Македонка која работи во Универзитет во Хелсинки со низа забелешки за Законот за високо образование: „На ФДУ ми бараа партиска книшка и врски за да се вработам!“

Македонка која живее и работи во Универзитет во Хелсинки на социјалните мрежи го коментира предлогот за измени на Законот за високото образование.

 

Во продолжение ја пренесуваме нејзината објава во целост:

Како Македонка која живее и работи во Финска, во високообразовна институција – University of the Arts Helsinki, чувствувам одговорност да придонесам во дебатата за новиот Закон за високо образование во Македонија.

Прво, затоа што сакам да направам нешто добро за мојата земја. И второ, затоа што верувам дека одредени аномалии во системот мора храбро да се именуваат и коригираат. Мојата лична приказна е доказ дека нешто суштинско треба да се промени.

Во 2013 година докторирав на Културен менаџмент и културни политики. Пред тоа имав долгогодишно професионално искуство во полето на изведувачките уметности. Природно, дојде момент кога почувствував дека моето знаење, искуство и меѓународни контакти треба да ги пренесам на помладите генерации во Македонија.

Стапив во контакт со деканот на ФДУ, но од тој разговор излегов длабоко разочарана. Воопшто не се зборуваше за моите квалификации, научни трудови, визија, професионално искуство или меѓународни мрежи. Наместо тоа, разговорот се сведе на партиска книшка и на тоа дека треба да „фатам врски“ во Министерството за финансии. Тоа беше одлучувачкиот момент да си ја пробам среќата надвор од Македонија.

На отворен меѓународен конкурс бев избрана и добив огромна професионална одговорност. Последните шест години сум лидер на целиот оддел за Arts Management на Sibelius Academy. Не поради партиска припадност. Не поради „врски“. Туку поради квалификации, визија и докажана експертиза.

Овој личен пример не го споделувам од суета, туку како аргумент: ако системот во Македонија навистина сака квалитет, мора да создаде услови каде што знаењето и компетентноста се единствениот критериум.

Во предложениот текст на законот, (170тина страни!!!) улогата на Владата и Министерството е доминантна , од одобрување на докторски студии, до рокови за уписи. Во европски контекст, вакви решенија се исклучок, не правило.

Да го земеме повторно примерот на Финска.

Tука, универзитетите се автономни правни субјекти. Државата поставува стратегиски цели и обезбедува финансирање преку договори за резултати, но не одлучува колку докторанти ќе се запишат, ниту кога ќе се отвори конкурс. Академската заедница самостојно управува со своите програми, вработувања и истражувачки приоритети. Тоа е модел заснован на доверба и одговорност, не на микроменаџмент со можност за влијание од политичките елити.

Особено е значајно прашањето на интердисциплинарноста. Универзитети како Aalto University се создадени токму врз принципот на спојување на технологија, бизнис и уметност. Студент може да комбинира различни области, да премине од една во друга, да гради сопствен академски профил. Изборот на матура не е доживотна пресуда.

Во Финска не постои „вонредно студирање“ во формата што ја знаеме кај нас. Постојат флексибилни патеки, но стандардите за квалитет се исти за сите.

Ако зборуваме за квалитет и меѓународна конкурентност, мора да зборуваме и за импакт фактор. Доколку сакаме академската заедница во Македонија да објавува во списанија индексирани во бази како Web of Science, треба да сме реални: тоа е скап процес. Објавување на еден труд во списание со висок impact factor често чини околу 2.000 евра (понекогаш и повеќе). Без сериозно инвестирање во истражување, инфраструктура и меѓународна соработка, барањата за „импакт“ остануваат празна декларација.

Дополнително, ако сакаме интернационална видливост, мора да си поставиме неколку прашања:

Колку студиски програми во Македонија се на англиски јазик, во јавниот сектор?

Дали е направена проценка на капацитетите на професорскиот кадар во однос на академски англиски?

Како ќе привлечеме странски студенти ако наставата е претежно затворена во локален контекст?

Сè ова, во комбинација со засилената централизација, остава впечаток на автократски пристап кон образованието, концентрирање на моќта во едно место, намалување на автономијата и зголемување на административната контрола.

Ако сакаме модерно и европско високо образование, во Макдонија, потребен ни е закон што ќе ја зајакне автономијата, ќе го стави знаењето над политиката и ќе инвестира во истражувања и вистински квалитет.

Во спротивно, ќе продолжиме да ги испраќаме најподготвените кадри надвор , и ќе се прашуваме зошто си заминуваат. А доминантионт дискурс ќе продолжи во насока на партиска послушност и припадност, далеку од европски те стандарди на високо образование. – стои во објавата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close