Македонија во длабока демографска старост, иселувањето клучен проблем – младите сакаат да живеат во средена држава
Населението во Македонија старее и тоа многу брзо. Земјава е веќе во длабока демографска старост. Влезена е во процесот на демографска транзиција кога смртноста станува поголема од раѓањето. Бележиме загуба на природниот прираст од преку 8 000 лица просечно секоја година и оваа тенденција ќе продолжи, велат експертите.
Иднината, прогнозираат, не e ветувачка, но кои се решенијата? Според едни, утопија е воведувањето какви било мерки кои би го сопреле процесот на стареење, но спроведувањето активности за адаптирање кон демографското стареење е реалност. Според други, клучот е влезот во ЕУ зашто ќе наметне исполнување стандарди кои би го подобриле живеењето дома, што, пак, ќе значи многу помалку иселување, но и враќање на дел од македонското население во својата матична држава.
Стратегијата за стари лица (2010-2020) покажува дека до 2050 година се очекува секое петто лице да биде старо над 60 години, а во 2150 година секое трето лице да биде над 60 години.
Како што вели за МИА проф. Аница Драговиќ од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, демографското стареење во земјава е резултат на три значајни социо-демографски фактори: децениско намалување на фертилитетот, намалување на морталитетот и зголемување на животниот век на човекот. На стареењето, нагласува, влијаат и миграциите, особено засилените емиграциски движења. Влијанието на миграциските движења, објаснува професорката, се поврзува со селективноста на миграциското население, а селективноста од аспект на возраста се состои во тоа што повеќе од останатите емигрираат лица на возраст од 20 до 40 години.
-Демографското стареење е дел од демографското искуство на нашава држава. Како и во другите постсоцијалистички земји и земји на бившата СФРЈ овој процес започнува од крајот на XX век и со засилено темпо продолжува и во текот на XXI век. Фактите говорат дека во период од 2008 до 2013 учеството на старото население во вкупното се зголемило од 10,7% на 13,3% а деценија подоцна во 2023 изнесува 18,1%. На овој начин нашата држава се категоризира како држава која е во состојба на демографска старост. Прогнозите се дека учеството на старите лица ќе продолжи да се зголемува и во наредниот период. Карактеристично е да се спомне дека од аспект на полот, жените се доминантно старо население, истакнува Драговиќ.
Додава и дека од аспект на возраста, земјава е во релативно поволна ситуација само во однос на контингентот на работно способно население кое е доминантно во однос на другите возрасни групи. Очекувањата се во иднина да се „стеснуваат“ средишните делови на возрасната пирамида, оние што го опфаќаат населението од 15 до 64 години.
-Интензивирањето на процесот на стареење претставува фактор на влијание на многу сегменти и потенцијали на општествениот развој. Од демографски аспект би издвоила дека демографското стареење, покрај во економијата и социјалата, има влијание и на репродукција на населението. Фактот дека се намалува женското население на репродуктивна возраст (од 15 до 49 години) укажува дека фертилитетот ќе го задржи трендот на намалување. Во областа на економијата, стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците и меѓугенерациските трансфери. Во социјална смисла, стареењето влијае врз структурата на семејството и уредувањето на животот, побарувачката на домаќинството, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита, подвлекува професорката.
Според неа, здравствениот сектор е особено силен предизвик за земјите со среден и низок степен на развој во смисла на подобрување на квалитетот, достапноста и пристапноста.
-Во контекст на сето ова повеќе од неопходно е да се дефинира, следи и оценува национален стратешки пристап за категоријата на стари лица, порачува Драговиќ.
Таа смета дека државава само декларативно ја следи оваа категорија од населението кое е во постојан пораст.
-Одредени социолошки анализи укажуваат дека социо-економскиот статус и квалитетот на животот на старото население во државата е неповолно во споредба со развиените земји. Старите лица кај нас во споредба со развиените земји покажуваат ограничувања во можноста да ги задоволат своите потреби во рамки на домаќинството (купување/обнова на апарати за домаќинство, разновидна исхрана), да користат одмор, се соочуваат со неповолни здравствени услуги,… Особено е незавидна положбата на старите лица во селските средини поради едноличноста и монотоноста во користењето на слободното време,… Најангажирани се старите лица во земјоделството и производството за сопствени потреби, вели професорката.
