Македонија и ЕУ имаат ист проблем со свирепата меѓународна политика

 

Денко Малески

 

ЕУ деновиве ја доживува македонската судбина: никако да ја разбере разликата помеѓу правото и политиката. Правото со кое владеат принципите и правдата а политиката која почива врз моќта и интересите.

Занемарувајќи го второто и повикувајќи се на принципите на меѓународното право за неповредливоста на границите, Европа не ја признаваат суровата реалност на меѓународното општество на држави дека не е можно враќање на состојбите од пред руската инвазија на Украина. Некни, Урсула фон дер Лајен, пред европскиот парламент, го обелодени ставот на Комисијата со која председава, за нови милијарди евра воена поддршка за несреќната земја. Имено, во план кој треба да се реализира до 2030, ЕУ ќе „инвестира“ нови 500 милијарди долари за отпорот на Украинците. Значи, војната треба да трае барем уште пет години. Целта? Украина, согласно меѓународното право, да ги врати своите окупирани територии и да воспостави целосен суверенитет врз земјата. Воените аналитичари, пак, сметаат дека војната е веќе изгубена и дека, ако не се постигне мир сега, Украина ќе доживее тотален пораз на военото поле од несразмерно посилниот противник. Така, наместо да се сочува она што може да се сочува од Украина денес, војната би завршила со тотален пораз на земјата, а, со време, новата реалност на теренот ќе стане „новото право“. За младите животи на украинските војници Европа нема пресметки иако се претпоставува дека веќе еден милион се изгубени.

Која е логиката дека и без Америка, која сака да се повлече и да прогласи мир,исполнувајќи ги руските барања, Европа и Украина можат да издејствуваат победа, никој не знае. Веројатно се мисли дека Доналд Трамп, кој едно зборува денес а друго утре, конечно ќе се врати кон сојузниците во заеднички напор да се порази Русија. Потребно е,вели оваа логика, Европа да ја продолжи војната најдолго што може. Стравот од нуклеарен судир помеѓу Русија и Америка како да го нема. Пред некое време некогашниот шведски преиер и министер за надворешни работи Карл Билд изјави дека дури и Русија да фрли атомска бомба врз Украина, нема да избие нуклеарен конфликт помеѓу двете големи сили, што веројатно е точно. На Трамп, кој не сака војна, а кој и малку нормале би сакал да стане пепел, веројатно му е објаснето од генералите дека сите негови градби во бизнисот со недвижности ќе се пеплосаат заедно со поголемите американски градови. Споредувајќи ги тие свои градби со „уметност“, Трамп сигурно не би сакал да доживеат таква судбина.

Но, на американскиот претседател не му остануваат многу опции на располагање. Сега, кога не успеа да произведе мир „за 24 часа“, му остануваат само уште две опции: или да се повлече од војната и да ги остави Европејците и Украинците да се борат или да се врати на политиката на неговиот претходник Бајден и да бара нови пари од Конгресот за натамошно финансирање на војната. Втората опција е малку веројатна. Раководени од принципите на правдата и на меѓународното право големите евродски држави, како и Америка под Бајден, се спремни да се борат до последниот Украинец. Се прашувам дали би се определиле за мир сега кога би биле во прашање животите на млади Германци, Французи или Британци. Мислам, не. Тоа што Украинците се спремни да гинат е разбирливо – се работи за нивната татковина, но ова што го прават Европоејците, знаејќи дека војната е изгубена и дека следи тотална деструкција на Украина и на нејзините војски е феномен. Во светлината на овие свирепи факти изразени во воена, економска и друга моќ, повикувањето на меѓународното право на Украина да го врати својот суверенитет, е безумно. Можеби европските политичари ја споредуваат сегашната ситуација со попуштањето пред мегаломанијата на Хитлер во Втората светска војна и секој од нив сака да биде нов Черчил, ама светската ситуација е многу поинаква – ние живееме во нуклеарната ера а судир помеѓу нуклеарните сили е крај на човештвото. Затоа мирот е правиот пат, сега додека може да се спаси нешто. Сетете се само на повикот на починатиот папа Френсис до Украинците дека не треба да им е срам да истакнат бело знаме и да преговараат додека е време.

Слични маки со правото и политиката има и нашата држава. Политичарите не можат или не сакаат да ги разберат а потоа на народот и да му ги објаснат реалностите на меѓународната политика. Уште пред триесет и пет години, кога Грција го усплови нашето признавање од ЕЗ со промена на името, ние го имавме меѓународното право зад нас. Имено, право е на секоја држава да си го избере своето име, и неправда е на народ да му се наметнува име, но ЕЗ се повикуваше на реалностите на политиката: дека секоја држава-членка има право на вето. Сојузите, пак, се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, ни беше објаснето. Фактот дека комисијата на Бадинтер, нивната комисија создадена од претседатели на нивните уставни судови, пресуди во наша корист, беше немоќен пред интересот на Грција и потребата Сојузот да си го брани единството. Децении подоцна, ние во Македонија одбиваме да ја разбереме ова дистинкција и се повикуваме на принципите на правото. Не прифаќаме неправда и точка. Добро, обичниот граѓанин во борба да донесе леб и млеко на масата на семејството, нема време да чита и анализира, ама политичарите би требало да знаат подобро. Или знаат па го злоупотребуваат патриотизмот за политички цели. Како да не постоело искуството со Грција, како да не гледаат што и се случува на Украина. Нашите политичари зборуваат за идеалниот свет на меѓународното право а не за реалниот свет на меѓународната политика. Не сум сигурен дека наидуваат на разбирање кај странските соговорници кои знаат подобро.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беше пол со разбирање за нашата сегашна позиција во односите со ЕУ и Бугарија. Сите средства за масовно комуницирање ги објавија неговите зборови за правото на Македонија на свој став и за неприфаќање на се што доаѓа од Брисел. Но, никој не укажа на неговата забелешка дека на нашата претседателка, „професорица“ по право, како што се изрази, и укажал дека така не работи ЕУ.

Во разговорите веројатно сакал да и каже дека Макијавели, во најдобрата смисла на зборот, а не некое звучно име на правник, е вистинскиот советник во политиката на секоја успешна државна политика. Значи, треба многу дипломатија од која се раѓаат мирољубиви решенија, а не повикување на правни норми. Дури да сме во се во право, ама баш во се, а не сме, мирот и како да се сочува народот е нјаважно. Една анегдота вели дека во Лондон има гробишта на чиј влез пишува:„Овде лежат оние кои имале предност (во сообраќајот)“.

 

Back to top button
Close