Македонија ризикува нов срам во Стразбур: сомнежи за судир на интереси и обвинувања за нетранспарентен избор на судија објави Скопје1.мк

Постапката за избор на судија во Стразбур повторно исправена пред нови обвинувања, кои го девалвираат процесот и уште сега фрлаат сенка врз изборот на конечните кандидати. Од една страна причината е пријавата за судир на интереси помеѓу претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски кој е дел од Комисијата за избор и деканот на Правниот факултет Сашо Георгиевски кој е кандидат. Од друга страна пак, во правните кругови веќе се шпекулира дека Георгиевски ќе биде избран како еден од тројцата судии кои одат за Стразбур – информација која досега деканот не ја искоментира во јавност, иако беше прашан од „Скопје1“.

Сагата наречена Стразбур го добива второто продолжение, откако уште при првиот конкурс кој беше распишан па поништен донесе реакции, незадоволства, па и јавни кавги. Дел од кандидатите кренаа раце, други пак се впуштија во битка, но има и старо-нови имиња на листата-кандидати. Георгиевски е од вторите. Тој предава меѓународно јавно право и е одличен познавач на материјата. Но брзо откако неговото име се најде на листата од кандидати кои ќе бидат повикани на интервју – се јави пречка: судир на интереси. Кандидатот му бил академски ментор на членот на комисијата. Односно, Костадиновски и Георгиевски се пријавени за судир на интереси. Судијата Костадиновски не се изземал во административната фаза, а не планира ниту сега во фазата на интервјуа.

Менторството претставува само една фаза од сложената постапка за стекнување на академско звање… Оттука не може да стане збор за судир на интереси“, вели Костадиновски за „Скопје1“.

Во исто време, ниту девет дена не му беа доволни на деканот и кандидат Георгиевски за да одговори на нашите прашања – меѓу кои беше дали постои конфликт на интереси, бидејќи му бил ментор на членот на комисијата, исто како што нема одговор дали тој го владее францускиот јазик, од кој тестатор поседува сертификат и како го коментира фактот што се зборува дека е фаворит иако уште не се завршени ниту интервјуата.

Додека Костадиновски негира, а Георгиевски молчи, можниот конфликт на интереси се најде пред Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Таму се пристигнати пријави кои истовремено се испратени и до медиумите. Пријавувачите сметаат дека Костадиновски како дел од комисијата треба да се изземе.

„Многу посуштинско прашање е дали тој се изземал уште во првата фаза… Во постапки од ваков висок јавен интерес, и најмалиот сомнеж за пристрасност е доволен да го наруши кредибилитетот на целиот процес“, стои во една од пријавите.

За ова жестока реакција имаше и Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија, кој обвини за „организиран систем на поддршка, ветувања и ветришта“. Ова доаѓа по обидот да се распише конкурс за нови вработувања на Правниот факултет, еден ден пред распишување на конкурсот. Дисусија се отворила од Наставно-научниот совет (ННС).

„Ако е вистина дека овие вработувања се дел од договорена поддршка за проектот ‘Стразбур’, тогаш имаме класичен случај на институционално претворање на факултетот во политичка филијала“, пишува Илиевски во колумна за „Нова Македонија“.

Своја реакција имаше и професорот Јове Кекеновски, кој реагираше на нетранспарентноста на процесот. Иако правник, ниту нему не му е јасно кои се критериумите врз основа на кои Комисијата ја врши првичната селекција на кандидати – односно одлучува кого ќе викне на интервју, а кого не.

„Овој избор не е формалност; тоа е тест за зрелоста на нашите институции и нивната способност да демонстрираат европски стандарди дома. Транспарентноста и одговорноста не се административна процедура, туку темел на довербата“, пишува Кекеновски.

Во однос на транспарентноста, побаравме став од Костадиновски, кој рече:

„Првичната селекција на кандидатите е извршена врз основа на Деловникот за работа на Комисијата… и врз основа на ‘Le panel consultatif d’experts sur les candidats à l’élection de juges à la Cour européenne des droits de l’homme’. Сите кандидати кои се повикани на интервјуто ги исполнуваат условите.“

Во еден од стандардите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се содржи и т.н. објективен и субјективен тест, при што објективниот тест предвидува „трибуналот“ да биде независен и непристрасен, но се осврнува и на перцепцијата на разумен набљудувач. За ЕСЧП е доволно да постои легитимен сомнеж за непристрасност за да утврди повреда на право заштитено со Конвенцијата.

Пред девет години, Стразбур ја врати листата и не избра ниту еден од предложените кандидати за судии – што претставува срам за државата. Слично, во 2018 година, поради роднински односи со премиерот Еди Рама, Стразбур не прифати да го избере Даиран Павли за судија. Во 2021 година, Украина имаше сличен случај поради сомнителен морален интегритет.

На крај, членовите на Комисијата ќе одлучуваат, по што листата ќе ја достават во Стразбур, а таму конечната одлука ја носи Парламентарното собрание на Советот на Европа со мнозинство гласови.

ПРЕЗЕМЕНО ОД СКОПЈЕ1

Back to top button
Close