Нејзин став е дека мора да се следи имплементацијата на веќе донесените мерки и посебно на Стратегијата за стари лица (2010-2020). Ако е потребно, оценува професорката, треба да се донесе и нова стратегија.
-Прв чекор треба да е оценување на степенот на имплементација на Стратегијата. Мене не ми е познато дека постоел акциски план, кој е повеќе од неопходен за следење на имплементација на секој стратешки документ. Согласно тоа, потребна е ревизија или изготвување нова стратегија која би ги опфатила и поновите документи од значење за развој на населението. На пример, Одржливите развијни цели 2030 се повеќе од неопходни. Мојот став е дека нашата држава само декларативно ја следи оваа категорија од населението кое е во постојан пораст. Тоа не отсликува еден инклузивен и одржлив однос кон населението, неговиот развој и демографски развој. Стареењето е дел од цивилизацискиот напредок и во таа смисла човекот треба да се гордее со овој екстраординарен колективен успех за човештвото, вели Драговиќ.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во чие време беше спроведен Пописот во 2021 година, но беше изготвена и публикацијата Проекции на населението на Република Северна Македонија до 2070 година, е дециден дека клучот за подобрување на состојбата со демографската старост во земјава е влезот во ЕУ.
-Треба да се запре иселувањето, посебно на младите, а клучот е влезот во ЕУ. Ако не се направи нешто многу брзо во однос на европските интеграции, многу побрзо ќе се движиме кон неповолните проекции, а бројот на жители од 1,5 милион за 40-на години ќе ни биде мисловна именка. Младите, па и сите граѓани сакаат да живеат во средена, правна, функционална држава. Немаме светла иднина ако час поскоро тоа не успееме да го создадеме, ако немаме квалитетно образование, добро здравство,… Влезот во ЕУ ни е единствениот начин, тоа е клучот, истакнува Симовски во разговор за МИА.
Во Македонија просечната возраст на раѓање на првото дете е 27 – 28 години
Согласно статистиката, Симовски укажува дека во земјава просечната возраст на раѓање на првото дете е 27 – 28 години.
-Тоа е тренд што не може да се запре. Еманципација на жената, еманципација на луѓето, вклученоста на сите во општествените текови, образованието, кариерата, се тоа влијае. Вториот момент што влијае на стареењето е намалување на бројот на раѓања и тоа е, исто така, светски тренд, но кај нас е прилично изразен поради повеќе фактори, не само поради класичниот демографски (луѓето не сакаат големи семејства, пролонгираат почеток на формирање семејство), туку најмногу поради тоа што нашето младо население што треба да раѓа, се иселува. И тоа е клучниот проблем, раѓањата не се случуваат во земјава, туку некаде во странство или млади семејства одат надвор и таму се прошируваат. Ако ги гледаме стапките на фертилитет (број на родени деца од жени на фертилна возраст) во изминатите 13 – 14 години, од 201-та до 2023-та тие се отприлика исти, една жена раѓа по 1,6 или 1,5 дете. И тука немаме никакви промени, цело време во тој период бројките се исти, освен во 2019-та и 2020 година каде се бележи намалување на 1,3. Цело време има константа, значи не е нарушена кај нас желбата за формирање семејства, се уште постои традиционалниот однос кон семејството, но проблемот е што се намалува потенцијалот за раѓање, младиот потенцијал, клучно поради иселувањето, вели Симовски.
Тој го лоцира проблемот во тоа што државава не ги задржува младите, но смета дека уште поголем проблем е што немаме евиденција колку лица се иселуваат.
-Уште поголем проблем е што не ги евидентираме иселувањата. Не знаеме колку иселувања има, нема систем на евиденција и затоа, во годините по пописот веќе добиваме погрешни податоци за населението зашто проценките што се прават секоја година базираат на административни податоци. Ја земате состојбата од пописот и на тоа додавате родени, одземате умрени и она што значи евидентирано иселување/доселување го вклучувате и исклучувате. Немаме податок колку лица се иселуваат. Скандинавските земји, на пример, го евидентираат секое „поместување“ зашто имаат култура на пријавување што ние ја немаме,. Но, не можеме да ги осудуваме нашите луѓе зашто ако одлучат да одат надвор, не се сигурни за својата иднина, дали ќе успеат, па може и да се вратат, а по закон треба во рок од две недели по иселување да го одјави живеалиштето, но тоа никој не го прави, нагласува поранешниот директор на Заводот за статистика.
