Македонија покажа примерно морално лидерство со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ за Русија

Масовни убиства, мачење, силување, киднапирања, депортации, грабежи, уништена инфраструктура која остави милиони луѓе без греење, вода и струја среде зима. Во 21 век имаше 365 дена страдање, страв и криза во Украина со ефекти низ цела Европа и во целиот свет, но и 365 дена извонреден украински отпор и храброст, кои ги почитуваме додека жалиме по загинатите и изразуваме солидарност со оние кои ги загубија своите најблиски и нивните домови, рече Амбасадорот на Европската унија во Македонија, Дејвид Гир на денешната конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Македонија.

24 февруари 2022 година секогаш ќе се памети како денот кога Русија ја започна својата брутална, неиспровоцирана и незаконска инвазија на Украина. Ова беше и останува случај на чиста агресија и јасно прекршување на Повелбата на ОН. И ова не е само агресија против Украина, тоа е закана за демократијата во светот и до сите земји. Бидејќи она што е во прашање е нивниот суверенитет – нивното право да одлучуваат за својата и за иднината на своите деца, додаде тој.

Според Гир Повелбата на ОН мора да биде заштитена според која Украина, како жртва на агресија, има вродено право да се брани.
За ЕУ и нашите партнери, вклучително и Македонија, нема алтернатива за останување на курсот на нашата „тројна стратегија“: поддршка на Украина, вршење притисок врз Русија да престане со нејзината нелегална агресија и помагање на остатокот од светот да се справи со поширокото влијание на војната. ЕУ ќе остане одлучна и обединета во својата поддршка за украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарен, економски, политички, дипломатски и воен. Украина мора да победи. А европската безбедност е заштитена, додаде Гир.

Тој појасни дека тимот Европа досега има мобилизирано 50 милијарди евра за поддршка на Украина, вклучително и воена помош. Да, за прв пат досега, ЕУ испорача оружје на земја која е нападната. И ЕУ сега е водечки снабдувач на воена обука за украинскиот воен персонал за да можат да ја бранат својата земја.

Back to top button
Close