Македонија во внатрешен егзил

За што ќе зборуваат во кулоарите делегатите на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ: за писанијата на Груевски против Заев, за извештаите од Британија дека Лондон и Скопје се во преговори за носење мигранти, или за новата програма?

Македонската политика е полна со бизарности, но во последно време изгледа како тие да стигнуваат до нови врвови. Како во времето на Социјалистичка Република Македонија, кога јавноста месец-два се подготвувуваше за конгресот на комунистичката партија како нов меѓник во развојот на државата, така и сега го следевме истото сценарио. Истиот комунистички образец.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, неколку месеци зборува за конгресот на партијата што се одржува денеска, 6 декември, како да е тоа клучен момент во развојот на државата. Па зборуваше како по конгресот (каде тој сигурно ќе биде реизбран) ќе земел неколку дена одмор да здивне малку и да размисли многу, затоа што летоска работата го навјасала и немал толку време за таков „лусуз“ и во некаква осама ќе премерувал како да се структуира новото раководство на партијата и во владата да се случат промени.

Пред некој ден тој изјави дека евентуалните поголеми промени во владата би биле некаде во мај 2026 (на две години од победата на изборите) и дека не може да се оди на предверемни избори затоа што имало да се враќа еврообврзницата од 700 милиони евра во април (а претходно да се обезбедат нови пари за да се вратат старите долгови).

Ако нема реконструкција на владата (освен двете принудни промени со кадрите на „Вреди“), тогаш изгледа дека пропаднале претходните планови за осама по конгресот. Зошто да мислиш во декември за работи што можеби ќе се случат во мај, и тоа не суштински државни, туку вообичаени работи во демократијата – промена на едни министри и доаѓање на други. Или преместување по ресори.

Што ќе се зборува во кулоарите?
Кога ќе се соберат вмровските делегати на конгресот во Кавадарци прашање е за што повеќе ќе се разговара во кулоарите на паузите – за писанијата на нивниот поранешен лидер Никола Груевски од Будимпешта и неговите напади врз Зоран Заев и Венко Филипче, или за бомбастичниот извештај во британските весници дека македонската и британската влада преговараат дел од мигрантите кои нема да добијат азил во Британија да бидат префрлени во Македонија и тука да поднесат барање за азил или да аплицираат за работни визи во области каде што недостига работна сила? Дали за тоа дека пишувањата на „Тајмс“, „Телеграф“ и другите медиуми, кои за овие преговори добиле информации од британската влада биле „фантазии и хорор сценарија на СДСМ“? Или за новата стратегија на партијата по саботниот конгрес, по која таа ќе биде „политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата“?

Можеби во кулоарите ќе се поставуваат прашања како овие „фантазии на СДСМ“ успеале да се пробијат до британските весници. Но не само до нив, туку и до самото срце на британската влада – Даунинг стрит 10. Затоа што може да не им се верува на британските весници, па и на британската влада, но изјавите на раководството на партијата (дека тоа не било вистина) не смеат да бидат ставени под сомнеж. Па дури и кога има сомневање.

Можеби ова да биде помалку споменувано во разговорите во кулоарите под задолжителните насмевки и возбуденост, но прашањата за мотивите на неколкуте долги писанија на бегалецот во Будимпешта за Заев и Филипче токму пред конгресот може да натераат многумина на размислување – зошто токму сега и зошто токму со вакви теми се јавува нашиот почесен претседател кој веќе седум години шета покрај Дунав, и во Будим и во Пешта. И праќа своја фотографија од божиќниот базар пред катедралата „Свети Стефан“. За да не заборават делегатите на конгресот дека тој е жив и здрав и го чека мигот да се врати дома и Македонија да ја претвори во внатрешен егзил. Иако таа и сега е во состојба на внатрешен егзил.

Дали со отворањето на темите за Заев и Филипче сака да му помогне на својот наследник Мицкоски или оддалеку со Фејсбук писанија да ја одреди траекторијата на политичката пропаганда на партијата?

Дали е тоа „новото поглавје“ за ВМРО-ДПМНЕ одредено од Будимпешта или пак дава насоки за „новото поглавје“ – државата да се претвори од „простор на политички судири“ во функционален систем, каде што ќе има правна сигурност и стабилни политички процеси? И дека „реформираната државност е темелот на вистинска европеизација“.

