Македонија е пред опасна бура?!

Мерсел Биљали

Се движи човек низ пустината, мртов уморен и речиси дехидриран. Среќава еден бедуин и го праша: „Човек, каде има вода овде?“ Бедуинот одговори: „Оди право, а по три дена сврти лево“!

И ние, скоро 35 години, пола човечки живот талкаме низ пустината, скоро без цел. Oти од целта има стотина патишта, а до целта има само еден пат. Изнемоштени и жедни ама од инает не сакаме да чуеме за изворот на водата. Додека сме живи од инает нема да пиеме ниту капка вода! A водата е гласот на животот. А партијата ВМРО, по смената на својот генетски код, не сака да чуе за водата, туку сака да нè остави во жешка и опасна пустина! Тие можеби знаат зошто тоа го прават ама ние не знаеме зошто тоа го трпиме! Тие сакаат неограничена власт по секоја цена, ама бараат од нас „ограничените“ цената ние да ја платиме!

Актуелното водство на државата, по аспект на етничка манипулација, не само што не се разликува од тој „фудбалерот“ аматер од црната листа, туку знае врз своите глупости да додава и екстаза! „Фудбалерот“ го разбудил заспанoто чудовиште, а не знаел дека и самиот ќе биде изеден. Сега истата грешка во дуплирана доза ја праваат вмровците! Па допрво ќе видиме кој ќе биде изеден.

Сеењето етничка омраза е како газење по „минирано“ поле, а прашање на време е кога може да се случи експлозија. Тоа газење се прави во име на некакво „чесно владеење“ кадешто оценувањето го прави црниот ѓавол. Водењето држава по логиката на едни десетина функционери околу лидерот, лесно може да заврши во амбис. Анализите на елитни европски центри за овдешната регионална безбедност се загрижувачки. Особено сега кога НАТО наликува на бездомник, а ЕУ на пустински талкач. Но, сепак се некаква куќичка што може да не штити од многу опасна бура. Инаку, залудно ќе се надеваме дека ѓаволот ќе нè спаси од пеколот!

Дури од инает на ЕУ, наместо неповратни пари ние се задолжуваме до самото небо. Бетер од „Грчка“! Пред ратификација на спогодбата со Велика Британија, секој наш граѓанин должел по околу 5.300 евра, а сега секој од нас должи фантастични 9.035 евра.

За четири месеци долгот се покачи од 7,7 милјарди евра, на фантастични 14.3 милјарди евра. Голем дел од тој долг е „мачка во вреќа“. Претходниот долг дури се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек биле околу 5 проценти годишно, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи. Но, поради алчноста на власта за пари, попратен со тотално изостанување на потребни механизми за контрола на трошењето, јавниот долг кај нас наликува на авион без пилот!

Власта се фали лажно дека со Велика Британија има некаков „договор за стратешко партнерство“! И дека тоа ќе ни служи и како чадор ако се случи бура. Секој што знае меѓународно право, лесно може да разбере дека тука има доста недефинирани работи. Ако во иднина исплива на површина некаква засега невидлива „стратегија“, тоа ќе биде во полза на Велика Британија, а парите што ќе ги добиеме ќе наликуваат на „шведска маса“ за локалните олигарси. За народот остануваат аплаузи и макотрпното враќање на долгот, освен ако банкротираме како „Грчка“. Се мисли дека долгот е даден со цел прифаќање мигранти кои се одбиени во Велика Британија.

Рака на срце, ако ги исклучиме овдешните предрасуди кон мигрантите, тоа и не е толку лоша идеја за држава која секој ден се празни. Општата бројка на населението во дравата е на слободен пад. Треба и ние, како и целиот западен свет да почнеме да прифаќаме мигранти за работна рака. Целиот нормален свет така фунлционира. Нашите можат да отидат насекаде по светот, ама тука ние не сакаме никого! Албанија веќе почна со кампови. Планетата е за сите луѓе. Развојните експерти велат дека целиот Запад немаше да има оддржлив развој без работници од југот. А кај нас што во главата имаме повеќе мувла отколку мозок, тоа е нешто најлошо!

ЕУ – омразена ѕвездичка?!

Бегајќи од патот кон ЕУ, и не успевајќи да ги испорача уставните измени, избезумената наша популистичка власт одлучи да премине од жешка во ептен врела вода! Тоа е логичен след на секоја глупава политика. И во однос на САД се фалевме со „новото нормално“ па добивме тотално „ненормални“ царини! Толку за „братството“ со САД рекламиран од страна на наши лидери, кои инаугурацијата на Трамп ја следеа со двоглед. А бројни наши поранешни претседатели и премиери биле поканети во Овалната соба во Вашингтон, и никој не прогласи некакво „чудно ново нормално“!

