Македонија – лажната Спарта

Поширокото толкување на стихот од неговите „Оди“ значи дека хероизмот постои дури и ако никој не го забележува. Самиот цитат ја возвишува улогата на писателите и поетите во давањето бесмртност на хероите. А Хорациј во основа се потсмевал на оригиналниот „свет поетски бард“ Хомер, автор на „Илијадата“, каде што се раскажува приказната за Агамемнон.
Кралот на Микена беше врховен командант на грчката војска во Тројанската војна. Неговиот углед меѓу Ахајците бил несразмерен со улогата во легендарната античка војна, затоа што бил одговорен за неуспесите, бил кукавица. А на некој начин бил одговорен и за сопствената смрт, кога по враќањето од Тројанската војна бил убиен од сопругата Клитемнестра (која присилно ја оженил) и нејзиниот љубовник Егист.

Бидејќи е опеан од Хомер, неговата цврстина, храброст и длабокоумност би требало да се подразбираат. Но, ако не си опеан и не си воспеван пропаѓаш во заборав.

Многумина во денешниот свет би сакале да се поистоветуваат со античките херои или држави поради што треба да се предодрени за восхит. На почетокот на септември, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во еден речиси шокантен говор ја поистовети државата Израел со „супер Спарта“.
„Атина и супер-Спарта“
Неколку часа пред да започне копнена офанзива врз градот Газа, Нетанјаху со говорот ја подготви својата земја за иднина на растечка економска изолација, повикувајќи ја да стане „супер Спарта“ на Блискиот Исток. Премиерот замислуваше иднина за Израел каде општеството ќе биде помилитаризирано, делумна автархија – или економски самодоволна земја – со ограничени трговски опции и сè повеќе потпирајќи се на домашно производство.
Во својот говор Нетанјаху рече: „Сè повеќе ќе треба да се прилагодуваме на економија со автархистички карактеристики“. Овој технички термин, кој се однесува на затворена и самостојна економија, е „зборот што најмногу го мразам“, продолжи тој. „Верувам во слободниот пазар, но може да се најдеме во ситуација каде што нашите индустрии за оружје се блокирани“.
Во сценариото „Атина и Спарта“, рече тој, Израел ќе „мора да стане Атина и супер-Спарта. Нема избор. Барем во наредните години ќе мора да се справиме со овие обиди да нè изолираат. Она што функционираше досега, нема да функционира отсега па натаму“. Тој ги обвини странците за зголемената изолација на Израел поради војната во Газа. Нетанјаху ја нарече изолацијата „опсада организирана од неколку држави“. Едната е Кина, а другата Катар.
Реакциите во самиот Израел беа жестоки, а меѓународната јавност се потсмеваше. Берзата во Тел Авив падна. Опозицискиот лидер Јаир Лапид го нарече говорот на Нетанјаху „луд“. Израелскиот бизнис форум, кој претставува двесте од најголемите компании во земјата, издаде строго предупредување: „Ние не сме Спарта“. Јоси Вертер, од либералниот весник „Хаарец“, напиша колумна со наслов „Нетанјаху ја претвора стартап нацијата во Спарта нација – и се обвинува себеси по патот“.

Други се фокусираа на чудниот избор на метафора од страна на Нетанјаху. Надав Ејал, колумнист за центристичкиот весник „Једиот Ахронот“, објави остар историски потсетник: „Патем, Спарта изгуби“. Алон Пинкас, поранешен израелски дипломат, рече: „Би помислил дека човек кој се фали со своето разбирање на шемите на историјата би знаел за што зборува“. Во текот на изминатиот век, рече Пинкас, четири земји се однесуваа како автархична Спарта: нацистичка Германија, Јужна Африка од времето на апартхејдот, Албанија под нејзиниот комунистички режим и, од неодамна, Северна Кореја. „Ова е клубот на кој сакате да се придружите?“, праша Пинкас.
„Колку романтично е да се фантазира за херојските и аскетски Спартанци, од кои само неколку стотици успешно се бореа против моќна персиска војска кај Термопилите. Проблемот е што Спарта беше уништена“, напиша ветеранот колумнист Бен Каспит во централно-десничарскиот весник „Маарив“. „Изгуби и исчезна“.
Пелопонеските војни
Во последно време на неколкупати во македонскиот јавен дискурс се споменува старогрчкиот историчар Тукидид и неговите „Пелопонески војни“. И за да се објасни агресијата на Русија врз Украина, но и на посреден начин и битката на македонската власт со Европската унија, таа моќна заедница каде што сакаме да се приклучиме.
Само мало објаснување за Пелопонеските војни. Нив ги водеа две коалиции на тогаш најмоќните градови држави во античкото грчко општество: Атина и Спарта. Атина знаеме каде е, а Спарта е во центарот на јужниот дел на полуостровот Пелопонез. Пред 2500 години Атина беше отворено општество, а Спарта беше затворено. Атина беше демократска, а Спарта беше олигархиски управувана од неколкумина избрани. Разликите беа многубројни. Во 431 година п.н.е. избувна војна помеѓу Атина и Спарта. Од една страна, Атина беше најголемиот град во земјата. Атина, како таква, функционираше како центар на економските, политичките, финансиските и културните работи во Грција. Градот беше, исто така, симбол на слободата, уметноста и демократијата за цивилизираниот свет.