Иселувањето прави дупка во бројот на младото население, проценките на вкупниот број лица кои се иселуваат годишно од земјава е над 15 000
Оваа бројка, според Симовски, се зголемува, иако потенцијалот за иселување е веќе намален.
-Веќе нема кој да се иселува од источна или јужна Македонија. Сепак, тој бран е се уште голем. Младите тука немаат извесна иднина, не знаат што ќе се случува, веќе не е важен само економскиот фактор. Некогаш бил, до пред 20 или 30 години и тогаш повеќе од 90 отсто од луѓето се иселувале од економски причини. Денес не се иселуваат само поради тоа, туку и поради немањето правна сигурност. Ќе се зафатите со некој бизнис, еден нема да ви плати, не ќе можете да ги наплатите своите побарувања, ќе заглавите, немате никаква сигурност. Ќе се влечкате по судови со години и дали воопшто ќе добиете пресуда во ваша корист. Политичките превирања се катастрофални и сето тоа влијае врз граѓаните, секој сака да живее во средена држава, потенцира Симовски.
Додава и дека во бројките што не ги опфатиле иселувањата, од пописот наваму имаме намалување на населението.
Пописот во 2021 година евидентира 1 837 000 жители, а сега бројката е 1 820 000. Ако кон ова ги додадеме тие што за овие четири години се иселиле, може да дојдеме до 1 700 000 и нешто повеќе. Како што вели Симовски, повикувајќи се на статистичките показатели, од 2010 година кога имало 24 296 родени деца, во 2023 година се родиле 16 737.
-Во 2024 година веројатно ќе бидат околу 15 000. Значи, имаме намалување од скоро 10 000 родени деца што е страшно. Сметам дека клучната причина е иселувањето. Просечната старост на населението се зголемува и изнесува меѓу 45 и 50 години. Старосната пирамида кај нас наместо во основата (која го прикажува младото население) да биде најширока, има форма на стебло, односно станува дрво кое во средината (која ги означува луѓето на возраст меѓу 20 и 40 години) дури има и вдлабнатина. Тоа е резултат на иселувањето, истакнува Симовски.
Според Индексот на стареење, Македонија е одамна влезена во категоријата земја со многу старо население. Но, тоа што сме одамна влезени како земја во категоријата со многу старо население не е од денес, туку веќе 15-на години наназад, оценува Симовски и дополнува дека сега сме во длабока демографска старост. Сепак, не сме исклучок. Европа е стар континент и сите европски земји го имаат овој проблем.
Во Македонија најбројно е населението на возраст од 40 – 65 години, а не би требало да биде над 60 години
Континуирано е зголемувањето на границата на очекуваното траење на животот. Некои природни катастрофи, непогоди, земјотреси или случувања, епидемии како КОВИД-от може да предизвикаат одредени пореметувања. КОВИД-от се одрази драстично врз порастот на смртноста. Во тие години очекуваното траење на животот зависеше исклучиво од стапката на смртност, не и од раѓањето зашто од КОВИД починуваа и млади лица. Во тие години се намали просечното траење на животот.
Во 2018 година, пред КОВИД-от, очекуваното траење на животот изнесуваше вкупно 76,34 години (кај мажи 74,39, а кај жени 78,29), во 2019 година беше 75,74 години (кај мажи 73,62, а кај жени 77,87), во 2020 година уште повеќе се намали поради директното влијание на КОВИД-от на 74,57 (кај мажи 72,41, кај жени 76,77), во 2021 година изнесува 74,44 години (кај мажи 72,22, кај жени 76,74) и потоа почнува да расте. Во 2022 година изнесува 75,32 години (кај мажи 73,16, кај жени 77,58), односно се враќа на бројките од пред пет – шест години.
Како ќе се одрази староста на населението?
-Направивме проекции до 2070 година. Направивме осум различни проекции со осум различни комбинации хипотези под претпоставка дека во целиот тој период нема да се случат природни катастрофи или непогоди. Факторите беа наталитетот, морталитетот и миграциите. Од осумте варијанти три беа теоретски. Едната беше дека нема да има миграција воопшто, дека никој нема да се исели, за да го видиме движењето на наталитетот и морталитетот, односно на бројната состојба без миграции. Втората хипотеза беше дека ќе имаме константни миграции, на пример по 15 000 секоја година, што исто не е веројатно, но за да видиме што прави миграцијата која инаку го „јаде“ младото население меѓу 20 и 30 години (кое често се иселува со цели семејства). Најлошата варијанта што ја добивме беше дека во 2070 година ќе имаме 500 000 жители, а најдобрата дека ќе имаме 1,5 милиони што е исто така лошо, објаснува Симовски.
