестициски грант од 2, 4 милиони евра за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце. Договорот за грант е дел од инвестициски пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија на Табановце. Се работи и на Коридорот 8 со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед Бугарија, а со тоа Македонија ќе биде и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО. Меѓутоа, работите се одвиваат бавно, а „војната“ што ја отвори Бугарија кон Македонија на патот кон ЕУ се чини го зема својот данок и Софија ја одложи модернизацијата на железничката пруга која води кон нашата земја.
Наесен земјава ја очекуваат локални избори и оттука би било преоптимистички да се очекува дека владата ќе се посвети на евроинтеграцијата, со оглед дека ја одржува својата популарност меѓу десничарските поддржувачи преку одбивањето на уставни измени. Тој став оди во прилог и на општиот амбиент во државата против уставните измени за кои скорешна анкета на ИПИС покажа дека се неприфатливи за 64 отсто граѓани од кои 82 проценти се етнички Македонци кои владејачката ВМРО-ДПМНЕ нагласено ги таргетира во своите политики.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски веќе се изложени на жестоки критики од своето членство дека капитулирале пред името Северна Македонија. Противењето на уставните измени, оттука, им остана единствената можност за одржување на наративот за одбрана на националното достоинство кој беше решавачки да однесат победа на минатогодишните избори. (Dw)
Соња Крамарска