Македонија и „светскиот дух”

Во услови кога директно или индиректно силните држави „наново ја премеруваат Земјината топка“, малечките земји како Македонија мора да имаат тактички добро промислена позиција во надворешната политика.
Тој што денес сериозно размислува за состојбата во светот во само еден месец од новата календарска година, почнува се‘ повеќе да се чуди како големиот филозоф Хегел можеше да верува дека историјата е процес на самопројавување на „светскиот дух” (Weltgeist), кој со „итроста на умот“ (List der Vernunft), наспроти сите кризи, на крајот се преобразува во совршен, „апсолутен ум“. Така во 19-от век Хегел го замислуваше историскиот прогрес. Денес знаеме дека историјата на светот отсекогаш ја пишуваше политиката. Таа е денешниот „светски дух“, кој само ретко проблеснува како совршен, апсолутен ум. Затоа во шокот пред сликата на светот повеќе помага да се побара совет кај историчарите, отколку кај филозофите.
На пример, кај минатогодишниот добитник на наградата за мир на германското издаваштво, германскиот историчар Карл Шлегел ( Karl Schlögel). Во најновото интервју за неделникот „Ди Цајт“, тој вели дека моментот во кој се наоѓа светот бара од нас на нов начин да промислиме како, всушност, се одигрува историјата. Настаните со кои започна годината, диригирани од Доналд Трамп, за Шлегел го негираат Хегел, бидејќи „светот не следи ниту програма за прогресот, ниту некоја итрост на умот“. Јасно сознаваме, вели Шлегел, дека историјата е секогаш отворена. Научникот кој ја доби нагрдата за мир за делото „Во просторот го читаме времето“( „Im Raume lesen wir die Zeit“), знае дека во историјата, одвреме-навреме, „наново се премерува светот”. Сега било такво време. Тоа за него започнало со анексијата на Крим 2014, а најјасно се пројавило со инвазијата на Русија во Украина, како и со понижувањето на Зеленски од страна на Трамп и неговата свита во Oval Officе. Американската политика со тоа се откажала од дотогашниот дипломатски морал, култура и манири.
„Промена на парадигмата“
Според Шлегел, со настаните на почетокот на годинава заврши „долгиот 20-ти век, со неговите морални правила, неговите утопии, неговите јасни принципи. Во 2026 мораме повторно да зборуваме за целосна отвореност на историјата. При сета лудост која во моментов се случува во светот, мораме да запаметиме: одеднаш сме присилени да размислуваме на нов начин“, заклучува тој. Шокот во кој се и политичарите и обичните граѓани откривал претстоечка „промена на парадигмите“. Шлегел вели дека ние повеќе немаме поими со кои би го објасниле тоа што се случува. Иако тоа е признавање на капитулација, ова сознание сведочело дека се работи за една сосем нова интелектуалната ситуација.

Историчарот, кој истакнува дека имал намера до крајот на животот да го разбере докрај барем „Путинизмот“, но сега добил нова задача за промислување и на „Трампизмот“, истакнува колку е значајно не само за денешните научници, но, пред се‘, за политичарите, да согледаат дека факторот „простор“ денес станува централен во светската политика. Не се работи за обичен „простор“, ниту за географски. Секако, се работи за територија, државно-стратешка или културно-историска. Тоа, всушност, е веќе подолго време во игра со „културниот империјализам“. Тој сега станува манифестен и на Истокот и на Западот, а стремежот за освојување нов „просторот“ е клучна димензија не само во руската, туку и во американската надворешна политика. Затоа што се подготвува нова „светска карта“, предупредува историчарот Карл Шлегел.
Да не се „преспијат“ кризните времиња
Најголемиот жив германски филозоф, Јирген Хабермас, еднаш рече дека главната задача на „интелектуалецот, кој му останува верен на својот интегритет“ е да го крене гласот во јавноста, „секогаш кога дневно-политичките настани „ќе излезат од колосекот“, а другите уште се кај »business as usual«”. Во време во кое и најголемите интелектулаци во светот се чинат „без компас“, што е разбирливо поради сложеноста на настаните, македонската политичка и интелектуална јавност како да чека „светскиот дух“ да го реши нејзиниот проблем. Би било од голема полза за македонските државници, особено на тие кои стратегијата на Македонија во ова екстремно нестабилно време ја градат повикувајќи ја ЕУ да се држи за „нејзините вредности и принципи“, сериозно да размислат за сознанијата на германскиот историчар Карл Шлегел. Особено неговото укажување дека големите сили ги напуштија старите принципи, вредности и морал, потсетувањето на културните и моралните вредности и принципи на ЕУ во минатото, ја промашува целта, затоа што самата ЕУ е присилена да се снаоѓа во нова констелација, без старите вреднсти и принципи во глобалната политика. За земја како Македонија може да биде рискантно, во политичка констелација во која империјалниот стремеж за „простор“, културен или политички, станува се‘ поприсутен и на Балканот, да чека на „светскиот дух“, тој магично да ги реши нејзините проблеми. Во услови кога директно или индиректно силните држави „наново ја премеруваат Земјината топка“, малечките земји како Македонија мора да имаат тактички добро промислена позиција во надворешната политика. Затоа анализата на Карл Шлегел на сегашната светска ситуација е многу значајна, бидејќи тој одлуките на Трамп или Путин ги поставува во познатите констелации во Втората светска војна и во „Студената војна“, кои тогаш останале „незавршени“. Тој укажува дека Гренланди во тоа време имал големо стратегиско значење за политиката на САД. Денес тој стремеж се обновувал од истите причини.
Во овој сложен миг, би било умно и во Македонија да се согледаат ризиците и опасностите од светската криза. За тоа промислување минатото на Македонија треба да биде причина за сериозна анализа, за да се подготви најдобрата државна стратегија. Зашто од историјата знаеме дека најголемите штети Македонија ги доживеа во вакви времиња на нови „исцртувања на светската карта“. Такво беше времето пред Првата светска војна, пред која соседите побрзаа да се „обединат“ во балкански сојуз против Турција. Така беше и во Втората светска војна. Историјата покажува дека, доколку државите и народите ги „преспиваат“ кризните времиња во кои „наново се премерува светот“, тие потоа се разбудуваат од сонот како жртви, а не како победници.






