Македонија Протест во Кочани против музичките настани по повод патрониот празник на градот
Откако Општината ја објави програмата за празникот има бројни коментари од граѓани кои сметаат дека предвидните настани не се соодветни по трагедијата што му се случи на градот пред четири месеци
В.д. градоначалникот Венко Крстевски во писмено обраќање до јавноста вели дека на општеството му е потребно да заздрави по трагедијата

Облечени во црни маици со ликовите на нивните загинати деца тие пред бината каде вечерва беше закажан првиот концерт во рамките тридневната програма поставија фотографии од загинатите и запалија свеќи.
Откако Општината ја објави програмата за празникот, има бројни коментари од граѓани кои сметаат дека предвидените настани не се соодветни по трагедијата што му се случи на градот пред четири месеци.
Здружението на граѓани „16 март 2025-Кочани“ кое обединува околу 80 луѓе, претставници на 38 семејства на загинати во пожарот, побара од в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски да ги одложи музичко-забвните активности и го повика да покаже почит кон нивната болка, објави денеска македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Ова е недолично, нема емпатија и поддршка ни кон семејствата на загинатите ни кон повредените. Таква манифестација со концерт е преуранета. Не поминаа ни шест месеци откако ни загинаа децата“,изјавиле од Здружението за РСЕ.
По реакциите од граѓаните, в.д. градоначалникот Крстевски во писмено обраќање до јавноста вели дека на општеството му е потребно да заздрави по трагедијата.
„Сите ја носиме болката од несреќата што нè погоди. Но, време е да се собереме и не бегаме еден од друг! По разговори со психолози, експерти за трауми и социјални работници, па и со луѓе од Шведска што поминале низ слична тага, нивните препораки се: дружбата, но и музиката ни се потребни за да заздравиме. Ова не значи дека го забораваме минатото – туку дека ја прифаќаме болката и пробуваме да се бориме со неа заедно!“,напиша Крстевски.
Повторно обраќајќи им се на своите сограѓани, тој вечерва на својот фејсбук-профил напиша дека откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан „не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот“.
„Оваа одлука иако донесена со добри намери и по консултации, истата ја преиспитувам, водејќи се од вашите емоции и потребата да се движиме напред“,додава тој во објавата.
Инаку, утре во 16 часот ќе има комеморација за жртвите од трагедијата, а во 18 часот и 5 минути ќе се одржи 14-тиот „Марш за ангелите“.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.