Македонска делегација во Баку – разговори за климатa

Македонска делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во чиј состав се првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ќе присуствуваат на 29-тата Конференција на страните на Конвенцијата на ОН за климатски промени COP29) во главниот град на Азербејџан, Баку.

„Во рамки на учеството на самитот, претседателката Сиљановска Давкова ќе се обрати на првата пленарна сесија и предвидено е да оствари повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, како и средби со претставници на меѓународни организации“, соопшти нејзиниот кабинет.

Главна точка во разговорите меѓу претставниците на земјите учеснички ќе биде обезбедувањето финансии што се потребни да им се помогне на земјите во развој за да се прилагодат на климатските промени и да ги спроведат мерките потребни за постигнување на климатските цели.

Новинските агенции пренесуваат оценки дека на конференцијата (која ќе трае до 22-ри ноември), не се очекува разговорите да бидат лесни, имајќи го предвид претстојното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа и загриженоста дека тој би можел по втор пат да ги повлече САД од Парискиот климатски договор, но и поради фактот што конференцијата се одржува во фонот на војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток.

Во исто време научниците предупредуваат дека забрзано истекува времето за наоѓање решенија за климатската криза, со оглед дека годинава беа поставени нови температурни рекорди, а природните катастрофи поврзани со екстремни климатски настани однесоа илјадници животи, за што последен пример се поплавите во Шпанија.

 

Слонот во собата

Минатогодишниот СОР28 одржан во Дубаи помина во знакот на договарање ангажман за транзиција од фосилни горива во енергетските системи на земјите. Но, спротивно на тоа, и користењето, и извозот на фосилни горива, продолжува да расте. И покрај оценките на Меѓународната агенција за енергија дека светскиот максимум во употребата на фосилни горива ќе биде достигнат пред 2030 година благодарение на ширењето на чистите технологии, многу земји и компании не се оддалечуваат од загадувачките извори на енергија. Според априлскиот Извештај на „Глобал енерџи монитор“ глобалните капацитети на електраните на јаглен во 2023 година забележале раст од два отсто и се на историскиот максимум. Иако Кина гради двојно повеќе капацитети за соларна и ветерна енергија, земјата лани додала и 47 гигавати нови производствени капацитети на јаглен, а на тој план на второ и трето место се Индија и Индонезија.

 

И покрај очекувањата дека некои земји може да извршат притисок да биде запрено издавањето дозволи за нови постројки на јаглен, на СОР29 е малку веројатно дека ќе бидат договорени крајни датуми или покатегорични ангажмани за таа цел, со што централите на јаглен и натаму остануваат „слонот во собата“.

 

Целта на Конференцијата е посилна акција за ограничување на емисиите на јагерод диоксид (CO2), а земјите ќе имаат можност да ги претстават своите ажурирани национални акциски планови за борба на тој план, но и да ги посочат проблемите со кои се соочуваат на тој план.

Емисиите на CO2 за 2023 година покажуваат дека земјите на ЕУ се со удел од 6.4% од вкупните емисии на глобално ниво (Германија е со 1.5%), Кина е со 34%, САД со 12%, Индија со 7.6%, а Македонија има само 0.02% удел во вкупните емисии создадени во 2023 година.

 

Ни треба финаниска поддршка

На 9-тата годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа што во септември се одржа во Вашингтон, министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити изјави дека Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија. Но, потенцираше дека тоа е процес кој бара и финансиска и техничка поддршка.

„Преминот од јаглен до 2050 година бара силна финансиска и техничка поддршка. Помошта и финансирањето се клучни за трајна трансформација и за обезбедување правична транзиција за погодените заедници“, рече Меџити.

Според него, забрзувањето на енергетската транзиција бара трансатлантска посветеност, со помош за подобрување на регулаторните рамки и енергетската инфраструктура. Создавањето зелени механизми за финансирање би го олеснило оддалечувањето од јагленот и развојот на чиста енергија, додека регионалната соработка преку Енергетската заедница би помогнала да се дизајнираат заеднички стратегии за оваа намена.

 

Поголемо финансирање

На крајот на оваа година истекува обврската на страните во конвенцијата да обезбедат 100 милијарди долари годишно за климатско финансирање на земјите во развој. Но, расте недовербата меѓу земјите најранливи на ефектите од климатските промени кон можноста да бидат испорачани побрзи и функционални решенија. Во август Папуа Нова Гвинеја објави дека нема да учествува на COP29 во знак на протест поради недостигот на брза поддршка за жртвите на климатските промени.

Целта што си ја поставуваат преговарачите во Баку е да договорат неколку пати поголемо финансирање од тековните ангажмани според т.н. Нова колективно квантифицирана цел (New Collective Quantified Goal – NCQG).

Повеќе од 100 светски лидери го потврдиле своето присуство на конференцијата, но според новинските агенции таму нема да присуствува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која се подготвува за нејзиниот втор мандат, ниту францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во Делегацијата на ЕУ што ќе ја предводи претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, се европскиот комесар за клима, Вопке Хукстра, (кој пред неколку дена успешно го помина сослушување пред Европскиот парламент за да го води ресорот во нов мандат) и европската комесарка за енергетика, Кадри Симсон. Американскиот претседател Џо Бајден втора година по ред ќе отсуствува од Конференција за климатски промени.(dw)

Back to top button
Close