Македонисти: Македонскиот јазик има своја историја, литература и култура, потребна е национална стратегија за негово зачувување

Потребно е да се направи национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик, смета професорката и директорката на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Весна Мојсова-Чепишевска.

Во рамките на отворањето на 55. јубилејна Летна школа на меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, одговарајќи на новинарски прашања, таа забележа дека државата веќе 30 години нема национална стратегија за зачувувањена јазикот.

Во однос на негирањата од соседна Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект од бугарскиот, професорката кажа дека не ги гледа.

– За мене тоа ништо не значи, јас сум македонист, јас знам од каде призлегол мојот јазик и знам дека тој се зборувал векови нананзад и дека имал своја литература и одредена култура која што се развивала и во 19 век. За мене секогаш е најбитно тоа ние што работиме, може да зборуваат, да не оспоруваат, но ние мораме да чекориме по оние чекори кои ни ги остави токму Блаже Конески, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Според неа, еден јазик кој се конституирал и стандардизирал имал основа за тоа, а дијалектите и народните говори се најголемото богатство што го имаме и оттаму се случува таа стандардизација.

Професорката по хрватски, српски и македонски јазик и литература, Соња Доужан, која во моментот работи како учителка по словенечки за македонската дијаспора впо Словенија ги оцени како многу подли ставовите на Бугарија за тоа дека македонскиот јазик е дијалект.

– Како може некој од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македоски, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Јас апсолутно ги поддржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам да тврдам лично дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички, незнам од каде воопшто идеја дека тоа би можело да биде ист јазик. Апсолутно тврдењата на Бугарија се базирани само на политика, нагласи Доужан.

За професорот Максим Каранфиловски нападите не треба да не плашат, бидејќи, како што подвлече, ние имаме вековна историја.

– Мислам дека тоа не треба да не плаши ниту премногу да не возбудува, зошто ние имаме цврсти темели, многу вековна историја и покрај тоа што непријателите тврдат дека ни е кратка историјата. Се бориме со тоа да го докажеме на светот. И овој меѓународен семинар потврдува дека имаме поддршка ширум светот, меѓу славистите. Сметам дека нема потреба да се плашиме и да не фаќа некаков страв дека ќе се случи некакво предавство, изјави Каранфиловски.

Back to top button
Close