Бегајќи од ЕУ, не само што губиме многу неповратни пари што можеме да ги добиеме од ЕУ, туку и свесно скокаме во диви води. Албанија веќе добива околу пет милиарди евра неповратни пари само поради преговорите, а ние се задолжуваме бетер од „Грчка“, поради магарешки инает пред мост. Тоа опасно ќе ја загрозува државата, оти не е можно да се плови со скршен јарбол и без компас. Башка што новата власт го наполни бродот со буриња барут, па и мала искра може да предизвика експлозија. Премиерот не е свесен колкав барут пали кога вели „додека јас сум премиер тоа нема да се случи“. Или пак „ниту милиметар нема да отстапам додека јас сум премиер“! Со лоши пастапки за дневнополитичка потреба, на пат сме да го уриване макотрпно изградениот меѓуетнички баланс во државата. Државата не е лична сопственост на премиерот за да зборува со лична заменка. Тој е само случаен „возач“ во преполн автобус, кој поради лошо прилагодена брзина лесно може да нè фрли во бездната. Докажано е дека личните фрустрации многу лесно знаат колективно да убиваат. Најкрвавените војни се започнети токму поради лични фрустрации. Здодевната „песна“ за „бугарски диктат“ убива секоја бугарска рационалност. Тоа е ептен вкусна храна за бугарски националисти. А треба да ги храниме поумерените. Башка што зад тој „диктат“ стои француски претседател Макрон и цела ЕУ.

За таков „диктат“ најголема вина носи ВМРО-ДПМНЕ. Да имавме вистински државници, ние ќе станевме членка на ЕУ во 2004 година, или барем во 2010 година, и тоа со временото име. Но, генетски слабиот државнички капацитет на ВМРО не остави во вакво стиропор-дереџе. По логиката на нештата, утре ќе може да не блокира и Албанија, а можеби и Косово, оти штом ова второ рангирана држава за зачленување во ЕУ по падот на Берлински Ѕид ја надминаа 14 држави од ценрална и источна Европа и Средоземје (Кипар и Малта), дефинивно за Македонија се мисли дека таа нема природен имунитет за опстанок. Зошто плачеме поради Бугарите кога можевме многу пред нив да се зачлениме во ЕУ, па ние да диктиравме услови. А сега трпи и трај додека не се слуши утре да нè блокира Албанија, а можеби и Косово. Ако имаме среќа да опстоиме дотогаш. Со вакви „државници“ не ни се пишува баш добро. Тука голема вина има и паразитната МАНУ, кој е дувло на примитивен национализам србизам.

Многу во државата е нарушено и во меѓуетничката сфера, која потајно е омилен спорт на вмровското водство. Полека, но сигурно се создава опасна критична маса за дестабилизација. А мислевме дека тоа веќе е надминато. Тука не е зборот за флуидни ставови на одделни политички партии, кои ги тријат рацете дека тоа им оди на прилог, туку за граѓанско колективно незадоволство поради континуирано институционално понижување во сите сфери. Сега секој знае и со право е иритиран дека Слободните зони за странски инвестиции се пример за тешка етничка дикриминација. Имено, во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ), и едни други странски компании, со бројка на околу 50 илјади вкупно вработени, само околу 2,8 отсто се Албанци! Зошто не се води сметка за балансиран развој? А тоа не е приватна ствар на тие компании, оти на директен и индиректен начин за нив се даваат и огромни буџетски пари и други привилегии. За такво незадоволство имаат вина и самите Албанци, оти никој од нив нема поставено ниту пратеничко прашање за тоа нешто! Кон ова ако се додаваат и бројни друго негативни пораки и постапки, работата ич не е добра. Ова не го пишувам за да станам некаков ефтин „етно-партиот“ што е рамно на ефтин примитивизам, туку како аларм од загрижен граѓанин за сериозни проблеми. Вакви поделби создаваат опасна критична маса, што може многу да нè чини. Дури и најодговорните политички партиите не се свесни во каква ризична зона состојбата е доведена! Ако ова не го знат челниците на власта и на политичките партии, подобро ќе беше воопшто да ги нема, барем немаше да се враќаме во годините на политички пубертет во почетокот на деведесеттите. Милсевме дека тоа е минато! Етничката одмазда поради грешки на некоја личност со ниско политичко расудување, покажува дека сериозен дефицит на такво расудување има особено кај постојната владина страна. Поради Дон Кихот и Санчо Панса страдаа ветерници, а поради наши донкихотовци можат да страдат многу луѓе, оти голема опасност е кога немате капацитет да владеете со себе, а владеете со други.

 

Back to top button
Close