Македонија и Бугарија заедно ќе градат тунел кај Деве Баир

Македонија и Бугарија се договорија да го финализираат договорот за изградба на железнички

тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир до крајот на јули, со што се отвора патот за почеток на градежните работи во 2026 година.

Фотографија: BGNES

Македонија и Бугарија се чекор поблиску до реализација на заедничкиот проект за изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, како дел од завршницата на источниот сегмент на Коридорот 8. На состанок во Брисел, двете страни се договорија до крајот на јули да го финализираат текстот на меѓувладиниот договор, со кој ќе се дефинираат техничките, финансиските и оперативните аспекти на проектот.

 

На состанокот, организиран од Европската комисија, присуствуваа високи претставници од транспортните институции на двете земји, меѓу кои и државниот секретар на македонското Министерство за транспорт, Стефан Волкановски и директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, како и заменик-министерот за транспорт на Бугарија, Љубен Нанов. Присутни беа и претставници од Европската инвестициска банка и Транспортната заедница.

 

Нов тендер за делницата кај Крива Паланка

Договорот, чиј потпис се очекува оваа есен, ќе овозможи започнување на градежните работи на тунелот во првата половина на 2026 година. Тунелот ќе биде изграден според постоечкиот технички проект подготвен од македонска страна, а двете земји ќе формираат работни групи за негова имплементација.

Македонија се обврза до крајот на 2025 година повторно да го објави тендерот за делницата Крива Паланка – влезот на тунелот, додека Бугарија ги презентираше своите активности на сопствената територија.

Двете страни изразија подготвеност за заедничко аплицирање за финансиска поддршка од ЕУ и меѓународни партнери, со цел обезбедување средства за реализација на овој стратешки проект.

 

Двете земји изминативе месеци во повеќе наврати меѓусебно се обвинуваа за блокада на проектот за изградба на железничката пруга на Коридорот 8. Македонскиот министер за транспорт, Александар Николоски во април ја обвини Бугарија „дека не сака да ја гради пругата“.

Од другата страна, бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов реплицираше дека Бугарија веќе работи на пругата на која, до 2032 година, возовите ќе сообраќаат со 160 километри на час, додека од другата страна ништо не се работи.

Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранот со Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, е дел од поширокиот европски транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и има силна поддршка од Европската унија. (Dw)

Back to top button
Close