Македонија е целосно сама!

Мерсел Биљали

Болната политика ја претвора нормалната држава во ментална болница!

Канадскиот пејач Леонард Коен, кој почина пред десет години, ја остави зад себе легендарната песна „DANCE ME TO THE END OF LOVE“ (Tанцувај со мене до крајот на љубовта), која многумина ја сметаат за љубовна химна. Всушност, песната иако содржи убав наслов, таа е инспирирана од најголемиот ужас што светот некогаш го доживеал – Холокаустот. Имено, во логорите на смртта, гудачки квартети биле принудени да свират пред ужасот на невини души кои биле давени и спалени. Коен, и самиот Евреин, таквиот ужас од лудничава идеологија на ментално болен „водач“ го доживеал исклучително трауматично..

Половина век подоцна, за време на ужасната војна на таканаречените „исламисти“ во Сирија, бројни жени, мажи и деца доживеале ужасни страдања – убиства на мизерен начин, силувања, фрлања од згради итн.! Тоа веќе не е работа за политичка анализа, туку за медицинска. Toa создаде огромен бран бегалци кои се упатија кон Европа.

Полицијата на Орбан брутално се справува со таква ранлива маса исцрпени бегалци, покажувајќи им дека по ниедна цена не се добредојдени во Унгарија. Бројни деца починале од студ заглавени низ бодликава жица поставена од режимот на Орбан. Неколку години подоцна Фридом Хаус, Унгарија ја прогласи за првата „недемократска“ земја во ЕУ. Орбан дури ја оправда и руската агресија врз Украина, што беше осудено од сите водечки европски земји.

Во еден момент, неговиот министер Петер Сијарто дури и се закани на Украина со воена сила, наводно „за да ги заштити Унгарците во Закарпатија“! Тој еднаш дури и го нарече крајбрежниот хрватски град Риека „унгарско пристаниште“! Таквите биле самопрогласени богови, а не биле ни луѓе.

Орбан силно ги зајакна врските со бројни десничарски лидери низ ЕУ и пошироко, вклучително и со Србија на Вучиќ, со Република Српска и со Македонија. До руската агресија кон Украина, Орбан имаше силна поддршка од бројни европски популисти, како што се Јанез Јанша, Андреј Бабиш, Матеуш Моравјецки итн. Но, по руската агресија остана осамен против сите. Сeга кај сите изборни анкети Орбан заминува во минато. Изборите се за помалку од два месеци, а опозициската партија „ТISZ“ на Питер Маџар има солидно водство од над 10 проценти. Партијата на Маџар има силна поддршка особено кај младата популација. Популизмот на Орбан повеќе не се продава и поради тригодишна економска стагнација. Опозицискиот „ТИСЗ“ ветува функционалност со ЕУ и ослободување на милијарди евра од замрзнатите фондови на ЕУ.

Моментално, Унгарија има високи цени на горивата, па затоа многу гранични Унгарци ги полнат своите автомобили со гориво во Хрватска, па оттука и шегата за хрватскиот министер за економија, Анте Шушар, дека „евтината руска нафта“ очигледно „поскапува на вашите бензински пумпи“. Орбан ѝ даде на Унгарија лажно величење што сега наликува на вистинско понижување. Преку постојани лаги, тој и неговите соработници изградија овдешен свој рај на небото, создавајќи пекол за обичните луѓе на земјата. Историјата е полна со примери кога евтиното лидерство скапо ги чинел цели нации.

 

Македонија без сојузници?!

Наскоро нашата земја ќе остане осамена во услови на опасен и турбулентен свет. Иако дружбата со српскиот свет не е некоја гаранција. Да верувате дека вучиќевата Србија најдобро може да се грижи за Македонија е исто како да верувате дека волкот најдобро може да се грижи за овцата. Со години, нејзините мали „лидери“ во нивните напори да се трансформираат во големи лидери, всушност ја поткопуваа иднината на земјата. Долги години на едни „лидери“ умот им бил во џебот, а моралот во сефот. За жал, тие продолжуваат да го прават тоа и сега, кога дури и големите сили се многу внимателни во тоа што прават. Наскоро Орбан ќе го нема, а и Вучиќ ќе го снема. Додик веќе направил дил. А ние продолжуваме без компас ама со тврдоглавост кон непознатото, несвесни дека секој загубен ден е ден поблиску до катастрофата. Но ние продолжуваме да го игнорираме можното, а да ја фалиме невозможното, не сакајќи да рабереме дека во геополитиката, судбината е таа што ги меша картите, а ние мора да играме на нив.

