Македонија и Бугарија: Сѐ или нешто

Најдобро беше, преку преговори меѓу политичките водства на двете држави, да се избегнеше бугарското вето уште пред повеќе од две години. Оти, искуството, па и нашето, кажува дека кога еднаш ќе се заглават две држави во вето, излезот е многу тежок. Но, македонските политичари кои тргнаа по патот на нормализирање на односите со Бугарија и потпишаа Спогодба за пријателство и доброседство, мораа да останат доследни на потпишаното. Наместо тоа, во моментот кога им стана јасно дека „заедничка историја“ всушност значи „заедничка историја“, се повлекоа пред вербалните напади на бугарските националисти и антибугарските чувства во Македонија.

Дома, лавината незадоволство која надојде од сите страни го затрупа патот напред со резолуцијата во македонското собрание во која се негира таа точка од Договорот и се тврди дека македонската историја нема ништо заедничко со бугарската. Недоречените мисли на претседателот на државата за Гоце Делчев и на копретседателот на историската комисија, за некои од начините на кои се пишувала нашата историја, само ја збунија јавноста. Наскоро политичарите и историчарите почнаа да си ја префрлаат вината едните на другите. Првите бараа од историчарите да го пробијат патот кон ЕУ, но беа соочени со обвинувања за „мрачната сенка на политиката врз науката која сѐ уште господари со минатото“. За „мрачните сенки“ на идеологизираната наука врз современата македонска политика воопшто не стана збор.

Вчера усвоениот извештај на Европскиот парламент зборува за историско помирување и „заедничка историја“ меѓу Македонија и Бугарија. Кај нас тоа се доживува исклучиво како резултат на притисок што го врши Бугарија за да се толкува историјата на бугарски начин. Забораваме дека со истиот аргумент истапувавме против резолуциите во спорот со Грција, имено дека под грчки притисок другите ја толкуваат историјата на грчки начин. Подоцна се покажа дека европската и светската научна мисла ја сметаат античка Македонија за дел од хеленскиот свет а не за дел од историјата на нашата млада словенска нација. Можно ли е и овој пат во нешто да грешиме? Имено, дека, според западните книги од кои го стекнале образованието денешните европски политичари, двата посебни народа македонскиот и бугарскиот, сепак, имале некаква „заедничка историја“?

Грција не дозволи прием во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ сѐ додека не се реши спорот околу името и историјата во својата целост и во сите подробности. Бугарија денес поради меѓународниот притисок во драматично променетата геополитика во светот, се чини е сериозно притисната да го крене ветото со гаранции дека ќе се преговара за нивната резолуција и другите документи како услов за прием во ЕУ. Нашиот избор е да чекаме, Бугарија, под меѓународен притисок, да го крене ветото, што е малку веројатно, или да се согласиме и да продолжиме со билатералните преговори, паралелно со преговорите за членство во ЕУ.

Ако се согласиме на преговори нашата појдовна позиција ќе биде нашата резолуција на собранието и нашите документи. Тоа ќе биде и позицијата на Бугарија: нивната резолуција и нивните документи. Двете резолуции, како што знаеме, се исклучуваат една со друга и не нудат решение. Десет години, колку што би ни требало до полноправно членство, се долг период во политиката. Толку долг што велат дека, во сите напишани книги, никој не погодил каков ќе биде светот после десет години. Ако е така, најстрашно што може да им се случи на двете земји , и после десет години, е да не се поместиме ни за милиметар напред од спротиставените резолуции по прашање на историјата. Тогаш, реформирани со поддршка на европските фондови, можеме да кажеме „не“ на членството во ЕУ, опција која треба да биде нагласена и во заедничкиот документ доколку таков се потпише. Да стоиме во место и да не разговараме со ЕУ и со Бугарија е најлошата опција за нашата држава.

Back to top button
Close