Македонија ќе гори до сезоната на поплави

Ерол Ризаов

По трагедијата во кочанското диско – крематориум, во кое животот го загубија 63 млади луѓе и над 200 се повредени, беа најавени итни контроли и ригорозни мерки за заштита од пожари. Дали можете да замислите колкава ќе беше трагедијата да не се спроведеше оваа брза и успешна акција. Благодарение на владата и на мудрото раководство на ВМРО ДПМНЕ изгоре само една третина од државата и неколку питоми и диви депонии, складиште за рециклирање на електронски отпад. Отровите се „гратис“ и не претставуваат никаква опасност за живиот свет, животните и растенијата, ако пред тоа не изгорат. Се разбира, тука припаѓаат и  луѓето, особено децата. Од каде знаат деца дека воздухот е затруен кога дишат слободно на жабри.

 

 

Премиерот Мицкоски добил извештај од штабот за предизборна кампања дека воздухот е чист. Веднаш тоа го соопшти на „неговиот“ омилен народ. И точка. Нема што понатаму да се пумпа темата за загаден воздух, смрдеа и штипење очи, магли од чад во главниот град  среде лето. Пожарите ги палат пироманите од опозицијата, а ги гасат патриотите од власта. Што има тука нејасно кога се е кристално јасно.

Повеќе генијални мисли на Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски искажа повеќе генијални мисли за успешното справување со огнените стихии во  сезоната на пожари, кои во нацијата со кратко помнење ќе останат запаметени уште месец–два додека не почне сезоната на поплави.

 

 

Многу природно и сосема нормално е во Македонија кога два дена врне дожд да има поплави, а кога три дена грее сонце да има суша и пожари. Тоа се природни појави од бога дадени и се случуваат во целиот свет и сосема е нормално е да има жртви и штети како да нѐ погодило цунами. Разликата е во тоа што кај нас не треба ни многу дожд, ни многу сонце, па да се случат трагедии кога пожарите ги палат предавниците и непријателите од опозицијата.

Една од тие мисли на Мицкоски, која е антологиска и веројатно најмногу цитирана е неговото предвидување за летната сезона, е кога откри зошто ни се случуваат пожари. Како и сите генијални изуми и овој е многу едноставен. Шумите горат затоа што на планините нема стока да ја пасе тревата, која се суши и лесно пламнува и предизвикува пожари, откри премиерот. Мислам дека нашиот професор, доктор по егзактни науки, многу учен премиер,  кога ќе даде ваква изјава не треба да се проверува, или да се сомнева дека нешто не е во ред. Тоа со сувата трева и  стоката е научно докажано. Премиерот има точни откритија за причините за пожарите и како на научник не може да му се оспори. До сувата трева сѐ е во ред. Проблемот е кај  стоката што ја нема на планините. Зошто ли ја снема.

Стоката од планините  избега во градовите

Истрагата покажаа дека стоката од планините избега во градовите и таму пасе милиони евра секој ден. На пример, на која раса европасни припаѓаат тие што не го спречија пожарот во кочанската гасна комора, а беа присутни таму да контролираат да не се прекршува законот и да не дојде до некоја несреќа. Или, пак, тие луѓе не смееле ништо да  преземат бидејќи куќата на смртта во Кочани била под заштита на власта.

Тие што пишуваат и јавно кажуваат вакви работи за најголемата трагедија во државата премиерот Мицкоски ги смести во категорија на глодари и лешинари. Не знам што е полошо да си глодар во случајот, или говедо. Лешинарите  не го глодаат тоа што го остави зад себе стоката што не ја  спречи трегедијата  и го предизвика стампедото на децата, тие само ги вознемируваат нивните чувари, да не речам овчари, кои заедно со своите пси се сместени во удобните канцаларии по волја на „нивниот“ народ.

Кога зачестија пожарите и во градовите кај што нема сува трева премиерот Мицкоски по брзата истрага на министерот Панче Тошкоски ги откри и пироманите кои пред избори ја палат Македонија и ги предизвикуваат намерно пожарите во градовите и во депониите. Премиерот покажа со прст на опозицијата, односно  на лошите и нечесни  Албанци од ДУИ. Кога беа коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ беа добри и чесни како што се сега Албанците од „Вреди“. Многу интересна е трансформацијата кај албанските политички партии според кантарот на патриотите. Тие што останаа во ДУИ се лошите Албанци, а тие што од ДУИ прелетаа во „Вреди“се добрите. Таа поделба важи само до следните парламентарни избори, во зависност од тоа кој ќе победи и какво ќе биде новото партнерство.