Далеку зад нас се времињата на ептен лудничави илузии дека белата раса на светот потекнува од едно „овдешно праплеме наречено Македоноиди“ кое циркулираше во национални медиуми како мешавина од фантазија, комедија и трагедија. Понекогаш фантазија е погубно ако не знаеме со што да го споредиме. За жал, кај нас и политичките ротации во државата се разликувале само по геополитичката ориентација, но внатрешните деформации скоро секогаш останале исти. За да се постигне неверојатното, треба да се прави невозможното. А ние не го правиме ниту можното! Дури и по 35 години сè уште немаме систем базиран на заслуги (merit-sistem), што е алфа и омега за какво било движење напред. Трошиме милијарда евра годишно на вишок администратори и фиктивни вработени со привремени договори. Тука, ефективната штета e над две милијарди eвра годишно, ако имаме предвид дека таквата милијарда би била пренасочена во економијата.

 

Очигледно е дека не сакаме во ЕУ!

Нашите „аргументи“ за прифаќање на македонското малцинство во Софија се алиби за неспроведување на договорот со ЕУ, а тоа е вклучување на бугарското малцинство во Уставот. Ама тоа е реалната позиција. Ќе беше поинаку да бевме влезени во ЕУ пред Бугарите. Тогаш ние ќе можевме да диктираме услови. Но, со магарешка тврдоглавост, останавме последни. И сега сите ни се качуваат на врат. Утре Албанија може да го стори истото. Треба да знаеме дека ЕУ не е над-држава, туку сојуз на независни држави. Во ЕУ имаме висок стандард на етничките права. Но, тука е и Грција која воопшто не признава малцинства (а ги има – Турци, Албанци, Македонци, Бугари, Власи). Естонија, Латвија и Литванија исто така имаат проблеми со малцинствата, но поради страв од Русија, тие се движат претпазливо во овој процес. Нашето барање Бугарија да го признае македонското малцинство оди подалеку од политичка целесообразност, освен ако зад таа маска немаме некоја друга агенда. Изгледа власта мрази ЕУ ѕвездички! А тоа е колективно убивство.

Да не се дружевме со лудилото, одамна ќе бевме во ЕУ. Од 2004, или евентуално од 2007 година. И изгубивме речиси половина век, за она што требаше да го направиме на време. Како излез смисливме предвремени избори. Сите изборни победи ги претворивме во историски порази. А секое доцнење си има своја казнена камата, а тоа го гледаме. Не е далеку од логиката дека власта не сака во ЕУ, бидејќи сме приватна држава на 5-6 олигарси, кои ако влеземе во ЕУ ја губат „сопственоста“ врз државата. Можеби некој мисли дека е подобро да се грижиме за нив петмина отколку за цел народ! Ние веќе сме докажани во силни аномалии. Нашето „подземје“ ни уништи сè живо над земјата. Од втората најразвиена земја во регионот (меѓу 17 земји од Источна и Југоисточна Европа), сега сме на последното место. Но, некој работел во име на народот и за сопствена сметка. Добронамерните луѓе постојано ни велеа дека меѓународната политика не е список на желби, туку списпк на тешки задачи, кои спасуваат судбини. Инаку, никој не може да гарантира дека и ние нема да слушнеме „холокаустовска“ музика пред некаков крематориум за држави. Духот на стотици илјади наши млади луѓе и деца никогаш нема да ни простат што ги избркавме од нивните домови, правејќи ним насекаде на друго место по светот да им биде подобро отколку во нивната татковина.

Во животот, секоја грешка се плаќа, но некои ја прават, а други плаќаат за неа. Познато е дека таму каде што глупоста цвета, мудроста веднаш вене.

Back to top button
Close