Македонија пред крстопатот на ЕУ

ЕУ е на пат да западне во „стапица на идентитетската политика“. Ова пред неколку години го тврдеше поранешниот потпретседател на Европската комисија, холандскиот социјалдемократ Франс Тимерман, изразувајќи загриженост дека за првпат по три децении европскиот пројект „ризикува да се насука“.

Македонија, преку идентитетскиот спор што и се наметнува, во форма на уцена за „корегирање“ на сопственото историско наследство во интерес на соседите, се соочува со блокирање на евроинтеграцискиот процес во услови кога ниту во чекалната пред портите на Унијата, ниту пак во политичките структури во Брисел, не се чувствува барем мал дел од ентузијазмот што пред 10 или 15 години сè уште не можеше целосно да биде избришан со „заморот од проширувањето“.

Европската комисија од поодамна даде до знаење дека ЕУ веќе не е истата во однос на проширувањето, и во колкава мера тој процес всушност има свои лимити. Веројатно е сè уште присутна во сеќавањата изјавата на Жан-Клод Јункер, претходниот претседател на Европската комија, дека во својот петгодишен мандат „не очекува нови членки на ЕУ“. Некаков поголем ангажман не се забележува ниту кај сегашната претседателка Урсула ван дер Лајен, која процесот на проширување се чини го споменува инцидентно. Бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија само стави капак на таквиот индиферентен однос.

Вредностите се оспоруваат во голем број европски општества. Многумина би сакале да ги возобноват оние вредности што се врзуваат за „славни времиња“, да ги оживеат токму минатите времиња што никогаш не постоеле заради некоја иднина. „Во политиката носталгијата секогаш изразува страв пред иднината“, рече Тимерманс, објаснувајќи ги своите стравувања за иднината на ЕУ. Според негово мислење, доколку европскиот проект би ги добил националните, културните и етничките идентитети како движечка сила, тогаш нема да преживее. Во изминатите децении грчките политичари, а сега и бугарските, не покажаа подготвеност дека ќе се заложат за отфрлање на таквиот песимизам. Токму напротив, постојано го цементираат својот пристап кон заштита на „сопствениот“ историски и национален идентитет.

Како и што се очекуваше, бугарските политички лидери, по посетата на Заев деновиве, недвосмислено потврдија дека Софија ќе го продолжи сегашниот курс кон Скопје сè додека не добие отстапки од македонска страна. Со по некоја свечена изјава, како онаа на Макрон, дека Македонија неодложно заслужува да ги отпочне преговорите, не се намалува општиот впечаток за пасивниот однос на Брисел и моќните ЕУ-членки кон политичарите во оние земји, според актуелниот пример на Бугарија, кои попрво сакаат да се движат назад, кон недоволно јасните и заплеткани историски перспективи, отколку напред, кон прогресивните развојни трендови. Бугарските притисоци за оживување на сеништата од сопствените пропаднати историско-идентитетски амбиции очигледно не наидуваат на пожестоки осуди во ЕУ

Но и многу други показатели јасно зборуваат дека процесот на проширување ја нема веќе онаа сила да се поврати како значаен сегмент на агендата на ЕУ, особено сега кога се очекува Унијата да го избере патот по кој ќе се движи по ковид пандемијата. Европејците и понатаму посакуваат поголема соработка и сè уште гледаат позитивно на вредноста што се постигнува со членството во ЕУ. Но тоа сепак нема да биде доволно како чувство врз кое би можело да продолжи санирањето на манифестираната внатрешна кревкост и нарушена солидарност во Унијата во текот на пандемијата.

Доколку разочарувањата од ЕУ-институциите пред корона-кризата меѓу населението во земјите-членки беа периферни, сега се мошне повеќе раширени. Најновото истражување на тинк тенкот Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР), презентирано деновиве, покажува дека мнозинството Европејци ја имаат изгубено довербата во ЕУ, дека е способна да дејствува ефикасно во услови на поголема криза.

Повторното овозможување на високо ценетите слободи на подрачјето на ЕУ, какви што се можностите да се живее, работи и патува слободно, се очекува да биде важен начин на кој ЕУ-институциите брзо и ефикасно би можеле ја кренат довербата и да го рестартираат европскиот пројект. Како важно прашење е секако и повторната изградба на глобалната улога на ЕУ во светот по пандемијата, особено поради раширеното чувство меѓу Европејците дека би можеле да бидат изложени на притисоци и манипулации од страна на другите големи сили. Истражувањето на ЕЦФР покажува и дека справувањето со економските потешкотии и климатските промени, високо котираат меѓу европските граѓани. Во однос на новиот курс на ЕУ, презентиран со споменатото истражување на јавното мислење меѓу Европејците, натамошниот процес на ЕУ-проширувањето не се ни споменува како едно од приоритетните прашања.

Македонија несомено се наоѓа во нејасна зона пред крстпатот низ кој минува ЕУ. Македонската Влада и понатаму смета дека за Македонија нема подобра алтернатива за развој од ЕУ. Приклонување кон други алтернативи не може да го исклучи зголемувањето на несигурноста. Примерот со Црна Гора, која ги започна преговорите со ЕУ во 2012 година, јасно го илустрира ризикот што е присутен кога мали земји се свртуваат кон Кина за да добијат заеми. Со изградабата на автопатот, наречен од многумина „Автопат од никаде до никаде“, Црна Гора заглави во должничка стапица. Досега се изградени само 41 километар од вкупно планираните 170 километри, при што голем број црногорски подизведувачи добиле лукративни договори без јавни тендери. Но кинескиот заем од милијарда долари сега е потрошен. Долгот е во висина од една петина од црногорското БДП. Ризокот е голем дека Црна Гора нема да може да го врати кинескиот заем, а поради што многумина се сомневаат дека Кинезите како надомест би можеле да побараат да го преземат пристаништето Бар.

Црна Гора, како земја кандидатка за членство, сега со подвиткана опашка се врти кон Брисел со надеж дека ЕУ ќе може да и помогне околу кинескиот заем. Од оваа приказна и Македонија сигурно може да извлече поуки. Стара вистина е, како што обично се вели, дека сиромавиот плаќа двапати.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close