Кај македонските партии таа поделба, според доктрината на ВМРО-ДПМНЕ е малку поинаква, главно се сведува на патриоти и предавници на националните и државни интереси. Па така за нив поголема опасност се овие од СДСМ, иако според нивните проценки само што не се распаднале. Ем слаби, ем опасни, многу повеќе отколку идните потенцијални партнери од ДУИ. Се разбира, тоа ќе го соопштат убаво спакувано како големо откритие кога ќе дојде време по освојување на апсолутна власт и во општините кои недстасуваат за комплетна партизација на државата.

Сепак најмногу ме воодушеви изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски во врска со пожарот во електронската депонија, поточно складиште за рециклирање  во скопско Трубарево.  Тој ги повика граѓаните кои живеат во близина на пожарот да се евакуираат за да не бидат изложени на опасност.

Веројатно поради скромност не соопшти дека им обезбедил пристојно сместување во клиниките додека опасноста не биде целосно отстранета. Инаку, според експертизата на Тошкоски за релативизација на случајот како небитен вакви пожари на електронски отпад имало во многу земји, ама кај нас ова било прв таков случај. Ова навистина е неверојатен успех, од толку многу различен отпад ова е прв случај да гори електронски отпад. Кога нешто се случува прв пат треба да се има разбирање и за отровите и за загадувањето, па не е тоа нуклеарен отпад за да се крева толкава  паника.

Тошкоски  ни појасни дека литиумските батерии кога ќе се запалат развивале висока температура. Ете, научивме нешто. Само заборави да каже колку бил заштитен тој отпад од пожари, кој управува со депонијата, дали е тоа увозно, или само наше, ама секако подобро од нуклеарно ѓубре. Што за ова пишува во законите. Се разбира, истрагата е во тек, Обвинителството стапува во акција додека не се заборави.

Шарените пердуви на премиерот

А, за да се заборави, доста е со пожари млатење празна слама, најлесно е кампањата да се пренасочи кон големите успеси и достигања на владата и општините во изминатите година и пол, четири,  или осум години каде што ВМРО-ДПМНЕ е на власт и на катастрофалните неуспеси каде што не е на власт.

Тоа што во една зграда, улица и град сите граѓани без оглед на партиската и  националната припадност се сооечни со катастрофалните неуспеси и злоупотреби на власта тоа нема врска за да се разбере суштината на комуналните избори. Затоа на помош е владата која е само година и пол и која ниже секој ден досега невидени големи достигнувања во  задолжувања од милијарди евра кои главно се инвестираат во партиски пропаганди со откочување на проектите кои се градат со години, а некои и со децении.

Тоа се тие шарени пердуви за кои зборува Мицкоски алудирајќи на политичките противници, а не нивната постојна изборна стратегија и пропаганда дека кога ќе се каже голема лага е исто како од врвот на крстот на Водно да раскинеш перница и да ги пуштиш пердувите да летаат на сите страни. Се разбира демантот, односно вистината е да се соберат сите пердуви и да се вратат во перницата, што е неможно. За опозицијата пак шарените пердуви служат за китење на власта со туѓи успеси.

И за тоа има одговор премиерот Мицкоски кој вистината што излегува на виделина ја нарече црна и валкана  кампања на опозицијата. Нарачателите и авторите на валканите кампањи во изминатите години сега се плашат политичките противници да не ја применат нивната тактика. Нема причини за страв ВМРО ДПМНЕ докажано најдобро и најуспешно лаже.

Еве на пример ниту гласачите на ВМРО ДПМНЕ, ниту некој во партијата го спомна ветувањето дека ќе се поништат велепредавничките договори со Грција и со Бугарија. Тоа си е најнормално и добро разбрано дека е предизборна тактика. Пушти пердуви на сите страни, па нека ги собира друг.

Втората лага која не им пречи на патриотите е дека најголем стратегиски приоритет на државата останува членството во ЕУ и спроведување на реформите. Кога има самоблокада на преговорите со ЕУ тоа не може да биде приоритет. Тоа е добро смислена стратегија да не влеземе во ЕУ. Некој во земјата и во соседството има голем интерес тоа да не се случи. Не е тешко да се погоди кому најмногу му погодува Македонија да не биде членка на ЕУ по наш избор и по наша вина.

Третата итарпејовска лага е дека се зголемуваат платите и пензиите по заложба на владата. Тие во суштина се намалуваат драматично по заслуга на владата, бидејќи парите се помалку вредат на пазарот. Важно ние како најсиромашна земја во Европа сме најуспешната по раст  економија во регионот и на високо четврто место во Европа.

Има уште многу работи за рубриката верувале или не само неопходен е малку разум со своја глава. (nezavisen.mk)

Ерол Ризаов

Back to top button
Close