Македонија најбогата на Балканот

Треба да се упатат јавни честитки на премиерот Христијан Мицкоски и неговата десна рака Александар Николоски, со должно извинување за критиките, бидејќи Македонија навистина ќе биде најбогата на Балканот, како што ни вети премиерот со радосната вест директно од Америка од првиот ред на приврзениците на американскиот претседател Доналд Трамп. По скромната милијарда на унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе имаме пристап на уште шест милијарди евра пари на Обединетото Кралство.

Обрнете внимание на изразот „имаме пристап“ до милијарди евра што е многу подобро решение од задолжување. Тоа може да биде само почеток на огромната инвестициска активност во државата како најголемо градилиште на Балканот доколку оваа генијална формула се примени на сите заинтересирани страни за ваков пристап до инвестиции од милијарди евра. Италија, Германија, Франција, Данска, Норвешка и други скандинавски земји се подготвени на истиот начин да вложуваат милијарди евра во Македонија и во некои други земји од Западен Балкан, но тие со своите неспособни политичари без визија одбиваат такво богатство. Будали.

Пресметката на нашите визионери и големи државници е многу едноставна – ако само уште пет држави во наредните неколку години, а има повеќе заинтересирани, вложат по шест милијарди евра, колку Британија, заедно со унгарската милијарда, тоа се веќе баснословни 37 милијарди евра. Згора на тоа во наредните неколку години од домашните даноци и давачки во буџетот ќе се слеат уште толку милијарди евра. Според домашниот есап во тој случај Македонија би имала „пристап“ до повеќе од баснословни 70 милијарди евра.

 

Не вознемирувајте со глупави прашања

Боже, каква среќа нѐ спопадна од умни луѓе. Македонија ќе стане рајска градина, со најсовремени автостради, брзи пруги, големи брани, плодни полиња, нафотводи, гасоводи, болници, чиста човекова околина и богати граѓани, сите милионери, во евра, се разбира. Ќе поставите „глупаво“ прашање што треба да направиме за да добиеме толку пари. Ништо страшно, нема ниту еден услов што ќе ни го наруши идентитетот, јазикот и славната ни историја. Треба само да отвориме неколку кампови (логори), или кажано креативно, како што милува да каже претседателката ни Гордана Сиљановска, неколку прифатилишта за емигранти од кои сакаат да се ослободат старите и новите стратешки партнери, или пак да не им стасаат нови бранови азиланти.

Како безбедна земја Македонија ќе го направи тоа мошне успешно, спасуваќи ги од големи проблеми новите стратешки партнери, бидејќи нивните „лоши“ закони за емигранти и за заштита на човековите права тоа не ми го дозволуваат. Затоа се подготвени да платат милијарди евра. Таков е нашиот однос кон нашите пријатели кои до вчера, а и денес, според потребите ги навредуваме нарекувајќи ги европски лицемери и бирократи кои работат против Македонија да не биде членка на ЕУ.

А, дали ќе ги враќаме парите што ќе ни ги дадат. Тоа е уште поглупаво прашање. Прво, како што убаво ни објаснија нашите визионери, тоа воошто не е важно. Многу позначајно е како ќе ги трошиме парите, а јавноста ќе знае каде ќе оди секој денар. Каматата не се знае колкава е, но сигурно ќе биде многу мала. И тоа ни го објаснија, ама не можеме да разбереме, иако е многу едноставно. Можно е и да нема камата, ако се ангажираат нивните компании да градат по нивни цени и нешто малку да ќарат од тоа во што ќе инвестираат. Најважно е што тие што ќе ги трошат милијардите нема да ги враќаат, туку тие што ќе уживаат во рајот. Нема да им биде тешко бидејќи сите ќе бидат богати.

 

Единство по урнекот на ВМРО-ДПМНЕ

Што се однесува до мигрантите, откако ќе се завршат работите и ќе ги добиеме клучевите од рајот можеме да ги отвориме вратите од логорите, поточно од прифатлиштата. Тие што ќе преживеат ќе си заминат од Македонија воодушевени од нашата гостољубивост како и сите овие години. Бадијала нѐ плашеа дека се терористи. Ова е добрата страна на приказната за најбогатата држава на Балканот и пошироко, претставена како пародија. На лошата не сакам ни да помислам, оти што можат да замислат нашите мудри политичари на власт тоа не може ни држава да плати.

Ете, затоа драги мои, ни треба единство на какво повикува секој ден по трипати нашиот премиер Мицкоски. Братство и единство по урнекот на ВМРО-ДПМНЕ. Секое друго единство и поинакво мислење е опасно по интересите на кутра Македонија. Ова е класичен пример и еклатантен доказ дека ЕУ воопшто не ни е потребна, туку само нивните пари. Имаме доволно памет за трошење, со туѓи пари ние знаеме да работиме без големи тешкотии. Ги арчиме како алва. Тоа барем досега го докажавме со веќе потрошените децении, генерации и милијарди натрупаните долгови Ова е новиот визионерски пристап до богатството што ни го овозможуваат Али Баба и 40–те „мудреци“. Сезаме отвори се.

Единството за ваквите грандиозни потфати е неопходно, како што паметно ни укажува премиерот Мицкоски, бидејќи опозицијата нешто мрчи и се сомнева и постојано поставува сомнителни прашања. Додуша прилично тивко и воздржано. Прашуваат дали се откажавме од ЕУ, која е цената на ваквото задолжување и слични други непотребни прашања кога сѐ ќе се знае и сѐ ќе биде транспарентно кога ќе се заврши работата и ќе почнат големите зафати кои ќе ја спасат Македонија.

Не знам зошто воопшто му е потребно на премиерот Мицкоски некакво партиско единство, кога зад себе има огромна поддршка на невидено на јавноста, има комотно мнозинство во Собранието, целосна услогласеност со претседателот на државата – „он оком, она скоком“ – и плус владата, општините, судството, црквата, универзитетите, МАНУ, во најголем дел медиумите, социјалните мрежи. Зошто би ги споделувал успесите со велепредавници и непријатели.

Или можеби сака да ја сподели одговорноста ако почнат да паѓаат кулисите од ветените Потемкинови села, или пак се плаши од стампедото на „белите слонови“, синоним на големите промашени инвестиции кои обично никнуваат покрај патот за рајот. (nezavisen.mk)

Ерол Ризаов

Back to top button
Close