Природниот прираст во 2010 година бил + 5 183 лица (толку повеќе се родиле отколку што умреле) , а во 2023 година е – 3 450 (толку повеќе умреле отколку што се родиле). Тоа значи, имаме загуба од преку 8 000 лица просечно секоја година. И оваа тенденција ќе продолжи.
-Не ни е убава иднината, но кои се решенијата? Клучната работа е да се запре процесот на миграција. Треба да се елиминираат причините кои доведуваат до желба кај младите да се иселуваат. Но, сепак, сметам дека клучот е влезот во ЕУ. Ова го велам зашто имаме добри примери – во сите земји од првиот бран на проширување, Полска, Чешка, Словачка,… на почетокот имаше огромен бран на иселување, „реки луѓе“ одеа во западните земји, но со нивниот развој благодарение на постигнувањето на стандардите што ги бара Европа, тие создадоа добри економски услови дома, посебно добра правна држава и секој што отишол надвор каде што е странец, се вратил дома. Се случува голем реверзибилен бран на враќање луѓе, но и доаѓање на нови, од други земји, нагласува поранешниот директор на Статистика.
Тој потсетува дека во 2008 – 2009 година имаше обид да се поддржи наталитетот, со пронаталната демографска стратегија која предвидуваше да се стимулираат раѓањата.
-И тогаш и сега лично сум против тоа зашто никаде во светот ваквата „мерка“ не даде резултат или даде, но на многу краток рок. Кај нас можеби имаше ефект една до две години и тоа не којзнае каков, вели Симовски.
Според проекциите на Обединетите нации (ОН) се очекува намалување на бројот на населението во Македонија – во 2025 година 2 037 000 жители, а во 2050 година 1 857 000 жители. Мерено со просечен пораст на населението, 2020-2025 година се очекува негативен пораст од -0.09%, а во периодот 2025 – 2050 година за -0,49 %.
Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и тоа во 2050 година се смета дека ќе достигне 79,5 години.
Во ветски рамки бројот на луѓе со 65 години возраст или постари се предвивува да се зголеми двојно повеќе, oд 761 милион во 2021 година на 1,6 милијарди во 2050 година. Бројот на луѓе, пак, на возраст од 80 години или постари расте уште побрзо. На глобално ниво, бебињата родени во 2022 година се очекува да живеат 71,7 годинa во просек или 25 години подолго од оние родени во 1950 година. Стареењето на населението е неповратен глобален тренд. Во 2021 година 1 од 10 луѓе во светот биле на возраст од 65 години и повеќе. Во 2050 година оваа возрасна група се предвидува да опфаќа 1 од 6 луѓе на глобално ниво. Македонија не е исклучок кога се работи за трендот на стареење на населението. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 2013 до 2023 година учеството на старото население на 65 и повеќе години се зголемило од 13,1 отсто на 18,1 процент.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на населението над 65 години во Северна Македонија е 315 331 жител, додека бројот на новородени се намалува. Жените имаат тенденција да живеат подолго од мажите и на тој начин го сочинуваат мнозинството постари лица како кај нас така и во светски рамки.
Македонија меѓу земјите со низок наталитет
Анализата на природното движење во периодот 2007-2023 година што ја изготви Институтот за јавно здравје констатира дека Македонија може да се вброи меѓу земјите со низок наталитет. Во 2007 година бројот на живородени изнесувал 22 688 со стапка на наталитет од 11,1/1000 жители, додека во 2023 бројот на живородени се намалил на 16 737 со стапка на наталитет од 9,2/1000 жители. Вкупниот број на умрени се движел од 19 594 во 2007 година со стапката на смртност од 9,6/1000 жители до 20187 умрени во 2023 година со стапка смртност од 11,0/1.000 жители.
Поради КОВИД-пандемијата стапката на смртност го надминала долгогодишниот просек од околу 9,6/1000 жители и во 2020 година изнесувала 12,4%о, во 2021 година 15,5%о, а во 2022 година 12,3%о.
Во 2023 година стапката на смртност е намалена во однос на 2020 година, 2021 година и 2022 година и изнесува 11 на 1 000 жители.
