Македонија Родители од Долни Балван се против затворање на училиштето во селото, градоначалникот се повикува на законот

Родителите на 13 ученици од прво до петто одделение од село Долни Балван реагираат против најавената оптимизација и затворање на подрачното училиште поради што нивните деца од 1 септември треба да посетуваат настава во соседното село Таринци.
Тие доцна попладнево, како што пренесува МИА, присуствувале на седницата на Советот на Општина Карбинци, каде што се усвојувал Планот и програмата за работа на Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“, под чија надлежност се сите подрачни училишта во општината.
Родителот Николче Драгев истакна дека дошле за да проверат дали советниците ќе имаат слух за нивниот проблем.
„Станува збор за проблем за 13 дечиња кои сакаат да ги префрлат, кои се на мала возраст. Сакаат да ги префрлат од Долни Балван во Таринци, таму да учат, да патуваат и да се малтретираат по патиштата. Ние тоа не го сакаме, не сакаме тоа да се случи“,вели Драгев.
И родителката Викторија Манева изразува загриженост за безбедноста на учениците и не верува во ветената организација на превозот.
„Решението го гледаме во свеста на советниците и на градоначалникот. Треба да се размисли што ќе се каже. Секој е родител. Нека секој се стави на наше место. Како ни е на нас? Многу е лесно да се изгласа, да се затвори. Има родители што се од нашето село, пример, шофери. Детето оставено на баба, на дедо, не дај Боже да се случи нешто, како ќе отиде таа жена да го земе тоа дете? А тука ни е блиску, во Балван“,вели Манева.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, негира дека денеска се гласало за затворање на училиштето, но нагласи дека условите во објектот се несоодветни за децата. Тој покажа и фотографии од состојбата на училиштето во Долни Балван.
„Не може училиште со број на деца надвор од законот да биде предмет на дискусија и да се пазариме дали треба да остане или не. Само за јавноста, еве го училиштето во Долни Балван, ќе покажам неколку фотографии, ова е состојбата. И замислете за 13 дечиња коишто родителите и јавноста бара да учат во ова училиште коешто е ризик, Општината изработи проект за реконструкција со елаборат. Училиштето треба да биде делумно срушено и реконструирано, а тие можеби се изманипулирани од други лица или можеби политика е вмешана во целиот процес, тие да учат во ова училиште“,вели Паунов.
Паунов нагласи дека Општината, Министерството за образование и наука и раководството на ООУ „Страшо Пинџур“ не смеат да дозволат децата да следат настава во несоодветни услови, особено што, како што посочи, во соседното населено место има ново училиште на помалку од два километри.
„Далечината во соседното населено место е само два километри или помалку од два километри, така што апсолутно имаме чиста ситуација за овие дечиња да имаат можност да посетуваат настава во едни нормални, достоинствени услови во поголема група на нивни соученици“,додава тој.
Градоначалникот појаснува дека според законот, комбинирана паралелка може да има максимум до 10 ученици, каков што е случајот во селото Крупиште со девет ученици, каде што училиштето продолжува со работа, додека бројката од 13 ученици во Долни Балван го надминува тој лимит и го оневозможува формирањето на таква паралелка.
Тој истакна дека со оптимизацијата на училиштата се опфатени шест паралелки, од кои по една во селата Парналија, Калузлија и Оџалија и две паралелки се во селото Долни Балван.






