Македонија меѓу Пелагонија и Минхен

Минхенската безбедносна конференција е меѓународен тематски Луна парк за возрасни. Доаѓаат политичари од цел свет и се „возат“ на мултилатералните и билатералните атракции што ги нуди паркот: ролокостери, електрични колички што се судираат на мраз, гаѓање со воздушни пушки, лижење „шеќерни магли“ на стапче, скокање на трамбулини, вртење во рингишпилите со вселенски бродчиња и левитирањето во корпите на големото панорамско тркало.

Идејата е малку низ колективните конференциски панели, а многу повеќе низ поединечните средби и дружења по салите за состаноци, низ бифеата и хотелските лобија, разни официјални претставници да си ги „очешаат“ рамењата, да разменат збор-два, да си намигнат, да се сликнат, да договорат нешто за што, инаку, би им биле потребни протоколарни меѓудржавни посети и бројни официјални состаноци по главните градови. Вака, вистински кај-си-ш’о-праиш Луна парк. Годинава на фонот на заканата од руската воена интервенција во Украина, без Русите на конференцијата кои настанот, отприлика, го прогласија за антируска западна пропагандно-политичка платформа.

Бројната македонска делегација, предводена од претседателот и премиерот, на годинешнава Минхенска конференција добро си ја заврши работата. Поединечно и групно се сретнаа, разменија мислења, разговараа со десетици важни и помалку важни државни партнери и поединци од светот на безбедносниот „бизнис“. Уредно бевме известени за ракувањата по ходниците и за разговорите по собите за состаноци, а се направија селфија и фотографии со многу од важните гости на самитот. Во центарот на нашето учество во Минхен беа (1) да бидеме таму каде што, неофицијално, се крои западната политика – годинава имајќи предвид и дека токму ние сме следните претседавачи со ОБСЕ – и (2) да се погрижиме меѓународно да се поддржат македонско-бугарските разговори за наша интеграција во ЕУ во насоката што ја туркаат Петков и Ковачевски.

Додека државниот врв викендов одработуваше во Минхен – добро, не е баш физички напорно како копање ровови за поставување цевки за канализација – и опозицијата дома викендов си одработуваше, копајќи ги рововите и поставувајќи ги партиските цевки за канализација. „Пазарџијата Ковачевски“ по 357 пат (овој месец), на 56-тата промоција на 100-те дена локална власт (а стигнати се само до Пелагонија!) од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет дека ги распродава националните интереси и „на маса со Бугарија ги нуди македонскиот јазик, историја и постоењето на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст“. „Оваа кнедла која се подготвува во кујните на заевизмот ќе биде идентитетски разорно за постоење на нашиот народ и држава“, злокобно предупредува Мицкоски.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close