Македонија домаќин на најголемиот светски собир за одржлива енергија, започнува 14-тиот Глобален форум IFESD-14

Од 28 до 30 октомври Скопје ќе бидат домаќини на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), еден од најзначајните глобални настани во областа на одржливата енергија.

Под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, форумот ќе собере над 1000 учесници од повеќе од 70 земји, меѓу кои високи претставници на меѓународни институции, влади, академски кругови и енергетскиот сектор.

Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН: UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA.

Свеченото отворање ќе се одржи на 28 октомври во Македонската филхармонија, а ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, министерката Сања Божиновска, постојаниот претставник на ОН Армен Григорјан, како и Татијана Молчан од UNECE.

Во текот на тридневниот форум ќе се одржат бројни панел-дискусии и технички сесии, посветени на теми како енергетска безбедност, финансирање на чиста енергија, дигитализација, управување со критични суровини, праведна транзиција и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.

Клучна цел на форумот е премин од глобални цели кон конкретни акции – преку забрзување на инвестициите во обновливи извори, диверзификација и регионална соработка.

Како завршен документ, ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“, која ќе ги обележи заложбите на земјите учеснички за одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со ова, Македонија ја зацврстува својата позиција како кредибилен партнер во глобалната енергетска транзиција.

Back to top button
Close