Македонија се сеќава на Тоше Проески: Денеска ќе полнеше 45 години

Македонија, но и целиот Балкан денеска ќе одбележат 45 години од раѓањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.
Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно, само ако посакаме. Остануваат неговата ведрина и насмевка. Што тој навистина значеше за сите нас, почуствувавме дури утрото кога засекогаш го загубивме.
Во петокот, во аулата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје, се одржа забавниот културно-уметнички настан „Тоше те сакаме“, посветен на ликот и делото на Тоше.
Во рамки на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на град Скопје, денеска ќе се реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашиот Тоше. Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат позитивен пример. Годинава, акцијата ќе се одржи во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот.
Тој загина на 16-ти октомври 2007 година околу 06:20 часот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Република Хрватска. Џипот со кој што управуваше пријателот на Тоше, тогаш 32-годишниот Ѓорѓи Ѓорѓевски, поради неприлагодена брзина и премалото растојание помеѓу возилата, удри во приколката на камионот кој што се движел пред нив, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, заврши под приколката на камионот.
Роден е на 25-ти јануари 1981 година во Прилеп, а во Крушево, каде живее, го завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје
Извор: fokus.mk