За разлика од ова, Спарта беше многу помал град. Додека Атина беше дом на слободата, Спарта беше дорска грчка воена држава и беше одговорна за заштитата на Грција. Спарта обезбеди огромна армија за да ја брани Грција во текот на многу години.
Спарта имаше воена предност на копно, бидејќи нејзините армии беа многу посилни од атинските. Сепак, Атина имаше далеку посилна морнарица, што им даде значителна предност на море. А го имаше и лидерот Перикле. По неколку години војна, Спарта ѝ понуди на Атина мир. Атина ја прифати понудата и примирјето беше официјализирано со потпишувањето на Никиевиот мир.
Но, договорот траеше само шест години и конфликтот продолжи со напад на Атињаните на Сицилија. Спарта возврати и, набргу, војната повторно беше во полн ек. Спартанците научија од претходниот конфликт со Атина и изградија силна поморска флота. Војната беснееше уште 10 години, пред спартанскиот генерал Лисандар конечно да ја победи атинската флота кај Аегоспотами 404 година п.н.е.
Во меѓувреме Перикле умре од чума која ја зафати Атина, како и неговите синови. Речиси половина од популацијата на Атина умре од чумата. Овој пораз беше последната капка за атинската војска, која набргу потоа се предаде. Со ова, Пелопонеската војна конечно заврши. Крајот на Пелопонеската војна го означи и крајот на златното доба на Античка Грција. Спарта стана господар на античкиот грчки свет. Но само педесетина години, пред Македонците на кралот Филип и неговиот син Александар да збришат сѐ од ахајсаката Грција и да му дадат нова вредност на хеленскиот свет.
Прво со Александар Велики, а потоа со Римјаните, Атина ја враќаше славата, а Спарта пропадна во провинциски неважен град.

