Македонија како „Труман шоу“

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумната

Во вторникот вечерта во елегантниот арт деко културен центар во Брисел, „Бозар“, претставниците на Молдавија, вклучувајќи ја и претседателката Маја Санду, го славеа извонредниот пробив на земјата на патот кон  ЕУ по објавувањето на годишните извештаи на  Европската комисија. Еврокомесарката за проширување Марта Кос дента ги групираше земјите кандидати за тоа колкав напредок направиле изминатава година:  Црна Гора  и  Албанија се на чело на групата, во која сега се и Молдавија и Украина.

За Албанија оцени дека напредувала без преседан за краток рок, додека Молдавија направила најголем прогрес за една година – и покрај постојаниот притисок од руските хибридни закани, најавувајќи дека ќе бара отворање на кластерите во ноември. Потоа ги наброја  земјите од втората група: Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

Оценката за Молдавија не е мала работа. Всушност таа е огромна, затоа што дојде за земјата за која малкумина зборуваа во Европа до почетокот на инвазијата на Русија на Украина. Кревката, но челична претседателка Маја Санду, проевропска во секој чекор, успеа да ја стави нејзината земја високо на агендата на Евроопската унија. Го доби вториот претседателски мандат на ланските избори, на референдум помина одлуката дека  Молдавија е за членство во ЕУ,  а во септември и нејзината партија убедливо победи на парламентарните избори.

И затоа имаше причини за славење. Санду дојде во Брисел, каде Марта Кос лично ѝ го предаде извештајот за напредокот на нејзината земја. Во културниот центар „Бозар“ се собраа комесари, дипломати, цела фаланга европратеници. Се служеше молдавско шампањско (државата е позната по своето вино). За оние што се разбираат во вино тоа беше Cricova Brut, и сувото црвено вино Purcari Freedom Blend направено од грозје од Молдавија, Грузија и Украина, сите земји кои се соочуваат со руска агресија. На тој прием со многу оптимизам Санду рече дека нејзината земја „ја одржала демократијата жива“ и покрај бранот „хибридни напади“. Марта Кос одржа поздравен говор со многу пофалби.

На самитот организиран од Еуроњуз Санду рече доколку Молдавија не се приклучи на Европската унија во наредните три години, суверенитетот на државата ќе биде во опасност. Според неа, Молдавија ќе биде подготвена од февруари за отворање на сите кластери за пристапување кон ЕУ. „Русија не може да стигне до Молдавија сега, бидејќи Украина се спротивставува, но Русија може да го побара суверенитетот на Молдавија, ако постави лојални луѓе на позиции, кои може да ги контролира, а потоа тие луѓе да прават што сака Кремљ, а не што е добро за граѓаните на нашата земја“, изјави таа.

Некој има причини за славење, некој ги штиклира областите каде што напредува, некој се чуди зошто паднал во некоја група подолу. Доколку се споредат извештаите каде се наведува усогласеноста на државите со европската регулатива, од 33 поглавја Црна Гора има поместување напред во 12, Албанија во шест, а Македонија само 0,5 (вклучувањето во системот СЕПА за слободно движење на капиталот). Тој мал напредок или стоње во место на  Македонија не е нешто спектакуларно ново, слично било и минатите години. Новото, како што вели Симонида Кацарска, е што додека ние стоиме во место или одиме некој чекор наназад, другите одат напред и испорачуваат. Не е проблем во уставните измени, туку што нема реформи, што сѐ е запрено.

Дистописки заговор

Сега за една дистопија, за поединецот и неговиот однос кон државата.

Оттогаш поминаа 27 години. Кога тогаш извонредниот комичар Џим Кери се појави во неверојатната психолошка драма „Труман шоу“ (со елементи на комедија и научно- фантастичен трилер) тоа беше претстава на дистопија и предвесник на реалното шоу „Големиот брат“.

Само кусо за приказната која изгледа како темна сатира за воајеризмот и неисцрпните манипулации на медиумите: Филмот на Питер Вир го следи Труман Бурбанк, продавач на осигурување чиј цел живот не се одвива на островот Сихевн како што тој верува, туку во еден филмски сет. Неговото семејство, вклучувајќи ја неговата енергична сопруга, најдобриот пријател, па дури и неговата мајка, се платени актери кои очајно сакаат да ја одржат илузијата жива и шоуто да се емитува. Конците ги влече божествениот Кристоф, кој го режира шоуто од „месечината“.