Од 2019 година се бележат повеќе смртни случаи отколку раѓања, односно има природен пад на населението. Стапката на негативниот пироден прираст се движи од -0,3 во 2019 година, -3,2 во 2020 година, -5,4 во 2021 година, додека во 2022 година се бележи намалување на стапката на негативниот пироден прираст на -2,4, а во 2023 година на -1,9 на 1000 жители.
Најголем негативен природен прираст е забележан во 2021 година кога бројот на умрени е поголем за 9868 во однос на бројот на живородени. Во 2023 година во Северна Македонија на 100 умрени забележани се 82,9 живородени.
Според статистички региони најнизок витален индекс со 46,5 живородени на 100 умрени е забележан во источниот регион, веднаш по него е пелагонискиот регион со 59,2 живородени на 100 умрени, а потоа следи вардарскиот регион со 62,7. Само во скопскиот регион бројот на живородени е повисок од бројот на умрени со витален индекс од 110,0 живородени на 100 умрени и во полошкиот регион со 103,4 живородени на 100 умрени.
Тренд на опаѓање на наталитетот со повремени осцилации низ цела Европа
Повеќегодишниот тренд на опаѓање на наталитетот со повремени осцилации е присутен низ цела Европа. Според базата на податоци на Заводот за статистика на Европска Унија (Евростат) во 2022 година само четири земји-членки на Европската унија (ЕУ-27) имале стапка на наталитет поголема или еднаква на 10,0/1000 жители, а сите останати имале помалку од 10,0/1000 жители. Просекот на ЕУ-27 за 2022 година изнесува 8,7/1000 жители. Во 2021 година 11 земји-членки на Европската унија (ЕУ-27) имале стапка на наталитет поголема или еднаква на 10,0/1000 жители, а 16 имале помалку од 10.0/1000 жители. Просекот на ЕУ-27 за 2021 година изнесувал 9,1/1000 жители. Во периодот 2012-2022 година вкупната стапка на фертилитет во Република Северна Македонија се движела во опсег од 1,51 -1,58, додека во истиот период во ЕУ-27 стапката се движела од 1,53- 1,46. Во анализираниот период вкупната стапка на фертилитет во Македонија е најниска во 2020 година и изнесувала 1,31, а во ЕУ-27 е најниска во 2022 година и изнесувала 1,46.
Според податоците на Еуростат, во Северна Македонија очекуваното траење на живот при раѓање кај двата пола се намалило во периодот 2019-2021 година заради пораст на смртноста предизвикана од пандемијата КОВИД -19, но во 2022 година очекуваното траење на живот кај мажите изнесува (72,2), а кај жените (76,7) и бележи пораст во однос на 2021 година.
Просечниот животен век при раѓање за земјите од ЕУ-27 во 2022 година бил 80,6 години за двата пола, односно 77,9 години за мажи и 83,3 години за жени. Според доставените податоци до Еуростат за 2022 година, очекуваното траење на живот се зголемува во голем број земји. Просечното очекувано траење на живот на 65 годишна возраст во ЕУ-27 во 2022 година е 17,8 години за мажи (0,5 години повисоко во споредба со 2021 година) и 21,2 година за жените (0,3 години повисоко во однос на 2021 година). Во Северна Македонија просечното очекувано траење на живот на 65 годишна возраст за мажи е 14,0 години (1,5 години повисоко во споредба со 2021 година), а за жени 16,3 години (1,4 години повисоко во споредба со 2021 година).
Во 2023 година очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ изнесувал 81,4 година што е зголемување во споредба со 2022-ра кога бил 80,6 години. За жените изнесувал 84 години, а за мажите 78,7 години. Очекуваниот животен век во земјите-членки на ЕУ за подолг период, од 2015 до 2023 година се зголемил од 80,5 на 81,4.
Податоците за Македонија покажуваат намалување. Очекуваниот животен век во 2015 година бил 75,5, во 2016-та изнесувал 75,4, во 2017-та се зголемил на 76, во 2018-та достигнал 76,7, во 2019-та бил 76,6, во 2020-та паднал на 74,4 и во 2021-ва изнесувал 73,2 години.
Ако се погледнат табелите на Државниот завод за статистика, очекуваната должина на животот бил 75,3 години во 2015-та, 75,5 во 2016-та, 75,9 во 2017-та, 76,3 во 2018-та, по 75,4 во 2019-та и 2020-та, 74,2 во 2021-ва и 75,3 години во 2022 година. За 2023 година нема податоци. Во последната година, 2022-ра, очекуваниот животен век на жените бил 77,6, а на мажите 73,2 години.
