Македониумот во Крушево ќе се заштитува од прокапување, а црквата на Трескавец од влага

Заштитата на Македониумот во Крушево од прокапување, како и заштитата на црквата на Трескавец се капиталните проекти на кои ќе работи годинава Прилепскиот завод и музеј. Овие проекти се дел од инвестициите што на Музејот му се одобрени од Министерството за култура и туризам.

До лето треба да се реши опасното прокапување на Македониумот во Крушево. Работите не можеле да почнат уште есеноска, како што беше најавено, зашто два тендера пропаднале.

Министерството за култура и туризам одвои 5,5 милиони, а за основен проект за целата реконструкција и заштита на Македониумот уште 4,5 милиони денари. Споменикот на културата од прв степен, Македониумот во Крушево е прогласен за културно добро во опасност.

-За Македониумот направивме и посебен проект со кој го прогласивме како културно добро во опасност. Со тоа, на посебна ставка се доделени средства за изведувањето на превентивната заштита на самиот споменик. Рокот за превентивната заштита од протекувањето во Споменикот се пролонгираше зашто никој не се јавуваше на тендерот што го распишавме. На третиот тендер веќе се јави фирма и веќе деновиве имаме вовед во работата на Споменикот. Се надевам дека во текот на летниот период ќе биде завршена превентивата. Во превентивата значи комплетно затворање на сите отвори во стаклата и витражите на Македониумот. Се изработува надворешна конструкција со која ќе бидат заштитени и ќе нема внатрешно навлегување. А, веќе почнавме и со изготвување на основниот проект за комплетна конзервација и реставрација на самиот Македониум, објасни Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј – Прилеп.

Работатата на Трескавец годинава ќе значи конечно почеток на заштитата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која е исто така, културно добро во опасност. Ќе се работи на најбитните сегменти: конструктивна консолидација и заштитата на фреските и црквата од влагата која е најголемата закана за уништување на фрескосликарството. За ова на располагање на Музејот годинава му се 4 милиона денари. Се чека на конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство.

-Работата на заштитата на црквата на Трескавец е повеќегодишна. Сега, најбитно е да се направат конструктивната консолидација и заштитата од влагата. Во секој момент го чекаме конзерваторското одобрение од Управата. Имаше вклучено и византолози од Грција кои ќе бидат дел од последната фаза од овој повеќегодишен проект од заштитата – на конзервацијата на фрескосликарството, вели Христоска.

Инаку, годинава Прилепскиот завод и музеј ќе работи на 16 проекти за заштита на културното наследство, а 15 проекти се од музејската дејност. Од министерството за култура и туризам се одобрени и инвестиции со 7 проекти

Back to top button
Close