Што значи оваа „реформирана државност“? Дали тоа не е слично со Движењето за нова република на Ивон Величковски? Или тоа е само една обична манипулација за европеизацијата на Македонија (а не членството во ЕУ)? Или можеби пообично да се каже – лага.

Лагите и фактите
Во 1971 година, размислувајќи за лагите кажани во Соединетите Американски Држави за Виетнамската војна, славната Хана Арент, историчарка, филозоф и еден од највлијателните политички теоретичари на 20. век, изгледаше дека се теши во вродената моќ на фактите да ги надминат лагите во слободното општество: „Под нормални околности лажливецот е поразен од реалноста, за која нема замена; без разлика колку е големо ткивото на лаги што искусен лажливец може да го понуди, тоа никогаш нема да биде доволно големо, дури и ако тој побара помош од компјутери, за да ја покрие огромноста на фактичноста“.

Компјутерите во 1971 година беа во зачеток, денес тие се дел од основата на светот. Тие сега се дел од големата мрежа на лагите што го преплавуваат слободното општество.

Вацлав Хавел, најважниот мислител меѓу комунистичките дисиденти од 1970-те, во својот клучен есеј, „Моќта на немоќните“, дистрибуиран нелегално во тогашна Чехословачка како самиздат, зборува за лагата.

„Ако главниот столб на системот е живеењето во лага“, напиша Хавел, „тогаш не е изненадувачки што фундаменталната закана за него е живеењето во вистина“. Бидејќи во ерата на интернетот сите сме издавачи, секој од нас носи одредена приватна одговорност за чувството за вистина на јавноста. Но и за промовирање на лагата.

Ова постомодерно време на социјалните мрежи, стотиците поткасти, наративи кои може да немаат никаква врска со она што Хавел го нарекува „живеењето во вистина“ прашањето е како да се одреди каде навистина чекори лагата и како освојува нови и нови територии.

Македонија навистина е во одреден внатрешен егзил, таа се одвојува од светот, или како што вели владејачката партија во својата нова програма, „реформирање на државноста“.

Како ќе се реформира државноста – со лаги, замислена гордост, сиромаштија под превезот на наводна економска успешност, со промашена визија, која, всушност, ја нема. Сѐ подредено само на една цел – да се одржи политичката долговечност. Не е некоја генијална проникливост да се заклучи дека во Македонија, а и во околните земји, долговечноста во политиката зависи од поддржувачите, а не од противниците.

И поддржувачите и политичките противници го поставуваат прашањето „Што е вистина?“

Историчарот Тимоти Снајдер во својата прочуена книга „За тиранијата“ вели дека луѓето понекогаш го поставуваат ова прашање затоа што не сакаат ништо да прават. „Општиот цинизам нè прави да се чувствуваме модерно и алтернативно дури и кога се лизгаме заедно со нашите сограѓани во мочуриште на рамнодушност. Вашата способност да ги разликувате фактите е она што ве прави индивидуа, а нашата колективна доверба во општото знаење е она што нè прави општество“, вели тој.

Како да ги разликуваме фактите? Финскиот претседател Александар Стуб (инаку, добар пријател на Доналд Трамп, особено во голфот) пред некој ден порача дека политичките и дипломатските решенија во конфликтот во Украина ќе бидат „тешки за варење“, предупредувајќи дека јавноста не смее да негува илузии за „совршен“ мир за Киев.

„Многумина од нас тешко ќе го сварат ова, но запомнете дека за Украинците ќе биде уште потешко“, рече Стуб, нагласувајќи дека исходот од преговорите, кога и да дојде до нив, ќе подразбира тешки компромиси и политички болни одлуки.

Тој наведе дека Финците, како и европската јавност во целост, би морале да го „променат начинот на размислување“ за ставање крај на војната. „Не треба да се надеваме на идеално сценарио. Светот не функционира така“, порача финскиот претседател.

Во „реформираната државност“ сегашното македонско раководство можеби уште не стигнало до точката кога ќе треба да сфати дека нема идеално сценарио за да излезе од ќор-сокакот на патот кон Европа.

Светот, како што вели Стуб, а и многу луѓе во Македонија, не функционира така. Многу од нашите врвни раководители не можат да го разберат тоа, па дури и кога е нацртано на табла. А во критични моменти јавното расположение и политичките конфигурации може да се променат во миг. Ако, на пример, почнат да доаѓаат мигрантите од Британија, а овде да се соединуваат со нивните семејства. Дали тогаш ќе жалиме што веќе не преговараме со Европската унија?

Back to top button
Close