Македонија и САД – голем влог и голем ризик
Така одлучивме, рече претседателот на Владата на Северна Македонија Христијан Мицкоски на прашањето зошто решиле да бидат коспонзори на Резолуцијата на САД за завршување на руско-украинскиот конфликт. Овој лаконски одговор за толку крупно стратешко прашање е најдобар показател за драстично сменетиот курс во надворешната политика, и тоа со еден потег, кој ја урива досегашната позиција на државата усогласена со европските партнери. Епилогот пак, од гласањето за двете резолуции и американската и европската во Обединетите Нации и во Советот за безбедност покажа дека Македонија нема способност да ги антиципира игрите на големите сили и соодветно да се позиционира. Па така, како држава кандидат за влез во ЕУ гласаше воздржано за европската резолуција, која патем успеа да се провлече во Обединетите Нации со 93 гласови „за“, 18 „против“ и 65 „воздржани“.
Советот за безбедност на ОН, пак, ја усвои резолуцијата на САД со 10 гласа „за“, додека Франција, Велика Британија, Данска, Грција и Словенија беа воздржани. Русија гласаше „за“, откако не успеа да ја измени и откако стави вето на европскиот обид да вгради формулации за поддршка на Украина.
Колку е погрешен потегот на македонските власти може да се види и од фактот дека резолуциите на Генералното собрание имаат политичка тежина, и дека конкретната европска резолуција го одразува глобалниот поглед на војната.
Но да се вратиме на домашната ситуација. Наспроти премиерското „така одлучивме“, промената на надворешнополитичкиот курс бездруго заслужува опсежна елаборација бидејќи станува збор за голем влог со уште поголем ризик. Прашање е дали САД и Унгарија можат да ги супституираат пријателите што ѝ се потребни на Северна Македонија во Европа: Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Холандија. Дури и една Италија, чија премиерка не ги крие симпатиите кон новиот американски претседател, не се осмели да се придружи кон резолуцијата на САД, туку гласаше за европскиот предлог. Затоа што знае дека Трамп им е потребен, но уште попотребни им се земјите од ЕУ со кои блиску соработуваат. Италија остана доследна на својата досегашна политика кон руско-украинскиот конфликт, поддржувајќи ја Украина, за што без никаква задршка е гласноговорник премиерката Џорџа Мелони.
Проевропската ориентација испари
Да се патува во САД и да се објавуваат фотографии со некои луѓе од орбитата на новиот американски претседател, е една работа, но да се прогласи земјата за коспонзор на резолуција која одбива да го признае агресорскиот однос на Русија кон Украина, е сосема друга работа. И ја изложува нашата земја на голем ризик да се најде во процепот меѓу ЕУ и САД во моменти кога тоа најмалку ни треба. Северна Македонија како мала држава со комплицирани внатрешни односи и чии стратешки интереси не се заокружени, треба да биде свесна во каков ризик се впушта. Светот рапидно се менува, тоа е факт, но факт кој треба да ја мобилизира државата да го дефинира својот интерес врз реални и остварливи основи, а не со хазардерство кое може скапо да ја чини.
Со оваа политика, нашата држава ќе има проблем да ја одржи проевропската ориентација, бидејќи откако земјотресот ќе стивне, остануваме Европа и ние. Премиерот Мицкоски со ентузијазам зборува за победата на ЦДУ во Германија. Тој рече дека се надева на „исклучително добри билатерални односи со Германија и со владата на Фридрих Мерц“. „За нас САД се стратешки партнер, сега и нашата сестринска партија ЦДУ/ЦСУ победи на изборите во Германија. Препоставувам дека ќе ја формираат новата влада, на чело со канцеларот Мерц“, вели Мицкоски.
Меѓутоа објаснувањата дека по победата на десните конзервативни сили во САД, победила и сестринската партија во Германија, со јасен поттекст дека тоа е шанса за Македонија, не држат, бидејќи лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц уште на старт направи дистинкција меѓу неговата политика и политиката на „новото нормално“. „Никогаш не би помислил дека ќе кажам нешто такво, но коментарите на Трамп јасно покажуваат дека Американците, барем овој дел од Американците, се во голема мера рамнодушни кон судбината на Европа“, рече Мерц по изборите.
На Минхенската безбедносна конференција, Мерц исто така жестоко му одговори на американскиот потпретседател Венс: „Нема да дозволам американскиот потпретседател да ми каже со кого треба да разговарам овде во Германија“. Одговорот дојде по говорот на потпретседателот Венс, оној говор на кој единствено аплаудирал македонскиот премиер Мицкоски.
Доколку Фридрих Мерц успее да обезбеди владино мнозинство и да стане следниот канцелар на Сојузна Република Германија, тој ќе заседава во Европскиот совет заедно со шефовите на држави и влади на другите 26 држави на ЕУ. Тие ќе го трасираат курсот за политиката на Европската унија.
МНР се обиде да ублажи
Каде се наоѓа Северна Македонија во таквиот развој на настаните? Одлично прашање бидејќи откако еуфоријата во Белата Куќа, која ја зафати и ЕУ, ќе стивне, нашата земја повторно ќе треба да ги обиколува европските метрополи за да ги брани своите позиции.
Со пресвртот што го прави, македонскиот премиер оди во спротивна насока и од онаа на Европската народна партија (ЕПП), каде што членува ВМРО-ДПМНЕ. ЕПП на тригодишнината од руската агресија врз Украина на мрежата Х оддаде признание на борбата на Украина да ја зачува својата независност. „Светот се смени, но духот на Украина остана нескршен. Ја продолжува битката за својот народ, територија и иднина“, порача парламентарната група на ЕПП. Десно-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ која ја има власта во Македонија, со коспонзорството на американската резолуција не е на линија на групата сестрински партии од каде очекува поддршка.
Северна Македонија токму на прашањето за Украина имаше целосна усогласеност со надворешната политика на ЕУ која сега недвојбено ја напушта. Усогласеноста на македонската надворешна политика со европската, покрај промената на името, беше еден од клучните аргументи на Скопје дека Северна Македонија испорачува, а ЕУ не.
Министерството за надворешни работи се обиде преку соопштение да ги ублажи потезите на премиерот. „Одлуките за спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација“, е ставот на Министерството за надворешни работи (МНР).
Но, освен што со тоа државата покажа желба да седи на две столчиња кои се разликуваат еден од друг како небо и земја, евидентен е и обидот да се заташка потегот без преседан, што сѐ заедно демонстрира и несигурност во водењето на државата. (dw)
Соња Крамарска