Шоуто се емитува цели 30 години, од неговото раѓање, кога Труман забележува необични појави, како што се сценско светло што паѓа од небото, изолирана дамка дожд што паѓа само над него, радио пренос што ги опишува неговите движења. Тој сфаќа дека веројатно е вклучен во нешто што е наместено. Тогаш Кристоф го испраќа најсмртоносното оружје во својот арсенал: најдобриот пријател. Тој го смирува Труман со неоспорната привлечност на братството: „Размисли за тоа, Труман. Ако сите беа вклучени во тоа, и јас ќе морав да бидам вклучен“. Како што пишува филмскиот критичар на „Гардијан“, Питер Вир сугерира дека ние сме во светот на Штази, на авторитаризам што ја инфицира домашната сфера, ги труе самите зборови што излегуваат од нашите усти, конформистот ја плаќа моралната цена за да го одржи статус-квото. По сите перипетии Труман сепак излегува од островот, а гледачите веќе бараат да почне да се емитува ново шоу каде еден или повеќе луѓе живеат во наместени сцени а да не се свесни за тоа.

За многумина Македонија во последниве триесетина години наликува на „Труман шоу“. Таа како постојано да живее според сценарио во кое е среќно исплашена од надворешни непријатели, држави и народи кои само ѝ сакаат зло, кои сакаат да ја потчинат, омаловажат, потценат, па дури и избришат. Тој страв не е неоснован, но прашањето не е како да се потисне стравот, туку како да се победи.

Во македонското„Труман шоу“ актери се огромни армади, тие сакаат да живеат во некаков филмски сет, во кој има многу режисери, а не само божествениот Кристоф. И сценариото се менува од ден во ден, од час во час, но основната нарација останува иста.

Да ги земеме само реакциите последниве два-три дена за  Ивештајот на Европската комисија.Владејачката  ВМРО-ДПМНЕ  преку едно конфузно соопштение оцени дека „извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата“. Но, сепак, партијата вели дека тој бил „одличен“ затоа што поттикнувал на реформи.

„Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата… Но за нас е јасно дека  вакви и слични извештајчиња ќе продолжат сѐ додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, сметаме дека извештајот е одличен и нѐ охрабрува  да продолжиме на патот на реформите“.

Трумановото шоу продолжи утредента кога премиерот Мицкоски изјави:  „Да ги направиме уставните измени,  ќе бидеме најдобри и потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми и тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони. Од она кое што е таму напишано јас сум исклучително задоволен, бидејќи нема назадување. Не можам да се согласам со констатацијата дека има некои други земји коишто се пред нас. На пример, ние сме многу пред Албанија. Објективна оценка е дека Црна Гора е прва, на второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово“. Каква Молдавија? Која е таа земја?

Европските режисери и македонскиот кастинг

За некого можеби изгледа дека е препретенциозно оваа водвиљ приказна да ја споредуваме со „Труман шоуто“, ремек-делото на Питер Вир. Ова е повеќе манипулација наменета за сопственото гласачко тело, оние што го следат вмровското реално шоу. Како што има манипулација за медиумите во соопштението од прес-службата на Владата по  прес-конференцијата на Христијан Мицкоски и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Објавувајќи го обраќањето на премиерот за медиумите, прес-службата му даде наслов: „Мицкоски: Македонија останува посветена на европскиот пат, но без двојни стандарди и политички притисоци“. Проблемот е што во целото излагање  Христијан Мицкоски  не спомена ни двојни стандарди ни политички притисоци. Но добро е медиумите да го пренесат тој наслов и да се појави на агрегаторите, па макар не била вистина. Како што не е вистина ни дека сме пред Албанија, но очигледно премиерот сака да бидеме рака под рака со Србија. Во некакво братство.

Како и да е, подгответе се за нови епизоди на македонското „Труман шоу“. Европските режисери веќе не знаат што да прават со македонскиот кастинг, американските изгледа се откажуваат од оваа шоу кое има сѐ помала гледаност и останува само на македонските вештачки да го одржуваат неговиот рејтинг. Се разбира, додека се може, па и до последниот човек. И кога тој последен човек ќе каже – Молдавија? Која Молдавија? Албанија? Немој да ми ја споменувате неа. Црна Гора? Па таа не беше ни држава кога ние го добивме кандидатскиот статус.  А се сеќавате ли како го исчистивме Скопје од ѓубрето за 72 часа.Тоа беше како истоварувањето во Нормандија. Го може ли тоа некој?

Љупчо Поповски

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close