Македонија веднаш да ја признае државата Палестина

Денко Малески

Бебиња и деца венеат и умираат пред нашите очи на ТВ екраните, а висок израелски функционер изјавува дека тие, и онака, би израснале во борци на Хамас. Изјава на која би можел да му позавиди некој висок нацистички функционер од годините на холокаустот. Израелската влада на чело со премиерот Бенџамин Нетанјаху не прави соучесници во геноцидот врз палестинскиот народ.

Нас и уште педесетина држави кои сеуште не ја признале државата Палестина.

Крајно време е македонските власти да издадат итно соопштение со кое ќе го најават признавањето на државата Палестина на септемвриското заседание на генералното собрание на ОН заедно со големите европски сили. Тоа, секако, нема да биде лесна одлука за власт која која неодамна одби да поддржи план за хуманитарна помош во храна за Палестинците, само за да им удоволи на Нетанјаху и на администрацијата на Доналд Трамп.

Одлуката да им се ускрати храна на Палестинците, срамна, посрамна да не може да биде, не предизвика пошироки реакции во македонската јавност. Предизвика само молк и наведнати глави кај оние со емпатија кон други човечки суштества.

Од 193 држави-членки на ОН, 147 веќе ја имаат признаено државата Палестина, бројка која оваа есен ќе се зголеми со најавеното признавање од страна на нови држави членки ЕУ и на ОН. На крајот ќе останат само Израел и Америка наспроти светското јавно мислење. Тоа треба да се случи што побргу за да се пристапи кон единственото можно решение за мир – две држави една покрај друга , еврејска и палестинска. Друго решение – нема.

Ултранационалистичката еврејска политика за Голем Израел можеби би успеала врз некакво незначително палестинско малцинство. Но во услови кога околу 7,000,000 Евреи сакаат да потчинат и обесправат, а сега и да убијат, околу 7,ооо,ооо Арапи, се работи за невозможна мисија. Такво решение е можно само преку политика на геноцид – систематско убивање на Палестинците.

Македонската држава треба итно да крене глас против ваквата политика на Израел поддржана од САД зашто станува буквално неподносливо да се гледа со скрстени раце свирепоста, прогонот, изгладнувањето и убиствата кои го спроведува народ кој, од сите народи на светот, бил и самиот свирепо прогонуван, изгладнуван по логори и убиван – Еврејскиот.

Колку што знаме слоганот кој не обедини во солидарност со Евреите по Втората светска војна, беше –„Никогаш повеќе“ („Never Again“).

 

Back to top button
Close