Македонска бура во кофа „хибридна“ вода

Македонската присобрана опозиција настојува со сите расположливи средства да ги здружи силите за да ја засили бурата на политичката сцена, во која ќе биде потопен владиниот брод.  Со какви ветувања? Дека ќе го урне режимот, при што, напоредно со неговото неповратно тонење, од матните водени длабочини, исполнети со децениски транзициски валканици, ќе исплови опозицискиот брод насочен кон светилникот на слободата, демократијата, економскиот развој и владеењето на правото.

Но каква е веродостојноста на понудата, што како алтернатива ја нуди необично хетерогениот состав на актуелниот опозициски блок во Собранието? Дали се направени посериозни напори ВМРО-ДПМНЕ да се ослободи од сопствената невкусна кадровска мимикрија и од баластот на негативните конотации околу нивното повеќегодишно владеење, поврзани со системска корупција, злоупотреба на институциите на сите нивоа и шиканирање, репресија и политички мобинг на неситомислениците? И дали, на пример, предреволуционерните превратнички пароли на Левица и закани кон поединци и групи во општеството имаат иднина во модерна Европа?

Поразот на коалицијата предводена од СДСМ на локалните избори се поврзува со големите незадоволства меѓу избирачите поради политичките промашувања, корупциските скандали, злоупотреби и непотизам. Сите веќе знаат, вели Таравари, дека „хибридниот“ брод на Заев тоне, па и ако исплива, нема да може да „преживее повеќе од четири-пет месеци“. Но дали сите во сегашната опозиција јасно и недвосмислесно се дистанцираат од „дострелите“ на претходниот децениски долг хибриден систем во „заробената држава“, од која претходно потонатиот владин брод се чини сè уште успева да се одржува,  иако можеби само како порозно кајче во кое нашол засолниште премиерот бегалец, некаде на површината на водите меѓу Будим и Пешта?

Виктор Орбан и неговата партија Фидеш се несомнено значаен инспиратор на голем број сестрински партии и политички структури во десниот популистички блок во Европа, каде што се вбројува и ВМРО-ДПМНЕ. Вреди да се укаже, колку за потсетување, дека бизарните пораки и тврдења на Орбан, дека милјардерот Сорос се обидува да ја уништи земјата, наидуваа на интезивно копирање и тврда имплементација во македонската реалност во текот на владењњето на вмро-овскиот режим.

Но Орбановите приврзаници не се главно сконцентрирани во земјите во Источна Европа, кои сè уште се мачат со„транзициското“ наследство од времето на комунизмот. Британскиот политичар Најџел Фараж, познат по своите евроскептични ставови, тврдеше дека би гласал за Орбан, доколку би бил Унгарец. Уште подалеку отиде Стив Банон, поранешен стратешки советник на Доналд Трамп, според чии зборови Орбан е „јунак“ и „најзначајната личност на политилката сцена во овој момент“. Ниту Марин Ле Пен, лидер на француската екстремно-десничарска партија Национален Фронт, не го криеше своето воодушевување од средбата со Виктор Орбан, нагласувајќи дека се отвораат нови можности за подклабока соработка меѓу националистичките партии што заговараат намалување на моќта на ЕУ врз земјите-членки. Ле Пен, која веројатно ќе биде и главен конкурент на Макрон во борбата на изборите за функцијата претседател на Франција, е позната и по своите негативни ставови во однос на натамошното проширување на евроинтеграциите и приемот на на нови членки.

Орбан, кој долго време не сакаше да биде доведен во врска со екстремните десничари, несомнено и понатаму успева да инспирира соработка и воодушевување од неговите ставови на разни места во Европа. Унгарскиот социолог Јозеф Борош смета дека објаснувањето за успесите на Фидеш се директно поврзани со катастрофалниот неуспех на неолибералниот пројект, што беше започнат во Унгарија со процесот на демократизацијата, по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Водечките политичари тогаш ветуваа брз економски развој, преку кој Унгарија ќе ја стигне Западна Европа. Така беше мотивирана и приватизацијата и продажбата на јавните добра и фабриките, и ектсремната дерегулација на пазарот на трудот. Резултат на тоа е екстремното богатење на унгарската елита, а едновремено многумина луѓе се потиснати во сиромаштија, со постојано зголемување на економските разлики и појава на нови форми на корупција.

Нема никакво сомневање дека во овој опис сигурно ќе можат да се препознаат и протагонистите на спроведената, со исклучително болни искуства, приватизација во Македонија, меѓу кои се и оние што денеска се едни од најгласните критичари на економските промашувања на актуелната влада.

Денес во Унгарија, според Борош, најмногу носталгија за поранешниот таканаречен „гулаш-комунизам“, и „најсреќната барака во Советскиот лагер“, е присутна меѓу членовите и симпатизерите на Фидеш. Тоа што ја карактеризира Унгарија е всушност сè уште недовлната моќ на прогресивните сили во опозицијата, а напоредно на тоа синдикатот е раздробен, со слабо и разединето работничко движење. Со други зборови, десно ориентираните, националистички успеси на Фидеш се резултат на реакцијата поради пазарните неуспеси, но исто така се должат и на фактот дека левицата не успеала да формулира посилна алтернатива.

Малку нова надеж сега внесува кандидатот на здружената унгарска опозиција за премиер Петер Марки-Зај, бидејќи, според анкетите, на изборите во април идната година се очекува неизвесна битка меѓу неговата опозициска коалиција и Фидеш.  Интересно е дека Марки-Зај изјави дека, доколку победи на парламентарните избори следната пролет, планира да ги екстрадира во нивните матични држави криминалните мигранти, меѓу кои и поранешниот македонски премиер.

Само се поставува прашање кај кого би бил вратен Груевски, доколку расчистувањето на облаците и маглата спуштени пред бродовите што моментно „тонат“, или пак „испливуваат“ од македонската политичка бура, заврши со уште една кофа исцедени хибридни валканици, сокриена во некој агол по завршената борба за освојување на сјајните и удобни владини фотелји.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close