Историските параболи и Македонија
Ако ги исклучиме историските стории за храброста на Спартанците (особено во битките против Персијците) што би можело да се научи од Спарта? Градот имплементираше и одржуваше расна сегрегација преку касти. За да одржат таков необичен режим, Спартанците биле принудени да се трансформираат во воена каста од колепка до гроб. Внатрешната рамнотежа беше толку кревка што секој надворешен шок би ја загрозил надмоќта на владејачката каста.
Нетанјаху отворено посака Израел да биде „супер Спарта“, а во исто време и демократска Атина. Тој, всушност, сака Израел да биде да биде милитаризирано општество. „Нема избор; барем во наредните години ќе мора да се справиме со овие обиди да нè изолираат“.
Овие историски параболи се исклучителен потсетник и за Македонија. Не само за Израел. Многу луѓе во сегашнава македонска власт (а и во нејзините спартански кохорти) потсвесно мислат дека е можна некаква нивна спартанска улога. Не поради тоа што ја знаат историјата на Спарта и Атина, ниту Пелопонеските војни. Но можеби го гледале филмот „300“ за Битката кај Термополите. Македонија нема ни воена сила ни економска моќ да тргне да се спротивставува против помоќните. Но има една лажна претстава за себе дека таа борба против неправедната Европска унија околу „францускиот предлог“ може да ја добие.
Премиерот Христијан Мицкоски како македонски Агамемнон постојано повторува: „Додека сум јас премиер уставни измени под бугарски диктат нема да се случат“. А и за други работи што се однесуваат на клучни нешта во државава тој вели: „Додека сум јас премиер…“ Така, иднината на земјата ја врзува со самиот себеси, како да е нераскинлива папочна врска и дека тој како своевиден антички крал одлучува што е добро, а што не за перспективите на земјата. Како да е Агамемнон и како пред него да немало други храбри луѓе.
Во таа спартанска претпоставеност претседателката Гордана Сиљановска-Давкова треба да го обезбеди атинскиот филозофски поттекст. Бидејќи, ако Мицкоски е воинот кој ја штити државата, на системот му треба правно толкување, а тоа може да се позајми од атинската демократија.
Сиљановска, еве, веќе 19 месеци ја подучува Европа што напишала во своите договори за Европската унија, делејќи професорски лекции за Кант, а во годишното обраќање во Собранието во вторникот ќе ги додаде Аристотел, Русо, Мил и Ласвел. За тоа да звучи филозофски уште посодржајно. А за да се најде излез од македонскиот ќор-сокак кон ЕУ, таа предлага Унијата да избере едно од повеќето излезни решенија што ги понудила Македонија. Или сама да најде свое креативно решение за деблокада на процесот.
И наспроти спартанскиот штит на премиерот и други околу него, таа ги симплифицира работите: „Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“. А по ден-два неспартански, а уште помалку атински, ќе рече дека „ЕУ мора да најде решение да нѐ држи во кондиција бидејќи не зборуваме само за помоќна ЕУ во нестабилната извесна мултиполарна сцена. Но, зошто не сака? Зашто е практична, прагматична и зашто некој се согласил”.
На Балканот има држави кои не размислуваат за спартанската одважност, туку барале начини како да се повинуваат. Еве, на пример, албанскиот премиер Еди Рама има поинаква мантра, политичка, национална и визионерска. Тој не мисли дека сѐ што кажуваат земјите на ЕУ и лидерите на Унијата е најпаметно или политички најкоректно, но со една реченица ја објаснува филозофијата на Тирана кон пристапувањето во Унијата: „Кажувајте што мислат, правете што велат“. Целосно „неспартански“.
Во битката за меѓународна наклоност шефот на дипломатијата повторува и повторува и повторува едни те исти и исти и исти работи и веројатно е навлезен во спиралата на самозалажување дека нешто помрднал овие 18 месеци додека го крстари светот. Сѐ е на почетната позиција, а другите држави во соседството отишле напред. Па дури и нетактички и надмоќно ќе ѝ порача на Софија дека ја отфрламе нејзината понуда за помош во мазут поради енергетската криза. И дека Македонија ќе ѝ помогне на Бугарија ако нејзе ѝ треба мазут (или некоја друга помош). А неговата влада прогласи кризна состојба.
Како и во параболата со Атина и Спарта македонските спартански националисти може да добијат уште неколку избори по ред, да прослават големи триумфи, да ја претворат државата во автархична економија, да ги пребаруваат визбите во потрага по предавници на кастата. Тој во средата новинарите, политичките опоненти и другите неистомисленици кои го критикуваат ги нарече „талог на општеството“ и најави дека „како Влада сме силно одлучени тој талог да го поразиме“. Па, како извонредните воини од Спарта конечно да ја добијат „војната”, а после тоа нивната држава да почне да паѓа во заборав. Прашање е дали македонскиот Агамемнон разбира каде ја води државата. Дали за да ја зачува власта е подготвен Македонија да ја престори во неговата ќерка Ифигенија и да ја жртвува за поволни ветрови за флотата, затоа што „додека сум јас премиер…“
Македонија и несвесно, а можеби и незнаејќи влегува во сликата за „минор Спарта“. А можеби дури ни тоа. Повеќе во еден автархичен антички град-држава, кој може да си биде доволен сам на себе. И, се разбира, поделен на касти, како вистинската Спарта. Како и вистинската Спарта, таа има своја олигархија, а документите за другата каста се пишуваат со новите измени на Кривичниот законик, според кои министрите и функционерите не ќе можат да одговараат за ништо. Сѐ друго е лажливо, фалшливо, фатаморганско и тогаш вистината не може да се препознае. А, всушност, кому му треба вистината? (Dw)