Стареење на населението
Еуростат наведува дека меѓу 2004 и 2024 година уделот на лицата на возраст од 80 години и повеќе се зголемил од 3,8 на 6,1 процент. Од 1 јануари 2004 до 1 јануари 2024 година пораснал во сите земји на ЕУ. Се зголемил за 2,3 процентни поени, од 3,8 на 6,1 отсто. Најголеми зголемувања имало во Грција (од 3,8 на 7 отсто), Латвија (од 2,9 на 6,1 процент) и Португалија (од 3,8 на 7 отсто), а најниски во Шведска (од 5,3 на 5,8 отсто). Во овој период во сите земји на ЕУ се зголемил и уделот на лицата на возраст од 65 години и повеќе. Зголемувањето изнесувало 5,2 процентни поени, од 16,4 на 21,6 отсто.
Уделот на лицата под 15 години намален од 16,2 на 14,6 отсто
Од 1 јануари 2004 до 1 јануари 2024 година уделот на деца и млади адолесценти (под 15 години) во ЕУ се намалил за 1,6 процентен поен, од 16,2 на 14,6 отсто. Намалување е забележано во речиси сите земји на ЕУ, со најголеми намалувања во Малта (-5,9 процентни поени ) и Кипар (-5,1 процентни поени). Само Чешка (+0,6 процентни поени), Естонија и Латвија (двете +0,2 процентни поени), Словенија и Бугарија (двете +0,1 процентни поени.) забележале зголемување. На 1 јануари 2024 година, уделот на деца и млади адолесценти бил највисок во Ирска (18,9 проценти), а најнизок во Италија (12,2 отсто). Во истиот период, уделот на млади луѓе (под 19 години) се намалил во сите земји на ЕУ. На ниво на ЕУ, намалувањето било 2,4 процентни поени, од 22,4 на 20 отсто.
Средна возраст на населението во ЕУ е 44,7 години
Според Еуростат, друг начин за анализа на стареењето на општеството во ЕУ е со земање предвид на средната возраст на населението. Податоците покажуваат дека средната возраст се зголемила за 5,4 години или од 39,3 години во 2004 година на 44,7 години во 2024 година (на 1 јануари).
Меѓу земјите на ЕУ, највисока средна возраст на 1 јануари 2024 година е забележана во Италија (48,7 години), по што следат Бугарија и Португалија (секоја по 47,1) и Грција (46,9), додека најниските се забележани во Ирска (39,4), Луксембург (39,7), Малта (39,8) и Кипар (40,6 години).
Во периодот од 2004 до 2024 година, средната возраст најмногу се зголемила во Романија (8,4 години) и Португалија (8,3 години), а најмалку во Шведска (1,1) и Луксембург (1,8).
На 1 јануари 2024 година, средната возраст била 43,1 година за мажите и 46,3 години за жените.
Помалку раѓања, повеќе смртни случаи
Еуростат наведува дека живородените деца во ЕУ се намалуваат. Во 2023 година, грубата стапка на наталитет изнесувала 8,2 живородени на 1 000 лица. Меѓу земјите на ЕУ, највисоки стапки има во Кипар (10,7 живородени на 1 000 лица), Ирска (10,3) и Франција (9,9), а најниски во Италија (6,4), Шпанија (6,6) и Грција (6,8). Ако се споредат 2023-та со 2003 година, има намалување во сите земји на ЕУ освен во Бугарија.
Грубата стапка на смртност, што е бројот на смртни случаи на 1 000 лица во 2023 година во ЕУ била 10,8. Највисоки стапки се забележани во Бугарија (15,7 смртни случаи на 1 000 лица), Латвија (14,9) и Унгарија (13,7). Најниски стапки се забележани во Ирска и Луксембург (и двете 6,6), Кипар (7) и Малта (7,3). Во 2003 година вкупната стапка на смртност во ЕУ била 10,1 и флуктуирала меѓу 9,7 и 10,5 до 2019 година. За време на КОВИД-пандемијата се искачила на 11,6 во 2020 година, а достигнала врв од 11,9 во 2021 година и оттогаш малку се намалила на 10,8 во 2023 година. Споредувајќи ја 2023-та со 2003 година, стапката се зголемила во 16 земји од ЕУ, се намалила во девет земји и била иста во Кипар и Унгарија.